Политичарите не смеат да дефинираат кој е новинар, а уште помалку кој е професионален

В. Филипче. Фото: <>СДСМ

Во демократските системи задача на политичарите е да ги креираат законите и другите услови кои го сочинуваат опкружувањето во кои работат медиумите и новинарите, а не да оценуваат кој е професионален новинар, а кој не. Лидерот на СДСМ Филипче токму тоа го направи во интервјуто на Сител (од 25.02.2026 г.), оправдувајќи се пред јавноста дека со тоа ги заштитувал токму професионалните новинари, за каков што го оцени и колегата што го водеше интервјуто  

Во демократските системи задача на политичарите е да ги креираат законите и другите услови кои го сочинуваат опкружувањето во кои работат медиумите и новинарите, а не да оценуваат кој е професионален новинар, а кој не. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, токму тоа го направи во интервјуто на Сител (од 25.02.2026 г.), оправдувајќи се пред јавноста дека со тоа ги заштитувал токму професионалните новинари, за каков што го оцени и колегата што го водеше интервјуто  

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Зборувајќи за актуелни теми за состојбите во државата, ЕУ перспективите, состојбите во Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и т.н., претседателот на СДСМ Венко Филипче во еден мал сегмент од тв интервјуто на „Сител“ го рече и следново, што може да се оцени како недоследна изјава:

 Гледајте ние моравме да ја кажеме вистината. Јас не би ги нарекол тие новинари. Зошто се споредувате со луѓе кои вреѓаат, кажуваат дека сме убијци на деца, наркомани или не држат на нишан? Вие не сте таков. Вие сте професионален новинар. Ние ве браниме вас. Пред сè, мора да се направи дистинкција. И тие (новинари и „Орбановата мрежа на медиуми“-н.з.), се дел од лажната кампања и црните вести кои што се шират низ државава. Се создава колективна психоза…

[Извор:Сител/Тема на денот – В. Филипче/интервју (од 18.мин.);датум: 25.02.2026]

 

Образложение:

Претседателот на СДСМ Филипче, како човек, како и секој друг, може да има какво сака мислење за медиумите и новинарите и право да го изрази тоа. Но, кога говори како поранешен и сегашен политичар (поранешен министер и актуелен пратеник) и кога говори од име на неговата парламентарна партија, ставот – тие не се новинари, вие не сте таков, професионален сте и ние (партијата) ве браниме вас (професионалните) –  може да се оцени и како недоследен од најмалку две причини.

 

Клучни документи

Прво, во демократските системи статусот на медиумите и на новинарите се утврдува со закон и други прописи, но секогаш се поаѓа од универзалното човеково право да биде информиран и да го искаже својот став. Ова се базира на три темелни документи. Универзалната декларација за човекови права, член 19 (ГС на ООН 1948г.); Европската конвенција за човековите права(ЕКЧП) член 10 (1950 г.); и Уставот на Република Македонија, член 16 (од 1991 г).  Споменатите меѓународни документи се дел и од нашиот правен систем, зашто се потпишани, ратификувани, и т.н., а членот 16 од Уставот всушност се темели на нив.

Оттука, иако ги има, не се чести примерите на високопрофилни политичари во демократски земји, посебно во ЕУ, кои кажуваат кој е новинар, а кој не. Политичарите во демократските земји се задолжени да ги креираат законите, подзаконските акти и други документи со што го создаваат општествениот амбиент во кој работата медиумите, новинарите и другите медиумски работници.

Работата на новинарите и оценката дали се новинари и дали се професионални новинари треба и може да ја оценуваат еснафските здруженија на новинарите, работодавачите во медиумите, саморегулаторните тела како што се Судот на честа при Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Советот за етика на новинарите на Македонија (СЕММ) и Независниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ), бидејќи една од неговите задачи се и новинарските права и слободи од аспект на слободата на изразување.

Конечно и институции каква што е регулаторната агенција за медиуми ААВМУ, иако таа со професионалноста на новинарите се занимава повеќе од аспект на професионалноста на известувањето во медиумите гледано низ призма на нивните законски обврски (за радиодифузерите, за печатените и од неодамна за електронските медиуми-интернет портали). Наброените тела во последната деценија особено, но и во последните месеци го правеле тоа, а ги осудувале политичарите и партиите кога ги напаѓале новинарите или кога оценувале какви се медиумите. И тоа без оглед дали доаѓале од власт или од опозиција или, пак, за кој новинар и медиум станува збор (види само два свежи од повеќето постоечки примери, тука и тука).

Во крајна линија, за етичкото поведение на новинарите и за нивната професионалност може да се суди и врз база на почитувањето на етичките кодекси и нашиот и во принципите на Глобалната повелба на новинари на Светската федерација на новинари, но имајќи ги предвид и контекстот, т.е член 10 од Европската конвенција (ЕКЧП). Ама не од страна на политичарите, кога зборуваат во име на политичките партии, било во власт, било во опозиција.

Така што, кога политичарите не се задоволни од известувањето на медиумите и новинарите, имаат две опции. Или да се обратат до еснафските здруженија и нивните саморегулаторни тела и/или да се обратат до надлежен суд за да се одбранат ако ценат дека се жртви на навреда и клевета. А, во нашиот систем тоа е регулирано со т.н. Граѓанскиот закон за навреда и клевета, прв пат усвоен во 2012 година, а изменет во 2022 година поради усогласување со ЕУ директива.

Но, тука политичарите треба да имаат предвид и две други работи кои можат да бидат за нив и стапица – Таканаречните СЛАП тужби против новинари и медиуми и судската пракса од Судот за човекови права во Стразбур, која со децении покажува еден ист тренд – јавните личности, особено и носителите на одлуки во општеството, т.е. политичарите, треба да се поотпорни кога се изложени на критики во медиумите и од новинарите (еве само еден од примерите од архивата што ја има и СЕММ., види тука).

Имајќи ги предвид аргументи аргументите наведени погоре во текстот, изјавата на Филипче во делот што е подвлечен, може да се оцени како недоследна.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција