Почна да се гради новиот мост меѓу Аеродром и Ќерамидница

Фото: Принтскрин колаж - skopje.gov.mk

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов на почетокот од мандатот најави изградба на нов мост на  булевар „АСНОМ“ кај хотелот Русија, преку Вардар, низ населбата Ќерамидница, сè до раскрсницата кај скопското сајмиште.

Градот Скопје ја започна постапката за изградба на коридор за поврзување на Аеродром, Гази Баба и Центар. Пробивањето на овој сообраќаен коридор ќе даде исклучителна развојна компонента на градот и истиот ќе овозможи да патуваме побрзо и побезбедно. Од Ново Лисиче до Саем или од Автокоманда до ТЦ Бисер со автомобил ќе се стидгнува за само 5 минути. Времето на движење за велосипедистите и пешаците, исто така, ќе биде драстично намалено – рече Шилегов.

[ИЗВОР: Нетпрес,  датум:23.03.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на скопскиот градоначалник, Петре Шилегов за изградба на нов сообраќаен коридор и мост на реката Вардар, што ќе ги поврзува општините Гази Баба и Аеродром,  е во тек на реализација. Ова ветување градоначалникот Шилегов го даде неколку месеци по доаѓањето на функцијата (23.03.2018 г.), на прес-конференција на која го претстави проектот за кој рече дека ќе обезбеди услови за поефикасен и посигурен сообраќај во Скопје.

Како што тогаш беше соопштено, новиот проект освен мост преку Вардар предвидува и пробивање на нов и реконструкција на стар булевар, велосипедски патеки во двете насоки, пешачки патеки и дрвореди. Градбата на овој коридор со мост е предвидено да биде завршена во рок не подолг од 24 месеци од почетокот на градежните работи.

Подготвителните работи за изградба на мостот во Аеродром  започнаа на почетокот на овој месец. На 3 март градоначалникот Шилегов заедно со градоначалниците на Аеродром, Гази Баба и Центар, Златко Марин, Борис Георгиевски и Саша Богдановиќ, извршија увид во досегашните активности на проширувањето на булеварот „АСНОМ”. Во оваа прилика Шилегов, посочувајќи ги деталите за новиот мост што ќе ги поврзува овие три скопски општини, кажа:

Присуствуваме на почнувањето на подготвителните работи за изградба на нов мост што ќе ги поврзува булеварите „Васко Карангелески” во Аеродром и ул.„Индустриска” во населбата Ќерамидница во Општина Гази Баба. Вкупната должина на трасата изнесува околу 450 метри, од кои самиот мост е долг 150 метри, односно два моста со вкупно шест коловозни ленти, како и велосипедски и пешачки патеки од двете страни на мостот, рече Шилегов.

Градоначалникот појасни дека се работи за мост како што е мостот „Гоце Делчев” во  Скопје. Вредноста на договорот во оваа фаза изнесува 365,5 милиони денари со вклучен ДДВ. Проектот се предвидува да заврши за 1,5 година.

По овој мост предвидено е да сообраќаат и нови автобуски линии со што ќе го намалиме сообраќајниот метеж. Со изградбата на овој мост и пробивањето на  новиот коридор од Ново Лисиче до Судска палата со автомобил и со автобус ќе се стигнува за околу пет минути, а со велосипед за не повеќе од 18 минути, а со пешачење не повеќе од 30 минути, рече Шилегов.

Тој, исто така, кажа дека изградбата на овој мост постои во планската документација на градот уште од 1965 година.

Информации и фотографии за стартот на работите се објавени во медиумите и на веб-страницата на Град Скопје.

Па, со оглед на тоа што се почнати конкретни активности околу изградбата на новиот сообраќаен коридор со мост на реката Вардар, ова ветување на Шилегов добива оценка „во тек“.

 

ИЗВОРИ:

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција