Полицајците во Кентаки нашле полни кеси, ама не со гласачки ливчиња, туку со кутии од Амазон

Фото: скриншот од дел од постот

Видео кое прикажува американски полицајци како вадат полни кеси од грмушки е искористено да се шири дезинформација дека станува збор за гласачки ливчиња од изборите во САД. Станува збор за видео во кое се прикажува ѓубре од празни кутии од компанијата Амазон

Видео кое прикажува американски полицајци како вадат полни кеси од грмушки е искористено да се шири дезинформација дека станува збор за гласачки ливчиња од изборите во САД. Станува збор за видео во кое се прикажува ѓубре од празни кутии од компанијата Амазон

 

Пост објава на Фејсбук на македонски јазик тврди дека Џо Бајден е далеку од тоа да биде избран за претседател на САД, зашто сè повеќе имало докази дека станувало збор за изборна измама.

Во постот, во кој е ембедирано и видео како „доказ“, се вели:

Се повеќе има видеа што се појавуваат со „изгубени“ гласачки ливчиња. Слипи Joо е далеку од тоа да биде претседател!

„Вистиномер“ се обиде да го провери тврдењето кое што произлегува од видеото, на кое се гледа како двајца американски полицајци во униформа и со полициско возило вадат полни кеси од некои грмушки покрај патот и ги складираат пред полициското возило. На видеото се гледа и зумирана слика од која што може да се утврди дека станува збор за различни кеси кои се преполни со различни содржини по габарит, кои личат на сè но најмалку на пликови со гласачки ливчиња или нешто слично.

Но, освен ова очевидно несогласување со тврдењето, „Вистиномер“ утврди дека други два факт-чекинг сервиса провериле оти станува збор за лажно тврдење, дека видеото прв пат го проширил корисник на ТикТок, а подоцна други корисници на социјалните мрежи го препознале местото, локацијата каде што е снимено. Еден од сервисите за проверка на факти, поаѓајќи од тоа, упатиле прашање до надлежните во полицијата во Кентаки за да го прокоментираат видеото, поточно до надлежниот шериф, надреден на полицајците што се гледаат на видеото.

Тој на прашањето на еден од водечките факт-чекери во светот, бразилската Аос Фатос организација, потврдил дека станува збор за негови полицајци од округот Боун од Кентаки, кои реагирале по пријава дека голема количина расфрлени кеси се наоѓаат во областа. По проверката било утврдено дека станува збор за празни пакети искористени од компаниијата Амазон, што на полицијата им го потврдиле и од компанијата.

Видеото со тврдење дека станува збор за документирана изборна измама е проверено и од други факт-чекери како што е Агенцијата Лупа. Но, она што е, исто така, интересно, е дека постојат и други лажни тврдења со фотографии кои покажуваат наводно расфрлени гласачки ливчиња како што е оваа, која исто така е проверена и е утврдено дека станува збор за лага, бидејќи фотографијата е од 2018 година (види ТУКА). И други слични објави се проверени од ЈУ ЕС ЕЈ Тудеј и од Асошејтед прес.

Според фактите до кои дојдовме при проверката на овој пост, може да се каже дека тврдењето во постот е во најмала рака проблематично, зашто самото видео кое треба да го поткрепи постот е од друг настан и со друг контекст.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција