Подготовките за справување со ебола не се доказ за однапред планирана епидемија
Тврдењето дека ажурирањето на неколку американски програми за подготвеност пред појавата на епидемијата претставува доказ дека еболата била однапред испланирана, не е поткрепено со факти. Достапните докази покажуваат дека ажурирањето на планови за подготвеност е редовна практика во јавното здравство
Тврдењето дека ажурирањето на неколку американски програми за подготвеност пред појавата на епидемијата претставува доказ дека еболата била однапред испланирана, не е поткрепено со факти. Достапните докази покажуваат дека ажурирањето на планови за подготвеност е редовна практика во јавното здравство; не постојат кредибилни докази дека епидемијата била намерно предизвикана; паролата „Еболата е само бизнис“ е документиран израз на локална недоверба, а не доказ за заговор; нападите врз центрите за третман најчесто се поврзани со дезинформации, страв и социјални тензии
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Неколку месеци пред најновата епидемија на Ебола да се појави на светските насловни страници, пет програми за подготвеност за Ебола на американската влада беа одеднаш ажурирани во рок од три недели, иако претходно цели две години немало никакви активности на тој план. Потоа дојде епидемијата.
Потоа дојде прогласувањето вонредна состојба. И потоа, како „подмачкани“, течеа партнерствата за имплементација на вакцини, меѓународните агенции го активираа својот одговор на епидемијата и познатата машинерија за итна мобилизација на јавното здравство беше ставена во функција. Чиста случајност, секако. Во меѓувреме, некои од луѓето што живеат најблиску до местото на избивање на епидемијата, не веруваат во официјалната приказна и гневно коментираат дека “еболата е само бизнис”!
Како што се загреваат коментарите за „случајното временско совпаѓање“ на настаните и преземените активности, односно на подготовките, кои што им претходеа на прогласувањето на епидемијата и отворените сомнежи за страните што ќе имаат интерес во целата оваа ситуација, – се зголемуваат и нападите врз центрите за третман на пациенти заболени од ебола. Веројатно сето тоа е без основа, бидејќи „тука нема апсолутно ништо сомнително“. Исто како што беше и пандемијата на К-19.
Објавата изнесува манипулативно тврдење, без никакви докази, дека американските власти „се подготвувале“ за епидемијата на ебола пред таа да избие и дека тоа било доказ за однапред испланирана криза. Имено, според објавата, неколку месеци пред најновата епидемија на ебола, пет американски владини програми за подготвеност биле одеднаш ажурирани по две години неактивност, по што следеле прогласување вонредна состојба, масовна мобилизација на меѓународните институции и активности за вакцинација. Според објавата, се сугерира дека временската коинциденција претставува доказ дека епидемијата била однапред планирана или искористена за финансиски интереси, споредувајќи ја со пандемијата на ковид-19. Сепак, достапните факти не ја потврдуваат оваа теза.
Подготвеноста за епидемии не е доказ за нивно создавање. Јавното здравство функционира врз принципот на превенција и подготвеност. Националните и меѓународните институции редовно ги ажурираат своите протоколи, планови и процедури за справување со заразни болести, особено по големи здравствени кризи.
Американската Канцеларија за отчетност (Government Accountability Office – GAO) уште по големата епидемија на ебола во Западна Африка (2014-2016) нотира дека САД инвестирале значителни средства во развој на капацитети за идни заразни закани, вклучително и подобрување на лабораториите, болничките мрежи и механизмите за брз одговор.
Ажурирањето на плановите и протоколите за справување со заразни болести е редовна практика во јавното здравство и претставува дел од системот на подготвеност за идни епидемии, а не доказ дека институциите однапред знаеле кога и каде ќе избие следната криза. Напротив, токму одржувањето на подготвеноста е една од основните функции на здравствените системи.
Не постојат докази дека епидемијата била намерно предизвикана.
Во достапната научна литература, извештаите на Светската здравствена организација (СЗО), американските здравствени институции (ЦДЦ) и релевантните академски истражувања, не постои доказ дека неодамнешните епидемии на ебола биле намерно создадени или организирани.
Напротив, вирусот ебола е добро познат патоген кој циркулира во природата уште од 1976 година, а неговите епидемии најчесто се поврзуваат со пренос од животни кон луѓе и понатамошно ширење преку директен контакт со телесни течности.
Во објавата се наведува дека луѓето кои живеат во близина на жариштето коментираат дека „еболата е само бизнис“, што се претставува како аргумент дека кризата е вештачки создадена.
Но, оваа фраза е предмет на научни истражувања. Академска студија објавена во списанието Critical Public Health анализира како слоганот „Ebola is a business“ се појавил за време на епидемијата во Демократска Република Конго (2018-2020).
Истражувачите заклучуваат дека ова не е доказ за измама, туку израз на длабока недоверба на локалното население кон властите и меѓународните организации, создадена од долгогодишни конфликти, сиромаштија и чувство дека странските мисии добиваат огромни финансиски средства, додека локалните заедници остануваат запоставени.
Студијата експлицитно наведува дека паролата „Ebola is a business“ претставува „начин на кој луѓето ја артикулираат недовербата кон одговорот на епидемијата“, а не потврда дека вирусот е измислен.
Објавата сугерира и дека нападите врз центрите за третман се реакција на сомнежи за „скриени интереси“.
Меѓутоа, анализите на здравствените организации и медиумските извештаи покажуваат дека ваквите инциденти главно произлегуваат од недоверба, дезинформации, страв и културни практики поврзани со погребните обичаи.
За време на актуелната епидемија во Демократска Република Конго, Светската здравствена организација и медицинските тимови предупредија дека токму ширењето на гласини и недовербата кон институциите доведуваат до насилни напади врз здравствените установи и ја отежнуваат контролата на болеста.
Во објавата се повлекува паралела со пандемијата на ковид-19, сугерирајќи дека и тогаш институциите однапред знаеле што ќе се случи.
Меѓутоа, фактот дека здравствените власти имаат планови за пандемии не е необичен ниту претставува доказ за нивно организирање. По епидемиите на SARS, MERS, H1N1 и ебола, бројни држави и меѓународни организации развија сценарија и протоколи за брз одговор токму затоа што нови заразни болести се очекуван дел од современите јавно-здравствени ризици.
Значи, тврдењето дека ажурирањето на неколку американски програми за подготвеност пред појавата на епидемијата претставува доказ дека еболата била однапред испланирана, не е поткрепено со факти. Достапните докази покажуваат дека ажурирањето на планови за подготвеност е редовна практика во јавното здравство; не постојат кредибилни докази дека епидемијата била намерно предизвикана; паролата „Еболата е само бизнис“ е документиран израз на локална недоверба, а не доказ за заговор; нападите врз центрите за третман најчесто се поврзани со дезинформации, страв и социјални тензии.
Објавата создава погрешен впечаток дека временската коинциденција меѓу подготвителните активности и избувнувањето на епидемијата претставува доказ за организирана операција, иако за такво нешто не постојат веродостојни докази.
Поради сето ова, објавата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар