Почна сместувањето на бездомните лица
Пред неколку дена Владата соопшти за настан поврзан со ветувањето за бездомните лица дадено во предизборната прoграма на СДСМ :
Ќе отвориме преноќувалишта и пунктови за храна за бездомните лица, во соработка со националните и локалните здруженија на граѓани во сите општини каде што има потреба
[Извор: СДСМ – План за живот во Македонија, стр.244 – датум, 2016 г.]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ова ветување на СДСМ наведено во предизборната програма „План за живот во Македонија“, е со временски рок на исполнување во првите две години од преземањето на власта и неговата реализација е во тек.
Премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска пред неколку дена ги посетија првите лица на кои им беше овозможено сместување во достоинствени услови во прифатен центар во Визбегово, а кои досега живееле на отворен простор под скопското Кале. Станува збор за 96 лица, кои се сместени во 15 пристојни нови објекти од времен карактер.
Царовска притоа нагласи дека и минатата зима интервенирале и сместиле одреден број бездомници привремено во објект на Министерството, но дека сега со помош на Меѓународната организација за миграција ИОМ и со Фондацијата Отворено општество се изградени овие објекти, додавајќи дека во нив, од сместените 96 лица, над 60 се деца.
Македонија е социјална држава и подеднакво се грижи за сите граѓани да имаат достоинствен живот. Во привремените живеалишта во Визбегово сега се сместени вкупно 96 лица од кои 66 се деца. Со сместувањето во новите живеалишта добија достоинствени услови за живот и можност за активација на пазарот на трудот а децата им се вклучени во образовниот процес. Со ова од идната година откако ќе ја стартуваме социјалната реформа овие лица ќе имаат можност за користење на детскиот и образовниот додаток“, рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Таа додаде дека овие лица ќе бидат опфатени и со други мерки, особено со мерките за вработување и вклучување и на возрасните и на децата во образовниот процес.
На настанот премиерот Заев, пак, изјави дека вакви акции и вакви објекти или други инфраструктурни зафати има и во други општини низ Македонија, споменувајќи ги Битола, Делчево, Куманово….
Поради горенаведените факти може да се оцени дека ветувањето дадено во предизборната програма е во тек на реализација.
ИЗВОРИ:
- СДСМ – Веб-страница, План за живот во Македонија – [Проверено на 12.11.2018]
- Влада на РМ – Премиерот Заев и министерката Царовска: 96 лица бездомници добија достоинствени услови за живот…– [Проверено на 12.11.2018]
Оцени: Тео Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар