„Плева“ од медиуми и „плевел“ од медиуми
Груевски на граѓаните им подметнува лоши аргументи, надевајќи се дека ќе го земат здраво за готово и нема критички да го промислат и анализираат неговото аргументирање. Со патетичните примери за вселенскиот брод на Заев и авионот на Рада, како и секој политичар-пропагандист, Груевски очигледно користи манипулативен јазик, а прави и злосторство против логиката
Пишува: Зоран ДИМИТРОВСКИ
На прославата на 23-годишнината на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на партијата со иронија и апсурдни досетки го нападна ставот на опозицијата дека во Македонија владее диктатура.
Како што рече Груевски „во таа диктатура, замислете, лидерот на опозицијата имал 6-7 милиони евра капитал… Aуди од 100.000 евра, богатство кое го стекнал за време на владеењето на ВМРО… Шекеринска има стан од 200 квадрати, викендици, скапи коли. Дури и за станот во кој самата живее, некој и плаќа кирија од над 5.000 евра месечно… Што ли ќе возеше Заев да немаше диктатура, вселенски брод, директно од Струмица, на Месечината. Па тек Рада кога ќе го земеше авионот, од држава во држава, Европа да ја среди, батали ти Македонија, од еден на друг тениски турнир, демократски, а не вака диктатура… Колку ли кирија ќе добиваше за станот во кој живее. Не би го издала она под 10 илјадарки, да не беше оваа диктатура, нели?“, рече меѓу другото Груевски.
ИНФАНТИЛНИ И НЕИНВЕНТИВНИ ДОСЕТКИ
Настрана инфантилните и неинвентивни досетки – вселенски брод, Mесечина, авиони. На Груевски одамна не му оди со хуморот. Но, многу поважно е дека тој на граѓаните им подметнува лоши аргументи, надевајќи се дека ќе го земат здравозa готово и нема критички да го промислат и анализираат неговото аргументирање. Со овие примери, како и секој политичар-пропагандист, Груевски очигледно користи манипулативен јазик, а прави и злосторство против логиката.
Тоа што лидерите на опозицијата се богати никако не може да биде доказ дека во државата има демократија или дека нема диктатура. Станува збор за ужасно лошо и манипулативно дефинирање на поимите диктатура или демократија. Диктатурата или демократијата се начини на владеење, кои најмалку може да се сведат на богатство или сиромаштија. Во историјата имало богати диктатури, како Чиле во времето на генералот Пиноче, а има и сиромашни демократии, како, на пример, Индија. Авторитарната матрица на Груевски очигледно сака да ни сугерира дека народот пет пари не дава за начинот на владеење зашто тоа не треба да го засега. Типично диктаторски.
Сепак, диктатурата или демократијата ги засегаат сите граѓани во државата, а не еден или двајца лидери на опозицијата и нивниот економски и финансиски статус. Што е, значи, диктатура за Груевски? Лидерите на опозицијата да живеат во сиромаштија!? Што е, пак, демократија? Заев и Рада да можат непречено да се богатат за време на владеењето на ДПМНЕ? А, што е со народот? Тој може да си остане сиромашен? Или можеби е богат?!
„ЦРВЕНА ХАРИНГА“ ИЛИ ОДВЛЕКУВАЊЕ НА ВНИМАНИЕТО
Тврдењето дека Заев и Рада се богати може да биде аргумент во друга расправа. Да речеме, ако премиерот сака да докаже оти тие нечесно го стекнале своето богатство, како што вели Груевски – за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Но, каква врска има тоа со демократијата? Ако Заев и Рада нечесно го стекнале богатството, на што Груевски цели, тогаш зошто власта тоа им го дозволила? Зошто државните институции за време на ДПМНЕ го легализирале „Глобал“ и зошто не покренале кривични постапки против „кланот Заеви“ за сите нелегални бизниси, тендери во Општина Струмица, итн. со кои ја бомбардираа јавноста? Дали Груевски со тие постапки сака да ја дефинира демократијата како отсуство на правната држава или беззаконие за време на неговата власт? Ни сугерира ли тој оти органите на прогонот им прогледуваат низ прсти на лидерите на опозицијата? Дали власта ги привилегира Заев и Шекеринска? Дали намерно не ги гони за „сторените кривични дела“ за да може премиерот пропагандистички да ги отстрелува во своите говори?
Очигледно е оти не е така, туку кога Груевски зборува за богатството на Заев и Рада, тоа го користи за да го одвлече вниманието. На тој начин прави крупна логичка грешка која има честа употреба во политиката, а во теоријата се нарекува „црвена харинга“. Оваа логичка грешка го добила името по тоа што ловците на лисици истурале црвени харинги (риби) по една шумска патека по која врвеле нивните кучиња трагачи. Преку силниот мирис на харингите ловците им го одвлекувале вниманието на кучињата, кои на тој начин го развивале своето чувство за полесно да ја откријат трагата на лисиците по друга патека.
Значи, Груевски не ги напаѓа аргументите на Заев и Рада дали има диктатура или демократија во Македонија, туку посочува на нивното богатство, одвлекувајќи го вниманието на публиката на која ѝ се обраќа. Тоа е недозволено и лошо аргументирање кое добриот критички мислител веднаш го препознава.
Но, каква смисла има воопшто посочувањето на богатството на лидерите на СДСМ? И зошто Груевски потсмешливо го споредува со алузиите за „средна класа“, една од главните политички цели на СДСМ? Не може ли богати лидери да се борат за целите на сиромашниот народ? Што мајка барал тогаш богаташот Енгелс во комунистичкото движење на Маркс? И дали лидерот на ДПМНЕ сака да го проскрибира богатството воопшто? Или можеби тој сака да им соопшти на граѓаните дека богатството кај лидерите на опозицијата е ерес, зашто тие се социјалдемократи, а кај власта е во ред, зашто тие се конзервативци и капиталисти? И дали на ДПМНЕ богатството му прилега, без оглед како е стекнато, а на СДСМ – не!
„ПЛЕВА“ ОД АГИТ-ПРОП
За волја на вистината, премиерот се обиде да понуди и докази дека во Македонија, сепак, немало диктатура. Но, неговите докази, за жал, не се релевантни на заклучокот оти во Македонија има демократија. Како што рече Груевски, во Македонија имало „плева од телевизии и весници, портали … стотици луѓе дневно преку контактни отворени програми на медиумите може да кажат се што сакаат и да критикуваат сѐ што им смета… имаме најчесни избори споредени со кои било во минатото…“
Арно ама, „плевата од телевизии, весници и портали“ не е релевантен доказ дека во државата има слобода на изразување и слободни медиуми, како предуслов за демократија. Таа е доказ дека има „плева“ и ништо повеќе. А, може да има „плева“ и притоа да има и плевел! Што ако можеш слободно да си го кажеш своето мислење во „плевата“, ако твоето мислење нема шанси да допре до најшироката јавност. На доминантните ТВ канали, кои ги следи огромното мнозинство гледачи, нема различно мислење. Значи, вистинското прашање е дали различното мислење допира до најшироката јавност, да речеме преку јавниот сервис – МТВ, а не дали има „плева“ од медиуми.
Не е јасно каде премиерот ги гледа „стотиците луѓе дневно“ кои можеле да кажат што сакаат во контактните програми? На МТВ, на Канал5, на Сител? И каков доказ за демократија е паушалниот став дека сме имале „најчесни избори“ кога извештајот на ОБСЕ „вришти“ од забелешки за изборни манипулации и прекршување на изборната волја на граѓаните! Мала утеха е и забелешката на Груевски за „чесните избори“ – „споредени со минатото“, зашто и да е така, а премиерот не нуди никакви докази оти е, настаните од минатото не можат да бидат оправдување за она што се случува сега. Станува збор за логичка грешка – две лоши работи не прават арно! Тоа што изборите не биле чесни во минатото, не оправдува нечесни избори денес.
За да бидеш добар политичар треба да имаш врвни пи-ар способности. Џабе ти е добра политичка програма ако народот не ги разбере одлуките што ги носиш. Но, за власта на ДПМНЕ, пренесувањето на пораките до народот е поважно дури и од политичките потези што ги влече. Владејачкиот пи-ар, пак, е рамен на политичка пропаганда во смисла на уметност на мамење на публиката. За добриот пропагандист нема лага што не може да ѝ се продаде на публиката. Лагата, пак, полесно минува ако комуникацијата со граѓаните е диригирана, еднонасочна и контролирана, а агитпропот на ДПМНЕ има совршени методи на манипулација и контрола. Сепак, не може секаде да помине.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар