Политичари и елити во Нов Зеланд не биле „изземени“ од вакцинацијата против ковид-19

Вакцини против ковид-19 на АстраЗенека Фото: Whispyhistory, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Тврдењето дека политичката класа тајно се изземала себеси од вакцинацијата против ковид-19 е целосно невистинито. До крајот на 2021 година, сите 120 пратеници во Парламентот на Нов Зеланд беа целосно вакцинирани. Правилата што важеа за јавноста беа строго почитувани и од самите политичари, и ниту еден од нив немаше добиено, ниту искористено вакво оперативно изземање наменето за здравствениот сектор.

Тврдењето дека политичката класа тајно се изземала себеси од вакцинацијата против ковид-19 е целосно невистинито. До крајот на 2021 година, сите 120 пратеници во Парламентот на Нов Зеланд беа целосно вакцинирани. Правилата што важеа за јавноста беа строго почитувани и од самите политичари, и ниту еден од нив немаше добиено, ниту искористено вакво оперативно изземање наменето за здравствениот сектор

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Еве ви ги тие што ве тераа со сила да се вакцинирате, а тие не се вакцинирани, како Филипче и другата останата багра, барајте одговорност, тука сум со вас.

Потоа се додава дека барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер наводно покажало дека „илјада политичари и членови на елитата биле изземени од вакцинација“, на што ќе се осврнеме во вториот дел од рецензијата.

Не е точно дека поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, не е вакциниран против ковид-19. На следниот линк може да се види целиот процес на неговата вакцинација, кој е снимен на видеоматеријал, со присутни медиуми од земјава, во арената „Борис Трајковски“, каде во тоа време се спроведуваше масовна вакцинација. Датумот кога Венко Филипче се вакцинираше против ковид-19 со вакцината на „Синофарм“ е 7 мај 2021 година.

Ја примив вакцината Синофарм, но потенцирам дека сите вакцини се добри, изјави тогаш, Венко Филипче пред арената „Борис Трајковски“, додавајќи дека одлуката била членовите на тогашната влада да се вакцинираат после пратениците, за да дадат пример.

Скоро сите министри добија термин во наредните 14 дена како национална стратегија.

Не е точно наведеното во објавата дека некој ги терал граѓаните со сила да се вакцинираат против ковид 19. Сите вакцинации беа спроведени со потпишување на информирана согласност, изјава дека граѓанинот сака да се вакцинира. Имаше голема кампања за промоција на бенефитите од вакцината против ковид-19, но немаше присилна вакцинација – уште има невакцинирани граѓани во земјава против ковид и тоа е најголем доказ дека немало присилба.

Во С. Македонија вакцинацијата против ковид-19 не беше задолжителна во смисла на тоа некој да е присилен. Информираната согласност за вакцинација против ковид-19 претставува процес во кој примателот на вакцината доброволно, по претходно добиени точни, разбирливи и целосни информации од здравствен работник, дава писмена или вербална дозвола за спроведување на имунизацијата.

Согласност за вакцинација
Согласност за вакцинација

Важно е да се напомене дека Северна Македонија, ја спроведуваше имунизацијата против ковид-19, со следење на препораките на СЗО, на ФДА и на ЕМА, односно, во земјава се прифаќаа вакцините коишто се одобрени од светските релевантни медицински организации.

Што се однесува до делот од објавата дека 1.000 политичари и членови на „елитата“ биле изземени од вакцинацијата, тоа тврдење е изнесено во ова интервју, но бројката што се изнесува за Нов Зеланд е 11 илјади, а не една илјада и нема врска со вистината.

Имено, во интервјуто Мајкл Греј Грифит (Michael Gray Griffith) — австралиски писател кој ја води платформата „Кафе локд аут“, во кое што со него учествуваше и поранешната новозеландска новинарка Лиз Ган, бројката што ја користат е 11 илјади. За време на разговорот, Грифит експлицитно тврди дека документот добиен преку барање за слободен пристап до информации (FOI) во Нов Зеланд докажал дека биле доделени „11.000 изземања од вакцинација“ и тврди дека тие отишле кај „политичарите и елитата“.

Документот за кој зборува Грифит навистина постои, но тој нема апсолутно никаква врска со политичарите или со некаква „елита“. Документот беше наменет и беше официјален одговор од Te Whatu Ora (Здравство на Нов Зеланд). Во него детално беа наведени бројките за привремени изземања поради „значително нарушување на услугите“ (SSD exemptions), кои беа побарани за здравствените работници и лицата кои негуваат лица со попреченост.

Како што пишуваат проверувачите на факти на новинската агенција Ројтерс, оваа мерка постоеше за време на вакцинацијата против ковид-19 бидејќи доколку некоја болница или клиника беше во ризик целосно да колабира или да изгуби критичен медицински кадар затоа што одреден вработен не е вакциниран, менаџментот можеше да побара привремено оперативно изземање за да не запре грижата за пациентите. Овие 11 илјади изземени од вакцинација се здравствени работници а не елити или политичари.

Тврдењето дека политичката класа тајно се изземала себеси од вакцинацијата против ковид-19 е целосно невистинито. До крајот на 2021 година, сите 120 пратеници во Парламентот на Нов Зеланд беа целосно вакцинирани. Правилата што важеа за јавноста беа строго почитувани и од самите политичари, и ниту еден од нив немаше добиено, ниту искористено вакво оперативно изземање наменето за здравствениот сектор.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција