Почна постапката за продажба на луксузниот Мерцедес

Мерцедесот на продажба. Фото: pxhere

Иако првично немаше намера да го продава, премиерот Заев, во предизборието за локалните избори се предомисли и вети дека Мерцедесот ќе се продаде и со тие пари ќе се купат амбулантни возила за клиниките. Имајќи предвид дека Владата донесе одлука со која автомобилот се отуѓи и од сопственост на МВР премина во сопственост на Владата, со што ќе почне постапката за негово продавање, може да се заклучи дека ветувањето на Заев е во тек

 

ВЕТУВАЊЕ: Ќе го продадеме Мерцедесот на Груевски, и со тие пари ќе купиме амбулантни возила за клиниките во Македонија.

[Зоран Заев, премиер на РМ, датум: 9.10.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на премиерот Зоран Заев, дека Владата ќе го продаде луксузниот автомобил марка „Мерцедес“, кој беше сопственост на Министерството за внатрешни работи и дека со тие пари ќе купи амбулантни возила за клиниките, почна да се реализира, односно е во тек. Ова ветување премиерот Заев го даде во предизборниот период за локалните избори кои се одржаа на 15 октомври.

Ќе го продадеме Мерцедесот на Груевски и со тие пари ќе купиме амбулантни возила за клиниките во Македонија, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на денешниот централен митинг на коалицијата „Живот за сите“ кој се одржува пред Владата во Скопје, јави порталот Пост.

Владата на 43-та седница, која се одржа на 19.12.2017 година, донесе одлука со која автомобилот „Мерцедес“, кој беше во сопственост на Министерството за внатрешни работи, се дава на трајно користење без надоместок на Влада на Република Македонија – Служба за општи и заеднички работи, со што се создава можноста ова возило да биде отуѓено и средствата добиени од тоа да бидат наменети за набавка на болничка опрема.

Веста, како што пренесе Фокус, ја објави и владиниот портпарол, Миле Бошњаковски на својот Твитер профил.

Возилото од денеска премина од сопственост на МВР во сопственост на Службата за општи и заеднички работи. Потоа ќе следува постапка за негово отуѓување, односно замена за болничка опрема, соопшти портпаролот.

Јавноста, за луксузниот Мерцедес од 600.000 евра дозна од т.н. бомби, кои ги објави СДСМ кога беше во опозиција, а истиот го набавила екс-министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, по нарачка на тогашниот премиер, Никола Груевски. По многубројните критики во јавноста, Груевски се правдаше дека блиндираното возило било набавено, бидејќи немало слично кои ги исполнува строгите безбедносни стандарди за превоз на важни личности.

За случајот со Мерцедесот, СЈО отвори предмет „Тенк“ за злоупотреба на службена положба и овластување против Јанкуловска и началникот за јавни набавки Ѓоко Поповски. Обвинението е прифатено од судот, но сè уште не е закажано судење. Со одлука на Апелација, како докази ќе се користат и прислушуваните разговори.

По промената на власта, премиерот Зоран Заев рече дека, поради намалената вредност на возилото, ќе го користат за странски делегации.

Набавната цена на „мерецедесот“ е 580.00 евра, ако го продадеме, нема да му земеме повеќе од 440.000 евра. Најверојатно ќе го користиме само за високи, меѓународни делегации. Тој е оставен во гаража, уништен, изгребан од мачки. Се надевам дека наскоро министерот за внатрешни работи ќе ги повика новинарите и ќе им покаже во каква состојба се наоѓа оваа прескапо возило – рече премиерот во интервју за МТВ, пренесе Плусинфо.

Иако првично немаше намера да го продава, премиерот Заев, во предизборието за локалните избори се предомисли и вети дека Мерцедесот ќе се продаде и со тие пари ќе се купат амбулантни возила за клиниките. Имајќи предвид дека Владата донесе одлука со која автомобилот се отуѓи и од сопственост на МВР премина во сопственост на Владата, со што ќе почне постапката за негово продавање, може да се заклучи дека ветувањето на Заев е во тек.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција