Плата од 100 илјади денари за докторите специјалисти

Фото: Принтскрин колаж vlada.mk

До 2020 година платите на докторите специјалисти во терциерното здравство скалесто ќе се зголемуваат и ќе изнесуваат минимум 100.000 денари, односно 1.600 евра

[ИЗВОР: Изборна програма на СДСМ „План за живот во Македонија“, стр.138 и стр. 226 , датум:декември 2016]  

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

За предвремените парламентарни избори во декември 2016 година, СДСМ вети дека „платите на докторите специјалисти во терциерното здравство скалесто ќе се зголемуваат и до 2020 година ќе изнесуваат минимум 100.000 денари“. Ова изборно ветување на социјалдемократите, кое се споменува на две места во нивната изборната програма „План за живот во Македонија“( стр.138 и стр.226),е исполнето.

Министерството за здравство, Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита и Синдикатот на Клинички центар минатата недела  постигнаа договор за измените и дополнувањата во Колективниот договор за здравствена дејност. Овој договор е потпишан неколку дена пред почнување со работа на техничката Влада и според него,  од први февруари оваа година (2020) се зголемува коефициентот на сложеност, а со тоа и додатокот на плата за дежурства.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера (08.01.2020)  на прес-конференција соопшти дека од  први февруари специјалистите ќе примаат плата од 100 илјади денари.

Веќе сега на некои клиники, каде што има голема комплексност, на пример, хируршките клиники, со дежурствата платата достигнува 100 илјади денари. Но, од февруари на сите клиники платата ќе биде 100 илјади денари, некаде може да се надмине, а сериозно ќе се доближи помеѓу 85 и 110 илјади денари во зависност од дежурствата во општите болници во земјата,  информираше министерот Филипче.

Како што беше кажано, освен  специјалистите, повисоки плати ќе добијат и наставниот кадар, општите лекари, медицинските сестри, здравствените соработници и помошно-техничкиот персонал.

На пресот Филипче појасни дека:

Со најновите измени и дополнувања во колективниот договор за здравствена дејност направено е значително зголемување на коефициентот на сложеност, со што се зголемува и додатокот на плата за дежурства. Со овие измени опфатен е и помошно-техничкиот персонал. Со февруарската плата зголемувањата се следни: наставниот кадар добива 20 отсто зголемување; лекарите специјалисти 25 отсто; општите лекари 15 отсто; медицинските сестри 10 отсто; здравствените соработници 5 отсто; помошно-техничкиот персонал 5 отсто.

Морам да потенцирам дека со ова зголемување на коефициентите на сложеност се зголемуваат и процентите за исплата на дежурствата. Во однос на тоа што беа во 2018 година, сега во овој момент се зголемени од 3 до 4 пати. Од февруари ќе бидат зголемени од 4 до 5 пати.

Имајќи го предвид сето ова ветувањето на СДСМ за зголемување на платите на докторите специјалисти  на 100.000 денари, го сметаме за исполнето.

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција