Погодените во пожарите во Лос Анџелес имаат право и на друга помош, не само на 770 долари
Декларацијата за катастрофи на Бајден значи дека погодените во пожарите може да добијат и дополнителни федерални парични средства за намени како привремено живеалиште или поправки на своите домови, според портпаролот на Агенцијата за менаџирање на федерални кризи. Еднократната парична помош од 770 долари пак, е наменета за итни потреби како бебешка формула, вода и лекови.
Не е точно дека еднократната парична помош од 770 долари е единствената достапна помош, таа е наменета само за итни потреби како бебешка формула, вода и лекови. Бајден прогласи состојба на голема катастрофа, што значи дека погодените во пожарите може да добијат различни видови на федерална поддршка, заедно со поддршката за сериозни потреби
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија составена од два дела. На неа пишува дека доскорешниот американски претседател Џо Бајден дал 500 милиони долари за Украина, а само 770 долари за Лос Анџелес Калифорнија, каде неодамна разорни пожари уништија бројни домови и однесоа човечки жртви.
15.01.2025 Бајден 500,000,000.00 $ за Украина, 770 $ за Лос Анџелес, Калифорнија, стои во објавата што ја рецензираме, која е илустрирана со фотографија на чиј прв дел се Володимир Зеленски и Џо Бајден со сумата од 500 милиони долари, а на втората пожарникар кој гаси пожар и стои цифрата 770 долари за жителите на Калифорнија.
Не е точно дека администрацијата на Бајден нуди само 770 долари за луѓето што загубија сè во пожарите во Лос Анџелес, ниту, пак, тоа може да се доведува во корелација со пакетите помош и поддршка за правото на самоодбрана на Украина.
Луѓето имаат право да критикуваат како се трошат федералните пари, ама да се тврди дека единствената помош за погодените во пожарите во Лос Анџелес е 770 долари е невистина, пишува Политифакт.
Точно е дека на 9 јануари 2025 година администрацијата на Бајден најави дека последната помош за Украина пред заминувањето и доаѓањето на позицијата на новиот претседател Доналд Трамп, ќе биде 500 милиони долари. Помошта вклучува ракети за противвоздушна одбрана, муниција и опрема за борбените авиони Ф-16 за да може да ги користи Украина.
Бајден требаше да се сретне со претседателот на Украина Володимир Зеленски во петокот во Рим најверојатно за тоа што требаше да биде нивниот последен официјален состанок, но Белата Куќа извести дека состанокот се откажува поради фокус на пожарите кои беснеат во Калифорнија, пишува Си Ен Ен.
Според наведеното на сајтот на Департментот за одбрана, дополнителната помош од 500 милиони долари е за да се поддржи украинската критична безбедност и одбранбени потреби со цел да се постави Украина во најдобрата можна положба. Станува збор за 74-та транша опрема која ќе биде дадена на Украина од август 2021 година до денеска.
Од наведеното се гледа дека станува збор за поддршка во опрема а не конкретно во парични средства. Наведено е дека опремата е вредна 500 милиони долари.
Од друга страна, пак, во објавата што ја рецензираме се наведува дека на погодените од разорните пожари во Калифорнија им се достапни само 770 долари помош.
Проверувачите на факти на „Политифакт“ објаснуваат дека на 13 јануари Бајден изјавил дека на погодените во пожарите во Лос Анџелес им е достапна еднократна парична помош од 770 долари за неопходни средства.
Некои корисници на социјалните мрежи ги критикуваа сумите од 770 долари и ги врамија како да се единствената помош што администрацијата на Бајден ја нуди. Но, достапна е и друга помош.
Декларацијата за катастрофи на Бајден значи дека погодените во пожарите може да добијат и дополнителни федерални парични средства за намени како привремено живеалиште или поправки на своите домови, според портпаролот на Агенцијата за менаџирање на федерални кризи. Еднократната парична помош од 770 долари пак, е наменета за итни потреби како бебешка формула, вода и лекови, пишува „Политифакт“.
Администрацијата на Бајден, исто така, се обврза да ги покрие сите трошоци за постапувањето на пожарникарите на катастрофата за следните 6 месеци. Бајден истакна дека тие пари ќе ги покријат прекувремените часови на пожарникарите, отстранувањето на остатоците и привремено сместување за погодените.
Бајден додаде дека ќе биде испратена опрема како хеликоптери, авиони со вода во Лос Анџелес и активираше 500 маринци да помогнат со пребарување и спасување, авионски медицински екипи и достава на вода и храна.
Потоа ја спомена еднократната парична помош од 770 долари.
Не чекаме да завршат овие пожари па да почнеме да помагаме на погодените. Им помагаме веднаш. Луѓето што се погодени од овие пожари ќе добијат еднократна поддршка од 770 долари за брзо да може да купат вода, бебешка формула и лекови на рецепта. Ги охрабрувам сите, ама буквално сите погодени од пожарите да добијат помош, рече Бајден.
Портпаролот на Агенцијата за менаџмент на федерални кризи Џајс Генцо потенцира дека оваа еднократна помош доаѓа од програмата ФЕМА за помош за сериозни потреби.
Целта на тие 770 долари е да ги покрие неопходните итни потреби како вода, храна, прва помош, бебешко млеко, пелени и средства за лична хигиена. Ако луѓето морало да се евакуираат и да останат во хотели, може да се намени и за тоа или кон горивото потребно за евакуацијата, рече тој.
Речиси истата сума од 750 долари беше достапна и во 2024 година кога имаше ураган, ама сега е зголемена за 20 долари поради зголемените животни трошоци.
Според Бајден, до 13 јануари речиси 6 илјади погодени лица во пожарите во Лос Анџелес аплицирале за оваа парична помош и повеќе од 5 милиони долари биле испратени за нив.
Не е точно дека еднократната парична помош од 770 долари е единствената достапна помош. Бајден прогласи состојба на голема катастрофа, што значи дека погодените во пожарите може да добијат различни видови на федерална поддршка, заедно со поддршката за сериозни потреби.
-Ова е една од многуте програми кои ФЕМА ги има за да им помогне на луѓето. Тие може да аплицираат за привремено сместување, за поправки на домот, вели Генцо за „Политифакт“.
Погодените од пожарите во Лос Анџелес може да аплицираат за другите видови помош на www.disasterassistance.gov или на телефонскиот број 1-800-621-3362.
Програмата на ФЕМА за индивидуи и домаќинства ги поддржува погодените во пожарите и може да им обезбеди пари за привремено домување за време на расчистувањто на областа погодена од пожарите и со средства за да ги поправат или заменат домовите, според наведеното на сајтот на Агенцијата.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како делумна невистина. Не е точно дека единствената помош за погодените во пожарите во Калифорнија од администрацијата на Бајден се само 770 долари.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар