Подготовката на болниците во Франција e превентивна мерка, не значи дека „ЕУ се подготвува за војна со Русија“

Емануел Макрон, мај 2018 Фото:Kremlin.ru, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Франција преку своето Министерство за здравство побара до март 2026 година болниците да бидат подготвени да третираат меѓу 10 илјади и 50 илјади повредени лица  во временски период од 10 до 180 дена, но нагласи дека ова е превентивна мерка. Претседателот Емануел Макрон, инаку повикува на крај на војната што Русија ја води во Украина. За секој случај, пак, се прават услови за состојба на подготвеност. Таа подготовка не значи дека сигурно ќе се одигра некакво воено сценарио, но значи дека Франција како сериозна држава – се подготвува и не остава ништо на случајноста

Франција преку своето Министерство за здравство побара до март 2026 година болниците да бидат подготвени да третираат меѓу 10 илјади и 50 илјади повредени лица  во временски период од 10 до 180 дена, но нагласи дека ова е превентивна мерка. Претседателот Емануел Макрон, инаку, повикува на крај на војната што Русија ја води во Украина. За секој случај, пак, се прават услови за состојба на подготвеност. Таа подготовка не значи дека сигурно ќе се одигра некакво воено сценарио, но значи дека Франција како сериозна држава – се подготвува и не остава ништо на случајноста

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Макрон дал наредба сите болници во Франција да бидат спремни со слободни 50.000 кревети во секое време. И додека ЕУ интензивно се подготвува за војна со Русија, 60-тина проценти ,,Македонци,, сакаат и бараат влез на Македонија во ЕУ, а 20- тина проценти не се сигурни и имаат став на ,,шлогиран каранфил,, . …..И така, додека Господ сака да не’ спаси и не’ држи подалеку од ЕУ, ние кукаме и се жалиме што не сме влезени во федерација која што наскоро ќе личи на ,,Криволак,, – воен полигон (пустина) за тестирање на руски нуклеарки.

Не е точно дека писмото до болниците во Франција да бидат спремни за третирање пациенти се однесува на 50 илјади луѓе одеднаш, туку бројката која е наведена во писмото е меѓу 10 илјади и 50 илјади пациенти. Конкретно, Франција преку своето Министерство за здравство побара до март 2026 година болниците да бидат подготвени да третираат меѓу 10 илјади и 50 илјади повредени лица  во временски период од 10 до 180 дена.

Дополнително, француското Министерство за здравство потенцираше дека ова е превентивна мерка. Претседателот Емануел Макрон, инаку повикува на крај на војната што Русија ја води во Украина. За секој случај, пак, се прават услови за состојба на подготвеност, на начин што Министерството за здравство испрати упатство до директорите на регионалните здравствени агенции на 18 јули во кое ги повикува да се подготват до март 2026 година за можен „голем ангажман“.

Портпаролот на владата на Франција за „Еуроњуз“ изјави дека работа на Министерството за здравство е да се подготвува за голем спектар на „закани со коишто е можно да се соочи здравствениот систем“, вклучително епидемии, кризи во животната средина и малициозни ризици. Како дел од тие подготовки според портпаролот е и подготвеноста да се третираат пациенти од војна во здравствениот систем за цивили. Франција исто така размислува за поставување на медицински центри во близина на автобуски и железнички станици, аеродроми и пристаништа за да овозможи пренесување на странски војници во нивната матична држава според писмото испратено до болниците.

Во интервју за францускиот канал БФМТВ минатата недела, министерката за здравство Кетрин Вотрен изјави дека е „сосема нормално за државата да антиципира кризи и нивните последици“. Таа ја наведе пандемијата со ковид-19 како пример за тоа што може да се случи кога здравствениот систем на една земја е неподготвен да се справи со вонредна состојба.

Ова е дел од предвидувањето, исто како и стратешкото складирање, изјави Вотрен за BFMTV.

ЕУ не се подготвува за војна со Русија во смисла на тоа да ја нападне. Претседателот Макрон повторуваше дека Европа мора да биде стратешки автономна и подготвена да се брани. Овој пристап на „целосна одбрана“ вклучува цивилни институции како здравствените – да се во готовност. Тој експлицитно истакна дека покрај воената способност, Европа мора да ги заштити критичната инфраструктура – транспортот, болниците, мрежите за производство на електрична енергија и телекомуникациите. Така што, ова е во линија на тоа што цивилните системи вклучително здравствените установи се интегрални на планот за национална одбрана.
Франција се подготвува за можноста од конфликт во Европа, ако се земе предвид трошењето за одбраната, вежбите, стратешкото планирање – но сето ова е со одбранбен фокус, во случај да биде нападната, а не со цел да ја нападне Русија.
Конкретно, како и останатите европски лидери, и Франција се залага за мирен крај на војната што Русија ја почна во Украина и која предизвика огромни последици, но под услови коишто ќе бидат прифатливи за Украина која е нападнатата суверена држава жртва на воена агресија и неиспровоцирана инвазија. Следствено, неточно е наведеното дека „ЕУ интензивно се подготвува за војна со Русија“, туку се подготвува да биде спремна во случај доколку Русија нападне. Правото на секоја современа држава да се подготвува на планот на безбедноста и одбраната е одлика на развиеност и порака дека не се остава ништо на случајот, особено откако светот посведочи како Русија во февруари 2022 година почна војна на територијата на Украина.
Во објавата се вели дека „60-тина проценти“ од македонските граѓани сакаат влез во ЕУ, а „20 -тина проценти“ не се сигурни, но наведените проценти не се целосно точни. Имено, 61 процент од испитаниците би гласале Македонија да се приклучи кон ЕУ на референдум, според анкета од ИПИС, а 23,5 проценти би гласале против членството, објави државната агенција МИА.
Повеќе за придобивките од членството во ЕУ прочитајте овде.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот. Подготовката на болнички капацитети во Франција е превентивна, одбранбена и не е знак дека Франција ќе ја напаѓа Русија или која било друга држава, но е знак дека нема да чека со скрстени раце да биде нападната како што беше нападната Украина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција