Полициските униформи не се двојазични, Владата сè уште не донела таква уредба

Повеќе српски медиуми вчера (10.08.2020) ја дезинформираа јавноста дека униформите на полицијата се двојазични, односно покрај македонски и на албански јазик, и дека веќе е донесен таков пропис

 

Повеќе српски медиуми вчера (10.08.2020) ја дезинформираа јавноста дека униформите на полицијата се двојазични, односно покрај македонски и на албански јазик, и дека веќе е донесен таков пропис. Оваа неточна вест беше објавена во голем број медиуми со наслови од типот:

  • НОВ ПРОПИС Албански јазик и униформите на македонската полиција (NOVI PROPIS Albanski jezik i na uniformama makedonske policije) – „Блиц“
  • Албански јазик и униформите на македонската полиција (Albanski i na uniformama makedonske policije) – „Политика“, „Танјуг“, „Спутник.рс“
  • Македонските полицајци во униформи со албански натписи (Makedonski policajci u uniformama sa albanskim natpisima) – „Телеграф“
  • Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија воведе албански јазик и на полициските униформи (Ministar unutrašnjih poslova Severne Makedonije uveo albanski jezik i na policijske uniforme) – „Б92“

Со својата тенденциознот предничат  „Информер“ и „Правда“ кои излегоа манипулативен и навредлив наслов:

  • НА ЛУДИЛОТО МУ НЕМА КРАЈ! ШИПТАРИТЕ ЈА ПРЕЗЕМААТ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА! Албански јазик и на полициските униформи! (LUDILU NEMA KRAJA! ŠIPTARI PREUZIMAJU SEVERNU MAKEDONIJU! Albanski jezik i na policijskim uniformama!)

Фактички се работи за нецелосно и неточно пренесена информација. Имено, привремениот министер за внатрешни работи Агим Нухиу, навистина на својот Фејсбук профил се пофали дека потпишал нормативни акти за двојазични ознаки на униформите на полицијата. Тој, во објавата испишана само на албански јазик соопшти:

Потпишавме нормативни акти за амблеми на полициските униформи на албански јазик (сообраќајна полиција, гранична полиција, хеликоптерска полиција, одделенијата за специјални задачи…)

Но, во врска со оваа негова објава, која предизвика внимание и во македонската јавност, од Владата за ТВ24 изјавија:

 Униформите и ознаките на униформите на полицијата се дефинираат со уредба која ја носи Владата. Министрите немаат надлежност да носат уредби, а Владата ќе побара информација од министерот за внатрешни работи Агим Нухиу за неговата објава на ФБ.

А, неколку часа по објавата на Нухиу, МВР излезе соопштение во кое појаснува што, всушност, потпишал привремениот министер.  Во вториот дел од соопштението, поточно на крајот, е наведено дека на 11.07.2019 година во рамки на Министерството за внатрешни работи е формирана работна група со задача да изврши анализа и усогласување на прописите за униформата на Полицијата со одредбите од Законот за употреба на јазиците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 7/19) и со Уставниот закон за спроведување на Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 6/19).

Како резултат на работата на наведената работна група, изготвени се текстови на Уредба за изменување и дополнување на Уредбата за униформата и ознаките на униформата на Полицијата и Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за носењето, времето на траење и распределбата на униформата и ознаките на униформата. Имајќи го предвид изнесеното, Информираме дека објавата на министерот Нухиу се однесува на потпишување на актите кои треба да се достават до Владата. Имено, Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за униформата и ознаките на униформата на Полицијата ја носи Владата на Република Северна Македонија, а по нејзиното донесување се носи Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за носењето, времето на траење и распределбата на униформата и ознаките на униформата од страна на министерот за внатрешни работи, се вели во соопштението на МВР.

Од ова поизлегува дека Нухиу потпишал документи – акти кои треба да се достават до Владата, а за нивното евентуално усвојување во Владата ќе треба допрва да се одлучува.

Што значи дека  правната процедура за воведување двојазични униформи во полицијата не е завршена, со оглед на фактот што Владата досега нема донесено уредба со која ќе се востановат нови двојазични ознаки на  полициските униформи.

Но, во текстовите објавени во српските медиуми воопшто не се пренесени реакцијата од Владата и завршниот дел од соопштението на МВР во кој се објаснува постапката. Туку, со еден селективен пристап објавата на привремениот министер Нухиу на Фејсбук се зема како „здраво за готово“ и се претставува како завршена работа – како униформите на полицијата да се веќе двојазични. И, потоа, таква дезинформација бомбастично се соопштува во насловот.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција