Подбуцнувачка објава пласира лажна изјава на Филипче за пресудата на Хашим Тачи 

Фото: СДСМ

Објавата не нуди никаков доказ – видеоснимка, прес-конференција или официјално соопштение, каде Филипче го кажал ова, едноставно затоа што таква изјава не постои

Објавата не нуди никаков доказ – видеоснимка, прес-конференција или официјално соопштение, каде Филипче го кажал ова, едноставно затоа што таква изјава не постои

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

И ФИЛИПЧЕ СО ПОДДРШКА ЗА ТАЧИ ! ПРЕСУДИТЕ БИЛЕ НЕ ЕВРОПСКИ

Објавата споделува и фотографија со ликот на лидерот на СДСМ Венко Филипче и текст:

ФИЛИПЧЕ ГО ПОВИКА МИЦКОСКИ ДА РЕАГИРА ПРОТИВ , КАКО ШТО КАЖА „НЕЧОВЕЧКИТЕ И НЕЕВРОПСКИТЕ “ ПРЕСУДИ ВО ХАГ. СПОРЕД ФИЛИПЧЕ , ПРЕСУДИТЕ ВО ХАГ КОН ЛИДЕРИТЕ НА УЧК СЕ ПОЛИТИЧКИ И СЕ СПРОТИВНИ НА ЕВРОПСКИТЕ ВРЕДНОСТИ.

Тврдењето во објавата е лажно. Имено, реалноста е дијаметрално спротивна од она што се пласира во оваа манипулативна објава.  СДСМ, чиј лидер е Венко Филипче, преку официјално соопштение ја поздрави пресудата на судот во Хаг за поранешните лидери на ОВК.

Одлуките на меѓународните судови мора да се почитуваат.

Специјализираните совети во Хаг донесоа првостепена пресуда. Хашим Тачи и уште тројца се прогласени за виновни за воени злосторства. Има жалба. Процесот не е готов. Принципот е тој.

Повикуваме сите да ја почитуваат одлуката на судот и да избегнат поттикнување тензии или поделби.

СДСМ не се меша во работата на судот. Не кроиме пресуда според коалиција, нација или моментален интерес. Ако судот донел одлука за некого дека е виновен – тогаш тоа треба да се прифати, додека повисок суд не каже поинаку.

Таму обвинителството не работи „на телефон“. Затоа се бориме за Европската Унија.  Законот мора да важи за сите.

Хаг судеше и кога на обвинителна клупа беше Ратко Младиќ. Тогаш рековме: пресудата мора да се почитува. И сега го велиме истото.

Законот не се избира според нацијата, соопштија од партијата.

Изјава на Филипче, со содржина каква што пренесува објавата, не може да се најде.

Објавата користи класична тактика на замена на тези и припишување на туѓи ставови на политички противник со цел негова дискредитација во македонскиот етнички блок. Преку извртување на вистината (претставувајќи го Филипче како некој што ги брани лидерите на ОВК), креаторите на оваа содржина се обидуваат да предизвикаат националистички тензии, гнев  и меѓупартиски препукувања во јавноста.

Објавата не нуди никаков доказ – видеоснимка, прес-конференција или официјално соопштение каде Филипче го кажал ова, едноставно затоа што таква изјава не постои.

Поради тоа, објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистинита.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција