Погрешен превод ја смести Ле Пен меѓу жртвите од коронавирусот

[Рецензија: Mарин Ле Пен прва жртва на вирусот корона во Европската Унија]

Кога ќе прочитате наслов „Марин Ле Пен прва жртва на вирусот корона во ЕУ“, што прво си помислувате? Нормално, дека лидерката на Националниот фронт на Франција е заболена од коронавирусот. А, самиот збор жртва, уште директно во наслов, дури алудира на тоа дека таа починала од вирусот!

Линк до оригиналниот напис: Mарин Ле Пен прва жртва на вирусот корона во Европската Унија

Датум и време на објавување: 26.3.2020

Датум на рецензија: 27.3.2020

Рецензент: Симона Атанасова

Сосема очекувано, кога повеќето ќе го видат овој текст, со ваков наслов споделен на социјалните мрежи, ќе го кликнат да видат за што станува збор и да се информираат како Марин Ле Пен станала жртва на коронавирусот?

Кога ќе го отворите текстот за подетални информации ќе бидете уште повеќе збунети. Во него се вели дека: „Ле Пен изјавила дека станала прва жртва на вирусот во ЕУ“. Како е можно да изјави нешто ако е жртва?! И, откако ќе го прочитате целиот текст пак нема да ви е јасно за што станува збор. Не пишува дали таа е заразена од вирусот, ниту како станала прва жртва од вирусот во ЕУ кога досега во ЕУ починаа илјадници луѓе од КОВИД-19?! Целата изјава нема никаква логика.

За што всушност станува збор?

Се работи за лош превод од странските медиуми. Марин Ле Пен никогаш не изјавила дека таа е прва жртва на корона во ЕУ. Таа во интервју за француското издание на Раша Тудеј изјавила дека ЕУ е жртва на коронавирусот.

Европската Унија е „прва жртва на коронавирусот“, поради нејзината целосна неспособност да обезбеди најмала солидарност и помош кон своите членки, погодени од пандемијата, изјави Ле Пен.

Ова е многу поразлично од тврдењето на текстот дека „Ле Пен е жртва од коронавирусот“.

Иако се работи за грешка во преводот, сепак веста сè уште е активна на веб-порталот и се шири по социјалните мрежи, со што дополнително дезинформира, иако најверојатно станува збор за ненамерна грешка.

Тврдењата изнесени во текстовите и во нивните наслови мора да бидат точни. Токму затоа, треба информацијата да се провери од неколку извори. Доколку Марин Ле Пен навистина беше жртва на коронавирусот, тоа ќе го објавеа сите светски медиуми. Но, таква вест нема,  бидејќи тоа не е вистина.

Особено треба да се внимава со пренесување на вакви информации, со оглед на тоа што секојдневно слушаме  дека актери, пејачи, спортисти, политичари се меѓу заболените од КОВИД-19, па веста дека „Ле Пен е жртва“  за многумина може да звучи веродостојно.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција