Пократко работно време за администрацијата е барање на синдикатот и на дел од научната јавност

Фото: META

Големиот прав, што се крена околу предлогот за пократко работно време за администрацијата, може да се протолкува и предизборно, но причините за тоа се барање на синдикатите, како и на дел од научната јавност. Несомнено, пократко работно време, според досегашните искуства во светот, носи зголемена ефикасност и безбедност во работниот процес

Големиот прав, што се крена околу предлогот за пократко работно време за администрацијата, може да се протолкува и предизборно, но причините за тоа се барање на синдикатите, како и на дел од научната јавност. Несомнено, пократко работно време, според досегашните искуства во светот, носи зголемена ефикасност и безбедност во работниот процес

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Премиерот Зоран Заев, на настан по друг повод на 01.10.2021, беше „бомбардиран“ од прашања на новинарите за една „споредна“ тема предлогот за скратување на работното време на вработените во Јавната администрација (ЈА) за четири часа во петок.

Овој предлог се наоѓа во член 55 од нацртот на предлог-законот за јавна администрација кој е поставен на единствениот Електронскиот национален регистер на закони и прописи (ЕНЕР).

Иако процесот на јавна консултација за целиот процес за измени во законот е започнат уште од ноември 2020 година на ЕНЕР и иако верзијата на последниот предлог закон е ставена на 17.09.2021,  поради „скандалозноста“ на предлогот (за што свој удел има и начинот на известување на медиумите), целата јавност се фокусираше само на работното време на ЈА, кое е предвидено од 40 часовно да се скрати на 36 часовно, а тие четири часа помалку да бидат во последниот работен ден – петок.

 

Барање на УПОЗ

Иако е вистина дека во самата проценка на влијание на регулативата, која е составен дел од целиот предлог на ЕНЕР, ова прашање не е допрено, ниту појаснето, се чини (полу)вистинита е тезата на медиумите дека станува збор за предизборен трик на партиите на власт (пред сè, СДСМ и ДУИ), од најмалку две причини.

Првата и основна е дека кратењето на работното време го барал најголемиот синдикат на вработените во јавната администрација – УПОЗ. Претставник на овој синдикат потврди за медиумите дека го поставиле ова барање во новиот закон, иако тоа било видно поинакво и не се однесувало на 4 часа и само во петок.

Ова барање е најавено уште во 2019 година од страна на УПОЗ (барале да се уреди генерално во Законот за работни односи, кој, исто така, е во фаза на менување) и тоа се однесувало на кратење на работното време на 7 часа, наместо 8, секој работен ден:

Време е Македонија да се приклучи на европските трендови и во новиот Закон за работни односи, кој е во фаза на изработка, да се утврди седум часовен работен ден, односно 35-часовна работна недела. Со седум часовното работно време ќе се врши подобра распределба на трудот. Намалувањето на работното време за 10,2 проценти од секој работник теоретски ќе доведе до потреба од ангажирање на дополнителен број работници. Од социјален аспект нашето барање го аргументираме со тоа што ќе се зголемат можностите за грижа кон семејството и за рекреација (изјава на претседателот на УПОЗ Пеце Грујовски, извор: Академик.мк).

Позитивни европски примери

Втората причина, поврзана со првата, се трендовите во светот, каде што разни приватни и јавни компании во изминатите неколку години тестираа модели на ефективност во работењето во зависност од работното време, па е дојдено до речиси консензуален заклучок дека пократкото работно време генерира поголема ефикасност.

На веб сајтот на Јуридика, асоцијација за правно-економски истражувања и едукација од Скопје, може да се најде став посветен на скратеното работно време – повисока ефикасност, во кој се констатираат забележаните предности во неколку држави во Европа, кои поради опасноста од пандемијата во 2020 година го скратиле работното време генерално, при што е увидено дека ефикасноста не само што не се намалила, туку и се зголемила.

Напоменато е и дека премиерката на Финска, Сана Марин, веќе предложи генерално намалување на работното време во таа земја од 8 на 6 работни часа. Освен ова, Финска има намера да воведе и 4-дневна работна недела (повеќе може да се прочита тука).

Во текстот на Јуридика се поместени и ставовите на универзитетскиот професор Лазар Јовевски, кој се залага за кратење на работното време и во РСМ генерално, но постепено по 1-2 часа неделно и не во сите сектори одеднаш, туку најпрво во јавниот, за да се дојде по извесно време дo крајната цел, генерално намалување на работното време и во приватниот сектор, при што би се постигнала поголема ефикасност:

Професорот посочува дека со ваквата промена кај работниците ќе се зголеми задоволството, бидејќи за нив ќе значи поголеми права и можност за посветување повеќе време на приватни активности. Вработените би ги извршувале своите работни задачи поефективно, поефикасно, попосветено и пофокусирано, бидејќи скратеното работно време ќе им создаде добра волја и мотивација за повисока продуктивност. Ова го нарекува ефикасно намалување на работното време, а крајните корисници на услуги од јавниот сектор- тоа се граѓаните, односно сите ние, би биле позадоволни од поквалитетните услуги кои ќе ги добиваме. (Јуридика.мк)

Јовевски во едно гостување на телевизија подетално зборува за научните искуства од кои произлегува и неговото залагање за намалување на работното време, при што ја споменува не само ефикасноста, туку и аспектот на безбедност на работното место. (околу 2-ра минута во видеото).

Така што, големиот „прав“ што се дигна околу предлогот за пократко работно време за администрацијата, може да се протолкува и предизборно, но причините за тоа се барање на синдикатите, како и на дел од научната јавност. Несомнено, пократко работно време, според досегашните искуства во светот, носи зголемена ефикасност и безбедност во работниот процес.

 


Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција