Подобрување на статусот на жената не е ексклузивна иницијатива и заслуга на СДСМ
Каква е конкурентноста на политиките за родова еднаквост меѓу двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ? Родова застапеност ја има во највисоките ешалони на двете партии, но стратегиите во спроведувањето на родовите политики се различни. Од друга страна, пак, истражувањето за насилството врз жените во политиката, изработено пред пет години од страна на НДИ, го дава генералниот впечаток дека иако квотите и заедничките заложби помогнаа да се намали родовиот јаз во политиката, сепак политичките партии и генерално политичкиот систем не се справуваат доволно со насилството врз жените.
Каква е конкурентноста на политиките за родова еднаквост меѓу двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ? Родова застапеност ја има во највисоките ешалони на двете партии, но стратегиите во спроведувањето на родовите политики се различни. Од друга страна, пак, истражувањето за насилството врз жените во политиката, изработено пред пет години од страна на НДИ, го дава генералниот впечаток дека иако квотите и заедничките заложби помогнаа да се намали родовиот јаз во политиката, сепак политичките партии и генерално политичкиот систем не се справуваат доволно со насилството врз жените
Потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, од трибината одржана по повод 25 години од формирањето на Форумот на жени на СДСМ одржана на 09.02.2025, на која се одржаа панел дискусии на кои се дискутираше за состојбата на жената во општеството, за женското лидерство и за улогата на Форумот во борбата за родова еднаквост, порача дека женското лидерство и водство има огромна поврзаност со тоа што значи генерално позиционирање на жената во општеството, не само на лидерските позиции, туку во сите општествени позиции.
Изјава: Ние како партија може да се гордееме со сите наши социјалдемократски постигнувања на полето на родова рамноправност откако постоиме како партија, па подоцна и со Форумот на жени. Ние имаме постигнато најголеми резултати како во партијата така и во целото општество. Не постои друга партија во Северна Македонија во којашто жените имаат повеќе права, повеќе застапеност, достапност до позиции на моќ и на одлучување, и на креирање на политики кои што се приоритетни за постигнувањето на таа рамноправност. Секоја инцијатива за подобрување на статусот на жените во општеството или потекнувала од нас или била поддржана од нас и од нашите партнери. Она што треба да си го признаеме е дека не само дека се уште не постигната таа родова рамноправност туку и дека борбата за родова рамноправност постојано трае. Тоа не е еднократен чин којшто сме го завршиле и сме завршиле со таа работа, не, тоа е сизифовска работа којашто постојано трае и мораме да ја правиме, рече Костова.
[Извор: Соопштение на СДСМ Секоја иницијатива за подобрување на статусот на жената потекнува од СДСМ – Датум: 09.02.2025]
Образложение:
СДСМ како партија и Форумот на жени на СДСМ секако дека можат да се гордеат со нивните социјалдемократски иницијативи и постигнувањата на полето на родовата рамноправност, но немаат ексклузивно право на политиките, ниту пак на резултатите во доменот на родовата еднаквост во општеството.

Од трибината на СДСМ, освен обраќањето на Костова, беа споделени искуствата во функционирањето на Форумот низ годините и улогата на жените социјалдемократки во креирањето на политиките. Свои обраќања имаа претседателката на Форумот на жени на СДСМ, пратеничката Даниела Колева, заменик-претседателката Фани Каранфилова Пановска и потпретседателката Каја Шукова, партискиот претседател и пратеник Венко Филипче, како и на поранешните претседателки на Форумот на жени на СДСМ, Елеонора Петрова Митевска, Цветанка Иванова и Снежана Калеска Ванчева…
Жените се столбот и силата на СДСМ, ама жените се силата и столбот на општеството, социјалдемократската идеја е единствената којашто нуди пристојни услови за развој и напредок на жените, секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ била власт жените биле во ризик, гласат поентите од обраќањето на заменик претседателката на СДСМ Фани Каранфилова Пановска на трибината, комплементарни на ставот на Костова.
Каква е конкурентноста на политиките за родова еднаквост меѓу двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ? Родова застапеност ја има во највисоките ешалони на двете партии, но стратегиите во спроведувањето на родовите политики се различни.
Во раководството на СДСМ од четири потпретседатели – 3 се жени: Кристина Колева, Каја Шукова и Ана Чупевска. Кај ВМРО-ДПМНЕ тој сооднос е на штета на жените, па единствена дама меѓу четирите партиски потпретседатели е Гордана Димитриеска Кочоска, истовремено и министерка за финансии во актуелната Влада предводена од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од друга страна, пак, додека во предизборната програма на СДСМ на последните парламентарни избори одржани на 8 мај 2024 нема посебен фокус на родовата застапеност, во предизборната платформа на ВМРО-ДПМНЕ во делот „Жената – центар на македонското општество“ се нотирани низа партиски иницијативи.
Еднаквоста на жените и мажите е основно човеково право, суштински елемент на демократијата и императив на социјалната правда Во денешните општества нееднаквостите меѓу жените и мажите опстојуваат како на политичко, економско, социјално, културно, така и на сите други полиња Еднаквоста помеѓу граѓаните, независно од полот, е темелна вредност чие постигнување има огромни социо-економски ефекти. Зајакнувањето на позицијата на жените води кон просперитетна економија, поттикнување на продуктивноста и економски раст… Нашата визија е жена свесна за нејзината општествена улога, заштитена од секаков тип насилство, едуцирана, економски самостојна, почитувана и среќна, гласат главните заложби за родовата еднаквост во политиките на ВМРО-ДПМНЕ.
Во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ се набројани и конкретните мерки во спречувањето на насилството врз жените преку Центри за поддршка и згрижување на жените жртви на насилство и зајакнување на капацитетите на професионалци кои работат со жртвите, како и надминување на проблемот со насилство во училиштата. Потоа, програмските заложби на ВМРО-ДПМНЕ вклучуваат поддршка на жената во семејството преку стимулативни мерки за родилки, посебни права и програми за бремени жени и доилки; јакнење на економската независност на жените преку изедначување платите со мажите, подобрувањето на условите за жените земјоделки, поддршка на мајки на деца со попреченост, образование достапно за сите девојчиња, обезбедување на достапна, ефикасна превентивна здравствена заштита заради спречување на малигните заболувања кај жените, права на пристап до
соодветни здравствени услуги кои на жените ќе им овозможат безбедна бременост и породување…
Партијата Левица, пак, во делот за правата на жените во нејзината предизборна програма има и радикални заложби. Меѓу нив се промовирање на прогресивен лев феминизам и унапредување на правата на жените во општеството, преку надминување на патријархалниот морал, културната заостанатост и мизогините ставови.
Левица се залага и за признавање на т.н. „невидлив труд“ во домот и грижата за семејството, дуплирање на породилното отсуство (од 9 на 18 месеци), флексибилно или скратено работно време за мајките-работнички во период до три години по породилното отсуство, без кратење на плата (преку субвенционирање на трошоците од страна на државата), а меѓу останатото и воведување на незадолжително менструално отсуство од работа и даночни олеснување за производи кои се корисни за менструалната хигиена и репродуктивното здравје на жените.
Во 2020 година беше изготвен извештај „Насилство врз жените во политичките партии во Северна Македонија – Извештај од проценката“, подготвен од страна на Институт Охрид и Франческа Бинда, претседателка на Binda Consulting International, и Националниот демократски институт (НДИ) со поддршка од американскиот народ преку Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД).
Истражувањето на почетокот нотира дека „претстои да се изоди долг пат во однос на учеството на жените во политичките партии во Северна Македонија. Кога тоа ќе се надополни со недоволната застапеност на жените на државни функции, се чини дека овој проблем не е така охрабрувачки. Усвоениот систем за квоти за застапеност на жените во Собранието и локалните совети е само почетна основа“.
Декларативната поддршка не ги дава посакуваните ефекти. Кога станува збор за имплементацијата, се поставува прашањето дали политичките партии ја препознаваат важноста и влијанието од зголемената застапеност на жените за партијата, институциите и општеството. Иако секој би се согласил дека недоволната застапеност и насилството врз жените постојат и се особено присутни дури и во напредните демократски заедници, не секој е спремен да ја признае или прифати оваа форма на насилство или пак дека промените мора да произлезат од самите политички партии, се вели во извештајот. .
Избирајќи десет политички партии во кои подеднакво е застапен македонскиот и албанскиот политички блок – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, AA, Алтернатива, ДПА, Движење БЕСА, ДОМ, ЛДП и НСДП – Националниот демократски институт преку истражувањето детектира три клучни причини за насилство врз жените во политиката: институционални, социо-културолошки и индивидуални причини.
Постигнувајќи напредок во областа на родовата еднаквост, особено во политиката, бројот на жени кои се избрани во Собранието на Република Северна Македонија стабилно се зголемува. Иако и понатаму останува да се изоди долг пат за да се постигне еднаква застапеност во националниот законодавен дом, преку воведувањето на квоти, нотира истражувањето на НДИ од 2020.
Согласно Член 64 од Изборниот законик, кој пропишува дека „во сите поднесени кандидатски листи за пратеници за парламентарните избори, најмалку 40 проценти од кандидатите мора да припаѓаат на помалку застапуваниот пол.
Кандидатите мора да бидат подеднакво распределени на листата – на секое трето место на листата, и дополнителен кандидат од помалку застапуваниот пол во секоја половина или на листата” (дополненија и измени на Изборниот законик 2015, 44). За илустрација, во 2019, Собранието на Северна Македонија имаше 45 жени пратенички од разни политички партии од вкупно 120 пратенички места, или 38.3 проценти. Во 2020, таа бројка се зголеми на 47 жени пратенички, 21 од коалицијата на СДСМ (од вкупно 46), 17 од коалицијата на ВМРО (од вкупно 44), 5 од ДУИ (од вкупно 15) и 4 од Коалицијата Алијанса/Алтернатива (од вкупно 12).
Извештајот во 2020 година забележува и дека поради отсуство на законски одредби за извршни функции, жените и понатаму се недоволно застапени во Владата на национално и локално ниво.
Во составот на претходната влада од 2017, од 22 министри, имаше четири жени на министерски позиции. Во 2020, иако има помал број министерства, четири жени се на министерски позиции (15.3 проценти од кабинетот на премиерот). Според истражувањето за учеството на жените во политиката во Северна Македонија од 2019, владата не успеа да ја спроведе програмата за еднаква родова застапеност за 2017-21. Владата назначи само 19 жени (или 11.18 проценти) на високи владини функции. Жените беа застапени само со 25 проценти како директори или државни секретари (четири на број), се вели во извештајот.
Исцрпното истражување за насилството врз жените во политиката, иако изработено пред пет години, го дава генералниот впечаток дека иако квотите и заедничките заложби помогнаа да се намали родовиот јаз во политиката, сепак политичките партии и генерално политичкиот систем не се справуваат доволно со насилството врз жените.
Колку и да е значајно досега постигнатото во сферата на родовата еднаквост, се покажува дека тоа не е доволно. Иницијативите и постигнувањата на полето на родовата рамноправност не потекнуваат само од СДСМ, па оттаму и оценката за оваа изјава како невистинита.
Извори:
- (09.02.2025) – Трибина на СДСМ Секоја иницијатива за подобрување на статусот на жената потекнува од СДСМ – [Проверено на 10.02.2025]
- (08.05.2024) – Програма за европска иднина 2024 – [Проверено на 10.02.2025]
- (08.05.2024) – Програма на ВМРО ДПМНЕ „Платформа #1198“, стр. 200-205 – [Проверено на 10.02.2025]
- (08.05.2024) – Неподмитливите во Собранието Изборна програма на Левица – [Проверено на 10.02.2025]
- (10.09.2020) – „Насилство врз жените во политичките партии во Северна Македонија – Извештај од проценката“ – [Проверено на 10.02.2025]
Оценил: Стојан Синадинов
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар