Погрешна и еден месец бајата информација пласирана како нова

[Рецензија: Филипче: Заболените од Ковид 19 можеби ќе плаќаат партиципација за болничко лекување]

На 21 мај 2020 година, кога воопшто не е одржана прес-конференција за дневната состојба со корона-вирусот во земјата, објавен е овој напис во кој се тврди дека министерот за здравство, Венко Филипче изјавил дека „оние што се лекуваат од вирусот можеби ќе плаќаат партиципација“ и тоа на тазе, „денешна прес-конференција“. Но, ова не е точно.

Линк до оригиналниот напис: Филипче: Заболените од Ковид 19 можеби ќе плаќаат партиципација за болничко лекување 

Датум и време на објавување: 21.5.2020 8:36

Датум на рецензија: 21.5.2020

Рецензент: Мирослава Бурнс

Прво, не станува збор за нова – денешна, туку за стара прес-конференција од 24 април, на која се поставени прашања од новинарите за тоа дали оние што се лекуваат од Ковид-19 во болница, ќе бидат ослободени од партиципација за болничкото лекување. Второ, одговор од министерот е дека ќе се направи финансиска конструкција за тие да се ослободат од партиципација, независно од тоа дали имаат или немаат здравствено осигигурување.

Меѓутоа, овој одговор на министерот, во изјавата што е прикажана во текстот речиси еден месец подоцна од денот кога ја дал, не е ниту точно пренесена.

Прашањето од прес-конференцијата од 24 април е следното: „Дали пациентите со Ковид 19 што се хоспитализирани плаќаат партиципација за болничкото лекување?“

Одговорот од кој произлегува дека за пациентите со корона-вирус ќе биде укината партиципацијата е следниот:

Ние со одлука на Влада ги покриваме трошоците за сите што не се здравствено осигурани. Но, можно е да ја земеме предвид и партиципацијата. Ќе направиме финансиска конструкција и тоа може за неколку дена да биде завршено.

Еден месец подоцна, односно сега, ниту болницата „8 Септември“ ниту Инфективната клиника, не им наплаќаат пари за лекувањето на пациентите со корона-вирус.

Нејасно е зошто текст стар повеќе од 25 дена е пласиран како нов и тоа со погрешни информации и во 8 часот и 36 минути наутро? Во 8 часот и 36 минути наутро, практично е невозможно веќе да завршила “денешната прес-конференција” како што се тврди во написот.

Во секој случај, потребно е да се проверуваат информациите пред да се пласираат, особено кога се однесуваат на здравствени состојби што афектираат голем број граѓани што може да се дезинформираат.

Кога медиумите преземаат информации од други канали, било да е тоа преку сервиси за вести или од други извори, потребно е да ја проверат од повеќе места, да се уверат дека е нова и релевантна. Особено кога за дадената изјава не се сигурни, односно не се увериле со свои очи и уши дека е баш така кажано.

Во случајот е направено спротивното, односно стара информација, која во моментот на објавата не е важечка, е пласирана како нова.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област. 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција