По усвоената интерпелација на јавниот обвинител: Коцевски со штитот или на него?
Интерпелацијата е изгласана, ама таа нема обврзувачко дејство – разрешувањето на државниот обвинител е возможно само преку процедура уредена co Законот за јавното обвинителство и не предвидува можност за политичка одговорност – каква што е интерпелацијата. Владата може да поднесе предлог за негово разрешување до Собранието, но претходно мора да добие позитивно мислење од Советот за јавни обвинители, а конечната одлука ќе ја донесат пратениците во парламентот. Има и опција државниот обвинител самиот да си поднесе оставка. Од владејачката партија го повикаа да го стори тоа. СДСМ му порачаа дека од него зависи дали по интерпелацијата ќе биде со штитот или на него
Интерпелацијата е изгласана, ама таа нема обврзувачко дејство – разрешувањето на државниот обвинител е возможно само преку процедура уредена co Законот за јавното обвинителство и не предвидува можност за политичка одговорност – каква што е интерпелацијата. Владата може да поднесе предлог за негово разрешување до Собранието, но претходно мора да добие позитивно мислење од Советот за јавни обвинители, а конечната одлука ќе ја донесат пратениците во парламентот. Има и опција државниот обвинител самиот да си поднесе оставка. Од владејачката партија го повикаа да го стори тоа. СДСМ му порачаа дека од него зависи дали по интерпелацијата ќе биде со штитот или на него
Собранието му изгласа недоверба на државниот обвинител Љупчо Коцевски, но дали тоа значи и негово разрешување? Прифаќањето на интерпелацијата поднесена од Левица, а поддржана и од ВМРО-ДПМНЕ, отвори недоумици дали политичката одлука донесена со 71 гласа „за“ и без ниту еден „против“ и „воздржан“, значи по автоматизам и крај на мандатот на Коцевски? Во конкретниот случај ситуацијата е покомплексна. Итерпелацијата е изгласана, ама таа нема обврзувачко дејство – разрешувањето на државниот обвинител е возможно само преку законска процедура.
Собранието не може така лесно да разреши државниот јавен обвинител. Постапката за избор и разрешување на државниот обвинител е уредена co Законот за јавното обвинителство донесен во 2020 година и не предвидува можност за политичка одговорност, каква што е интерпелацијата. Владата може да поднесе предлог за негово разрешување до Собранието, но претходно мора да добие позитивно мислење од Советот за јавни обвинители, а конечната одлука ќе ја донесат пратениците во парламентот. Има и опција државниот обвинител самиот да си поднесе оставка.

Што точно вели Законот за јавното обвинителство?
Според членот 63 став 3 од Законот, Советот на јавни обвинители треба да даде мислење за предлогот на Владата за именување и разрешување на државниот обвинител.
Во членот 87 од Законот се наведуваат причините за престанок на функцијата: сопствено барање, губење на државјанство, трајна загуба на способноста за вршење на функцијата, старосна пензија, избор на друга функција, правосилна пресуда со најмалку шест месеци затвор
Во членот 88 од Законот е наведена постапката за разрешување и се вели дека Владата по претходно мислење од Советот на јавни обвинители „поднесува предлог за разрешување“, а има можност и Советот сам да поведе иницијатива и да ги образложи причините, околностите и фактите. Овој член предвидува и дека на државниот обвинител може предвреме да му заврши мандатот поради тешка дисциплинска повреда, како и доколку стане член на политичка партија.
Што значи оваа интерпелација?
Адвокатката Сузана Јошевска во емисијата Тема на денот на ТВ Сител кажа дека интерпелацијата сама по себе не значи разрешување на обвинителот, туку е политичка одлука.(0,22 минута од видеото). Таа напомена дека разрешувањето е детално образложено во Законот за јавно обвинителство, дека интерпелацијата за Коцевски е еден вид претстава и нема правно-обврзувачка моќ (1,29 минута од видеото).
Според неа изгласаната интерпелација може да го придвижи процесот за негово разрешување започнат од Владата, или да направи притисок обвинителот сам да си поднесе оставка (1,49 минута од видеото). Јошевска смета дека полесна варијанта е тој да си даде оставка, отколку разрешување, затоа што мислење треба да даде Советот на обвинители, а ова тело еднаш веќе излезе со негативно мислење (5,40 минута од видеото)
Да потсетиме дека Владата во февруари го задолжи Министерството за правда да покрене постапка за разрешување на државниот обвинител Коцевски, но поради истрагата за трагедијата во Кочани, постапката на крајот на март беше прекината. Во меѓувреме Советот на јавни обвинители (април 2025) со мнозинство гласови даде негативно мислење по предлогот на Владата за негово разрешување.
Што велат иницијаторите на интерпелацијата?
Подносителите на интерпелацијата го обвинуваат Коцевски за хаос, нефункционалност, селективност во постапувањето и нарушување на самостојноста на Јавното обвинителство. Пратениците од Левица од собраниската говорница обвинија за селективна истрага за случајот во Кочани, но и за политички влијанија.
Го обвинуваме за селективна истрага, зошто, затоа што чекаше три месеци за да покрене обвинение против актуелни вмровски функционери. Односно, индикативно е тоа што ден после поднесувањето на нашата кривична пријава против премиерот Христијан Мицкоски за попречување на правдата веднаш се отворија истраги за актуелни припадници, началници, инспектори од МВР , кажа Апасиев од собраниската говорница (од 26,01 до 26,27 минута од видеото),
Коцевски, инаку, не го искористи своето право и не се појави во собраниската сала. Тој во писмен одговор до пратениците тврди дека на оваа интерпелација не треба да ѝ се дава третман како и на секоја друга ваква постапка за одговорност на политички функционер, затоа што тој е претставник на третата власт. И Коцевски посочува дека постапката за одговорност на јавниот обвинител е уредена со Законот за јавното обвинителство и не предвидува можност за политичка одговорност каква што е интерпелацијата.
Дека интерпелацијата не е правно обврзувачка смета и СДСМ чија пратеничка група не гласаше за интерпелацијата. Претходно пратеникот Јован Митрески, говорејќи за тоа дали интерпелацијата ќе има правни последици, кажа дека ова зависи од обвинителот, кој самиот треба да одлучи дали ќе поднесе оставка или не:
Ако точката беше одлука за разрешување, ќе отворевме дебата дали сме задоволни или незадоволни од работата на обвинителот, согласно членот 63 став 3 од Законот за јавно обвинителство, каде јасно стои дека Советот на јавни обвинители мора да даде позитивно мислење за разрешување.
Митрески го искористи обраќањето (44,43 до 45,15 од видеото) во Собранието и му упати директна порака до обвинителот:
Вие господине јавен обвинител, вие го водите најголемиот, најтешкиот предмет за најголемата трагедија во поновата историја во Македонија, огромната трагедија со пожарот во Кочани. Граѓаните и сите ние очекуваме вистинска, неселективна правда… Од вас зависи дали после гласањето за оваа интерпелација ќе бидете со штитот или на него. Одлуката е ваша.
За интерпелацијата не гласаа и пратениците од Европскиот фронт уверени дека кој и дојде на местото на Коцевски ќе работи под палката на власта.
ВМРО ДПМНЕ ја поддржа интерпелацијата.
Нема веќе простор за компромиси со неуспехот. Време е за одговорност. Сметаме дека дадената шанса за Љупчо Коцевски е веќе потрошена. Поддршката што тој ја доби не ја оправда. Наместо реформа и интегритет, добивме молк и сервилност кон власта што беше поразена од народот, рече Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
На крајот Собранието усвои заклучок и констатира дека наводите во интерпелацијата за работата на државниот јавен обвинител Коцевски се основани. Овој заклучок треба да се достави до Владата и до државниот јавен обвинител. (1:27:00 минута од видеото)
А, откако вчера му беше изгласана интерпелација во Собранието, од владејачката партија денеска го повикаа државниот јавен обвинител Коцевски да си поднесе оставка.
Го повикуваме Коцевски да покаже грам доблест и да не чека ниту час, туку веднаш да ја прими пораката на Собранието, и волјата на народот преку гласањето во Собранието и да поднесе оставка. Секое понатамошно седење на функцијата спонзорирано од СДС и од ДУИ ќе му го руши и онака слабиот углед и целосно ќе го стави во функција на измеќар и метлар на мафијата, изјави Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Коцевски досега не одговори на повиците од власта да си поднесе оставка по изгласаната недоверба во Собранието.
Тој е на челната позиција во Јавното обвинителство година и пол, избран е во февруари 2024 година, во времето кога мнозинството во парламентот го имаше претходната власт – СДСМ и ДУИ.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар