Политички судири на северот на Косово во време на пандемија

Kосовската јавност последните денови беше сведок како пандемијата со КОВИД 19 се користи за меѓуетнички тензии меѓу албанските и српските граѓани во северните општини на Косово. Одредени медиуми и политичари беа јавно осудени за непрофесионално известување и јазик што може да предизвика меѓуетничка криза.

 

Пишува: Емирета Влахиу

 

Косово има околу 230 лица заразени со КОВИД 19 и шест жртви. Овој број не вклучува дел од граѓаните погодени во Северна Митровица и Звечан. Примероци од заразените во оваа област биле земени од српски лекар и испратени на анализи во Белград, додека дел од заболените се лекуваат во болниците во Србија. Ангажманот на српските лекари и српските власти во овие области беше критикуван од опозицијата како  дирекно мешање во Косово. Употребената реториката од страна на лидерите и други јавни чинители, почнувајќи од претседателот, па до политичките партии во Косово е опишана како „провокативна“ (поттикнувачка) и беше остро осудена од меѓународниот и локалниот фактор.

Во целата оваа ситуација беа критикувани и известувањата на два локални медиума, кои беа оценети како тенденциозни и непрофесионални, вклучително и јавниот сервис, Радиотелевизија на Косово и информативниот портал „Сињали“. Првично, пред неколку дена беше објавено дека Србија спроведува мерки во четири општини со српско мнозинство на северот на земјата.

Изјава имаше и од претседателот на Косово, Хашим Тачи, кој ја обвини актуелната Влада.

Ситуацијата создадена во северните општини на Косово е неприфатлива и е резултат на неодговорност на Владата на Република Косово за да им помогне и да ги заштити граѓаните и територијалниот интегритет на Република Косово, се вели во соопштението на претседателот на неговиот Фејсбук профил.

Косовскиот претседател Хашим Тачи и актуелниот премиер Албин Курти во повеќе наврати беа вплеткани во полемики, при што не недостасуваа и навреди. Минатиот месец Курти го обвини Тачи дека потпишал „таен договор“ со Србија, додека, пак, тој го нарече Курти „кукавица“ и „недостоен“.

Во меѓувреме, Тачи неодамна кажа дека Владата на Република Косово не смее да им дозволи на општините во северниот дел на Косово да работат надвор од косовските институциите и надлежните тела за спречување на пандемијата со КОВИД-19, „со што се создава нелегален оперативен простор за властите на Србија во територијата на нашата држава “ рече Тачи.

Владејачкиот партнер на Движењето Самоопределување, Демократскиот Сојуз на Косово (кој иницираше недоверба на Владата во која е дел), преку реакција во медиумите побара од извршната власт да ја обезбеди потребната помош за граѓаните на Косово на целата територија на државата. Но, актуелната Влада реагираше на изјавите објавувајќи дека Северна Митровица и Звечан се ставени во карантин со одлука на косовското Министерство за здравство.

Во меѓувреме, актуелниот премиер беше построг кон претседателот, Курти изјави дека има политичари во Приштина и Белград кои сакаат конфликт на северот на Ибар.

Тие сакаат да има тензии затоа што сакаат инциденти. Нивниот проект за територијална размена, доколку се спроведеше, ќе предизвикаше нови конфликти и крвопролевање. Тој проект не успеа. Сега тие сакаат конфликти и крвопролевање на овој терен за да се вратат на идејата за територијална размена, односно на поделба на Косово , рече тој преку видео обраќање.

Во меѓувреме, Рашит Ќалај, директор на косовската полиција, рече дека како институција тие ги прошируваат своите активности низ целата земја, вклучително и во општините со мнозинско српско население.

Но, обвинувања против Тачи имаше и од генералниот секретар на Европската федерација на новинари, Рикардо Гутиерез. Тој рече дека косовскиот претседател Хашим Тачи и неговиот српски колега Александар Вучиќ ја користат кризата со коронавирусот за да ги разгорат политичките тензии.

Јасно е дека некои политичари, почнувајќи од српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот претседател Хашим Тачи, ја користат кризата со коронавирусот за да ги разгорат политичките и социјалните тензии во нивни интереси. Ги повикуваме новинарите да не ја играат нивната игра и да постапуваат во интерес на јавноста , рече Гутиерез.

По сите овие изјави и обвинувања, немаше реакција од српскиот претседател, Вучиќ, кој во последните денови зборуваше само за нивната помош за Србите на Косово.

Во меѓувреме, работата на косовските институции – Министерството за здравство, предводено од Арбен Витиа, ја пофалија странските дипломати во Косово.

Амбасадата на Соединетите Американски Држави на Косово упати писмо со благодарност до актуелниот министер за здравство, Витиа, во врска со неговата посветеност во борбата против коронавирусот.

Во писмото, меѓу другото, се наведува дека „заедничката конференција на Витиа со министерот за заедниците Далибор Јевтиќ на 2 април покажа лидерство и посветеност“.

Германскиот амбасадор во Косово, Кристијан Хелт, исто така, ја пофали работата на двајцата министри, Арбен Витија и Далибор Јевтиќ.

Во објавата на Твитер, Хелт ги охрабри министрите на Владата на Курти да продолжат да соработуваат во борбата за спречување на пандемијата на коронавирус. Во меѓувреме, шефот на канцеларијата на ЕУ во Косово, Наталија Апостолова, повика во вакви околности политичките разлики и бескорисните дебати да се остават настрана. На повиците за деполитизација на ситуацијата им се придружија и амбасадите на Швајцарија и Велика Британија во Косово.

Полемиките за Северно Косово со години беа причина за судири меѓу косовските политичари. Во септември 2018 година, додека Движењето Самоопределување одржуваше протест во Приштина против идејата на претседателот Хашим Тачи за „корекција на границата“, Тачи „се возеше со брод“ на езерото Ујман, на северот на земјата. Нарекувајќи ја посетата нормална,  тогаш претседателот рече дека Косово е суверено.

Сепак, северниот дел на Косово останува меѓу областите каде, меѓу многу други проблеми од политичка природа, во него доминира шверц на стока преку албанско-српска соработка, против кои „раката на државата“ на Косово не успева да се бори.

Емисијата „Правда во Косово“ во неколку циклуси го прикажа шестмесечното истражување што ги покажа врските на шверцот со полицијата во Лепосавиќ и Зубин Поток. Истражувањето донесе ексклузивни снимки од транспортот на стоки од Србија во Косово преку нелегални патишта. Тимот „Правда во Косово“ имаше ексклузивни снимки на камиони полни со стока кои се движеа пред полицијата.

 

ЧУВСТВИТЕЛНОСТ НА ИЗВЕСТУВАЊЕ НА МЕДИУМИ ВО ВРЕМЕ НА КРИЗА

Начинот на информирање на повеќе медиуми во Косово во врска со ситуацијата создадена од коронавирусот на северот, предизвикаа реакции околу можноста за поттикнување на конфликт во тој дел од земјата.

 Европската федерација на новинари (ЕФЈ) во своето соопштение истакна дека имало несоодветни изјави и провокативни прашања поставени од новинарка на РТК, додека таа известуваше директно од Северна Митровица во саботата (4 април 2020 г.) навечер.

Според нив, ваквите постапки предизвикуваат тензии меѓу српската и албанската заедница.

Исто така, ЕФН објави дека порталот за вести „Сињали“, предизвикал контроверзии откако ги објавил имињата, адресите и датумите на раѓање на 210 граѓани, главно Срби и Роми, кои биле сместени во карантин во Северна Митровица и во други градови.

Оваа Федерација ги повика медиумите во Косово да се воздржат од создавање на дополнителни тензии во време кога земјата се соочува со здравствена криза предизвикана од пандемијата.

Во врска со овие случувања, претседателот на Одборот советот за медиуми на Косово, Имер Мушколај за KALLXO.com изјави дека дел од медиумите биле жртва на „битката“ на политичарите за северот на земјата.

Очигледно, повеќето изјави на политичките партии беа полни со лицемерие, со оглед дека сите знаеме како се случи тоа што северот останува во рамките на она што е сега. Но, исто така, голем број на медиуми се жртва на оваа битка, информирајќи од едната или другата страна, или трета и четврта страна, ако можам да кажам така, затоа што веќе имаме многу партии во оваа политичка битка , рече Мушколај. 

Мушколај додаде дека медиумите треба да бидат внимателни во начинот на известување и треба да се почитуваат етичкиот кодекс,  да се внимава на начинот на известување и  тие да не бидат жртва на остриот јазик на политилчарите.

Советот на печатените медиуми им препорача на медиумите да ја вршат работата на печатот професионално известувајќи за тоа што се случило.

Тоа што случи на северот, секако не е лесно да се извести затоа што има различни толкувања, но особено во таква ситуација помеѓу брзината и точноста на известувањето, второто е најважно.

Според него, само на овој начин медиумите можат да ги намалат тензиите кои можат да се создадат и од друга страна да ги смират граѓаните, особено оние на северот, за да не се повтори тоа што се случи во март 2004, кога медиумите придонесоа да се предизвикаат немири.

Немирите од март 2004 година беа предизвикани откако три албански деца се удавија на 16 март во селото Чабер во Митровица, во реката Ибар. Претставници на меѓународните организации ширум светот, тогаш, исто така, ги критикуваа локалните медиуми за неточно известување, поттикнувајќи судири меѓу Албанците и Србите. Во немирите на 17 и 18 март 2004 година загинаа повеќе од 20 луѓе, а стотици беа повредени.

Германскиот амбасадор во Косово, Кристијан Хелт, исто така, го критикуваше „тенденциозното новинарство“, потенцирајќи дека ова е ситуација којашто ги надминува границите.

Новинарство ја надминува професионалната етика, не им помага на луѓето на теренот. Во прашање е животот на луѓето. Безбедност за едните е безбедност за другите. Затоа, ве молиме за одговорност“, истакна Хелт на Твитер.

Од друга страна, претседателот на Независната комисија на медиумите, Муј Ферати, за KALLXO.com изјави дека досега немаат ракции за какви било законски прекршувања од страна на медиумите.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.