Почна да се гради спортско-адреналинскиот парк во Карпош

Фото: Принтскрин колаж -karpos.gov.mk

Ветување: Парк во Карпош 4

Новиот парк е предвидено да се прави во Карпош 4, од заштитното зеленило покрај бунарите, покрај реката Вардар и ќе се надоврзува кај рекреативната зона за спорт (кај тениските игралишта и вештачката карпа)… Рок: 2018-2020 година

[Извор: Изборна програма на Стефан Богоев за локалните избори 2017 – „Живот во Карпош за сите“ (стр.21) , датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на  градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев,  за изградба на нов парк во Карпош 4, кај „Алпинистичката карпа“ долж Кејот на реката Вардар, дадено во кампањата за локалните избори (октомври 2017 година), е „во тек“ на реализација. Ова е еден од главните проекти на Богоев наведен во неговата изборната програма , „Живот во Карпош за сите!“ (стр.21) , со која како кандидат на СДСМ ја бараше довербата за градоначалничката функција во Општината.

Изградбата на спортско – адреналинскиот парк зад карпата за планинарење во Карпош 4, почна на 10 октомври (2019), а се очекува да биде завршен до крајот на јуни наредната година (2020). Како што информираа медиумите, станува збор за нова, уредена зелена површина, спортско-рекреативна зона која ќе се простира на површина од 10.000 м2.

Според градоначалникот Богоев, во рамки на паркот ќе има ново, уредено зеленило на површина од 4.000 квадратни метри, 120 нови дрвја, детско игралиште, фудбалско игралиште на песок со трибини, одбојкарско игралиште на песок со трибини, скејт парк и адреналински содржини. Оваа целина ќе биде заокружена со сквер што ќе се простира на површина од 140 квадратни метри. Зелената спортско – рекреативната зона ќе се надоврзува на големиот парк, до бунарите на реката Лепенец.

По завршувањето на спортско-адреналинскиот парк се фокусираме на уредување на јавниот простор до бунарите на реката Лепенец. Како трајна придобивка е целосното разубавување на овој потег и конечно решавање на деценискиот проблем со создавање диви депонии и палење огнови на отворено, рече Богоев

Средствата за изградба на паркот се обезбедени преку грант од Европската унија во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност, во износ од  38.100.000 денари,  а од Буџетот на Општината за реализација на проектот се издвоени околу  пет милиони денари.

Информација и фотографии за почетокот на изградбата на овој парк се објавени на  веб-страницата на Општината и во повеќе медиуми.

 

ИЗВОРИ:

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција