Платите речиси и не растат со отворањето на новите работни места

Никола Груевски е сигурен во поврзаноста на вработувањата со платите - фактите велат поинаку. Фото: скриншот

 

 

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ и екс премиер Никола Груевски, зборувајќи за отворањето нови работни места во Македонија изјави:

Индиректно, ваквите отворања на нови работни места постепено ќе доведуваат до притисок на пазарот на работна сила во правец на зголемување на платите на работниците. Ова ќе се случи затоа што колку помалку има невработени, толку повеќе ќе расте цената на трудот. И обратно. Кога има премногу луѓе што по секоја цена бараат работа, цената на трудот опаѓа. Ова, пак, ќе значи подигнување на заработувачката и на животниот стандард на населението… Значи, патот до реално повисоки плати и повисок животен стандард оди преку намалување на невработеноста, што истовремено мора да е проследено и со зголемување на продуктивноста. А токму тоа се случува во овие години.

[Извор: Телеграф – Мега интервју со Никола Груевски (5 дел) – Датум: 30. мај, 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Никола Груевски, претседател на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер кој на тоа место беше во изминатите речиси 10 години до јануари годинава, во мега интервјуто за порталот „Телеграф, тврди дека политиките на Владата за отворање нови работни места „постепено“ ќе доведат до зголемување на платите, што е полувистина.

Груевски зборувајќи на темата изјави дека дошло до драматично намалување на невработеноста (Стартувавме со околу 38 отсто невработеност, а ја сведовме на 24,6 отсто. Од вкупно 560 илјади вработени луѓе во земјата во 2006, стигнавме до над 710 илјади, или над 150 илјади новоотворени работни места) за потоа да го изведе заклучокот дека „индиректно, ваквите отворања на нови работни места постепено ќе доведуваат до притисок на пазарот на работна сила во правец на зголемување на платите на работниците“.

Но еден статистички показател преземен од Министерството за финансии, а врз основа на податоци од Државниот завод за статистика, кажува дека тврдењето на Груевски е мошне сомнително. Еве ги наодите на Министерството за финансии:

 

 

Впрочем и друг поглед врз статистичките показатели на Државниот завод за статистика, оној за вкупните приходи што ги имаат домаќинствата по години, вклучувајќи ги и паричните средства остварени од редовен и повремен работен однос, покажуваат дека бројките се поместуваат со „брзина на полжав“, а има и години, како во 2014, каде што дел од приходите биле намалени, што само ја потврдува делумната вистинитост на изјавата на Груевски.

Па, така, на пример, во 2011 година, вкупно расположивите средства изнесувале околу 323,9 илјади денари, при што средствата на располагање од редовен работен однос изнесувале околу 195,4 илјади денари. Во исто време, потрошувачката на домаќинствата во просек изнесувала околу 352,2 илјади денари, односно за околу 2 илјади повеќе од вкупно расположливото.

Во 2012 година, расположливите средства по домаќинство изнесувале околу 328,4 илјади денари, при што паричните средства остварени од редовен работен однос околу 206,6 илјади денари. Во истата година, просечно домаќинство потрошило околу 339 илјади денари, што е над вкупно расположливите средства.

Следната 2013 година според истиот Статистички годишник на Државниот завод за статистика, расположливите средства по домаќинство изнесувале околу 343 илјади денари, при што паричните средства остварени од редовен работен однос во таа година во просек изнесувале околу 207,4 илјади денари. Вкупната потрошувачка по домаќинство во 2013 година иизнесувала околу 313 илјади денари, што значи дека оваа година граѓаните решиле нешто да заштедат.

Во 2014 година расположивите средства и приходите од редовен работен однос по домаќинства бележат благ пад. Па, така, вкупните расположиви средства биле околу 336,3 илјади денари, додека средствата остварени од редовен работен однос изнесувале во просек околу 205,6 илјади денари, што е за околу 2 илјади денари годишно помалку од претходната 2013 година. Во исто време, просечно домаќинство потрошило повеќе од вкупно расположливите средства и таа потрошувачка изнесувала околу 356 илјади денари, односно за околу 20 илјади денарии повеќе од што имале на располагање, во текот на годината.

Овие статистички показатели укажуваат на најмалку две нешта поврзани со растот на платите за кои зборува Груевски. Прво, дека тоа се минимални проценти, дека во тие процеси има и обратни трендови, но и тоа дека домаќинствата употребуваат и повеќе средства од расположливите, што значи дека живеат на кредит или од други невидливи извори кои влегуваат во сивата економија. При овие наведени бројки, исто така, треба да се има предвид дека станува збор за просеци и дека кај употребените средства спаѓа и делот на штедење во просек годишно по домаќинство.

Дека покачувањето на платите, со тоа и вкупните расположиви средства кај поединците и домаќинствата не мора да биде врзано со отворањето нови работни места, туку со зголемување на платите кај постојните во некои гранки што не се поврзани директно со нови работни места, може да зборува и статистичкиот извештај на Државниот завод за месец март, во кој се наведува дека бруто платата во март годинава, во однос на март 2015 годинa, а изнесува со индекс 103.0, (значи зголемување), при што тоа зголемување се должело, пред сè, на неколку сектори, од кои првиот е „административни и помошни услужни дејности“:

Ваквото зголемување се должи, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во секторите: Административни и помошни услужни дејности (16.5%), Информации и комуникации (13.1%) и Градежништво (12.8%).

Или, може, за пример, да се погледне и истиот таков извештај, само за октомври 2015, споредено со октомври 2014, каде исто така се вели дека пораснале платите за индекс 103,1, при што тоа зголемување се должи на следниве сектори:

Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Уметност, забава и рекреација (11.9%), Рударство и вадење на камен (7.8%) и Стручни, научни и технички дејности (7.6%).

Како што може да се види, зголемувањето се должи, пред сè, на „Уметност, забава и рекреација“, што не асоцира дека било поврзано со отворање на нови работни места во овој сектор со директни или индиректни мерки на владата за вработување.

За проверката на изјавата на Груевски може да послужи и податокот од Управата за јавни приходи за просеците на бруто плата по години врз основа на кои се прават пресметки за даноците кон државата. Според оваа табела се гледа дека бруто просечната плата за пресметка навистина пораснала од 27.507 во 2009 година на 31.644 илјади денари во 2015 година. Но, ако се земе предвид дека бројот на администрацијата во истиот период е зголемен за неколку десетина илјади, ако, исто така, се земе предвид дека со или без штрајкови во многу сектори што се директно или индиректно под буџетот на државата, се зголемуваа платите најмалку по еднаш годишно (здравство, полиција, војска, државна администрација, образование…), би можело да се објасни ова придвижување од околу 4 илјади денари бруто за период од 7 години. Впрочем и законска обрвска е „државните“ плати (и пензиите) да се усогласуваат со нивото на инфлација и да ги следат трошоците, а тие индикатори, иако минимални на годишно ниво, сепак, се во сферата на зголемување, а не на застој или намалување.

Поради сè погоре изнесено, изјавата на Груевски ја оценуваме само како полувистина, особено ако се имаат предвид и статистиките што ги изготвуваат по некои други параметри, спред кои во индустриските зони, каде што има најмногу отворени нови работни места, просечните плати се пониски од оние во домашните фирми.

Напомена: За линковите од ДЗС, бројките наведени во текстот се преземени од секцијата „Приходи, потрошувачка, цени“.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција