По ИПА, проблеми и со ИПАРД?

Трошењето на европските пари во земјоделството исто така под прашалник. Фото: Pixabay

По објавата дека Европската комисија ги намалува средствата од ИПА фондовите поради отстуство на реформи, сега се отвора и прашањето за начинот на кој се трошеле парите и од ИПАРД програмата за земјоделците.

 

 

Пишува: Анета Додевска

 

Македонија, односно властите, добија јасен сигнал од страна на европските ревизори дека е потребна политичка волја за спроведување реформи и намалувањето на европските пари преку ИПА фондовите е една од тие пораки. На ваков начин претставникот на делагацијата на ЕУ го потврди ставот на Европската комисија, која веќе посегна по намалување на средствата од ИПАРД. Дома институциите се со различен став, нагласува неделната економска анализа на Portalb.mk.

Од финансиската полиција соопштија дека има истрага за два случаја поврзани со можни злоупотреби на европските пари. Јавното обвинителство тврди дека се води предистражна постапка, а надлежната Агенција за финансиска поддршка во земјоделството вели дека не се работи за истрага, туку за спречен обид за злоупотреба на парите.

 

МНОГУ ПАРИ НА РАСПОЛАГАЊЕ, СЛАБА ИСКОРИСТЕНОСТ…

Според потпишаните спогодби меѓу Владата и Европската комисија, во периодот од 2007 година до 2011 година на Македонија на раполагање ѝ биле 45.700.000 евра, а сумата од година в година постојано се зголемувала. Парите за земјоделскиот сектор, според условите од финансиерите, главно се наменети за „инвестиции на земјоделските стопанства со цел нивно преструктуирање и надградба за достигнување на стандардите на ЕУ, како и за инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделските производи во согласност со стандардите на ЕУ“.

По објавата дека Европската комисија ги намалува средствата од ИПА фондовите поради отстуство на реформи, сега се отвора и прашањето за начинот на кој се трошеле парите и од ИПАРД програмата за земјоделците.

Во Македонија веќе се водат неколку истраги за кривичното дело ,измама на средствата од европските фондови’. Има детекција на неправилности, кои редовно преку системот се доставуваат до надлежните институции и, како што кажав, лоцирани се и неколку случаи на потенцијални измами и за нив веќе се водат истраги. Главно случаите за кои се водат истраги или предистраги веќе се во надлежност на Јавното обвинителство, а опфатени се фабрики и земјоделски комбинати кои набавувале опрема која не е во согласност со европските стандарди, односно користење на средства од петттата мерка предвидена со ИПАРД. Од страна на Финансовата полиција постапката е завршена,  случаите се во Јавното обвинителство, што значи дека обвинителството си ја врши својата работа, вели за Portalb.mk директорот на Финансиската полиција Александар Тргачевски.

Јавното обвинителство не сака да соопшти детали, со образложение дека станува збор за предистражна постапка, но од надлежната Агенција за финансиска поддршка во земјоделството се огласија дека воопшто немало злоупотреби.

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој откри сомнителни случаи за обид за измама при користење средства од ИПАРД програмата и тие се проследени до Управата за финансиска полиција, како надлежен орган за спроведување истрага. По откривањето на сомнителните случаи, сопрена е исплатата за цел контигент на овој вид механизација, во насока на заштита на финансиските интереси на Европската унија и на Македонија, сооштија од платежната агенција.

 

ЗА ПЕТ ГОДИНИ ПОТПИШАНИ 178 ДОГОВОРИ

Во периодот 2009-2013 година, според информациите од Секретаријатот за европска политика, спроведени се вкупно 8 јавни повици, што резултирале со потпишување на 178 договори помеѓу Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и крајните корисници.

Прашањето за начинот на кој се користеле европските пари од ИПАРД се актуелизира кусо време откако Европската комисија соошти дека на Македонија ѝ се намалуваат средствата од ИПА за повеќе од 100 милиони евра.

Неодамна Европската комисија ја објасни загриженоста во однос на непланирањето во клучните сектори, немањето политичка определба за секторски реформи и по општите определби и затоа Комисијата реши да ја намали финасиската поддршка за 2016 година, како и да не продолжи со уште еден проект. Европскиот суд на ревизори пред две недели упати на потребата властите да покажат политичка волја да продолжат со реформите, за да може европската помош да биде поефикасна, изјави за Portalb.mk претставникот на делегацијата на ЕУ Мартин Клауке.

Според него, треба да се подобри и да се поработи на свесноста на лицата кои се дел од администрацијата задолжена за следење на неправилностите при користење на европските пари и детектирање на можните измами.

Еден од тие случаи кои веќе се отворени од страна на европските истражители е и „Актор“ – проект кој се потпира на пари од ЕУ фондовите и финансиерите.

Истражителите на ОЛАФ имаат постапувано веќе во неколку претходни ситуации кога постоел сомнеж за измама во случаите на управување со европските фондови за европски образовни програми и мобилност, како и претпристапната помош во инфраструктурните проекти (случајот Актор). Како резултат на такви и слични истраги, две години беа суспендирани европските пари за Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, изјави недамна за Portalb.mk Бојан Маричиќ од Меѓународниот центар за европско образование.

Според Владата, намалувањето на средствата од ИПА е последица од политичката криза, која ја предизвикала опозициска СДСМ.

На Македонија не ѝ се одобрени средства поради внатрешните случувања во Европската унија и поради политичката криза во земјава. Владата ќе најде начини да го компензира недостатокот за да ги реализира предвидените проекти, изјави техничкиот премер Емил Димитриев.

Искористеноста на средствата од ИПА1, за периодот 2007-2013 година, изнесува 61,8 отсто. Имено, според податоци од Владата, вкупната сума на повлечени пари изнесува 614,7 милиони евра, пришто се склучени 957 договори во вредност од 379,8 милиони евра. До крајот на 2017 година остануваат да се искористат уште 97 милиони евра од оваа програма, со што искористеноста би се движела од 75% до 80%.

Со ИПА 2 2014-2020 година, во чии рамки има осум сектори, од вкупно 664 милиони евра, предвидени во националниот стратешки документ на Република Македонија, досега се испрограмирани средства во износ од 445,6 евра.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција