„Политичко силување“ ставено во невистинит контекст

Ниту албанските партии сакаат да ја редефинираат Македонија до непрепознавање, ниту пак тоа можат да го остварат и да сакаат, затоа што за легално редефинирање на Македонија „до непрепознавање“ постојат законски процедури согласно Уставот на РМ, ниту пак СДСМ има таква намера, бидејќи своите намери и досегашниот тек на преговорите за состав на новата влада ги соопштија јавно, на прес конференција, заедно со предлог новата програма на идната влада и како последно, но не и неважно – т.н. Тиранска платформа, не содржи во себе такви намери и условувања.

 

Партијата ВМРО-ДПМНЕ по средбата со еврокомесарот Јоханес Хан и тројца европратеници соопшти/изјави, меѓу другото, и многу невистини кои ги пронајдовме во следниот дел:

 

ВМРО-ДПМНЕ: …Македонските граѓани се крајно сензибилизирани и револтирани затоа што не само што се крши принципот „победник со победник“, кој меѓународната заедница го наметна, туку јасна е намерата преку тоа кршење, мнозинството Македонци да одат во опозиција за да можат албанските партии заедно со СДСМ како поразена партија поддржана од малцинството од граѓаните и особено од малцинството од Македонците, да го сменат името и идентитетот, и да ја применат Тиранската Платформа со цел редефинирање до непрепознавање на земјата, и дека СЈО е главната алатка за олеснување и спроведување на тој план, чиј планер заборавил дека Македонија освен партии и политичари има и народ, и дека ова што се случува е „политичко силување“ на државата и на народот и неговата волја…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, веб страна, датум: 22.03.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Овој дел од соопштението/изјавата на партијата ВМРО-ДПМНЕ е издвоен за оценка, бидејќи е преполн со невистини, врз кои потоа се градат јавни политики на партијата.

Првата невистина се однесува на делот, зошто биле „македонските граѓани сензибилизирани и револтирани“. Се појаснува дека тоа било така, затоа што се скршил принципот коалициона влада да состават „победник со победник“, па мнозинството Македонци ќе останеле во опозиција.

Повторно ќе се повикаме на целосните резултати од изборите на 11 декември 2016 година, кои не се оспорени од никого, а парламентарците се со верифицирани мандати во Собранието на РМ.

ВМРО-ДПМНЕ настапи со широка коалиција од 15-тина партии на малцинствата. Со добиените гласови кои се само 17 илјади повеќе од коалицијата на СДСМ и со разлика од два пратеника во Парламентот, ВМРО-ДПМНЕ не може да тврди дека ги претставува мнозинството Македонци. Ниту може да изброи колку од малцинствата гласале за нивната коалиција, ниту може да каже колку од малцинските заедници гласале за СДСМ, ниту пак може да каже за кого се определиле другите гласачи Македонци, кои од некоја причина не излегле на изборите, ниту пак е тоа во духот на граѓанска Македонија со демократско парламентарно уредување.

Втората невистина е дека со несоставувањето влада по принципот „победник со победник“, албанските партии заедно со поразениот СДСМ ќе можат да ја редефинираат до непрепознавање РМ, применувајќи ја Тиранската платформа…

Ниту албанските партии сакаат да ја редефинираат Македонија до непрепознавање, ниту пак тоа можат да го остварат и да сакаат, затоа што за легално редефинирање на Македонија „до непрепознавање“ постојат законски процедури согласно Уставот на РМ, ниту пак СДСМ има таква намера, бидејќи своите намери и досегашниот тек на преговорите за состав на новата влада ги соопштија јавно, на прес конференција, заедно со предлог новата програма на идната влада и како последно, но не и неважно – т.н. Тиранска платформа, не содржи во себе такви намери и условувања.

Третата невистина е дека за реализација на претходното тврдење за редефинирање на Македонија до непрепознавање, главна алатка за олеснување и спроведување е Специјалното јавно обвинителство.

Се мисли на безбројните тврдења на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и други високи функционери од оваа партија, дека СЈО, како „алатка во рацете на СДСМ“, имала за цел и физички да ја уништи партијата.

Акцијата на СДСМ и СЈО е планирана до таа мера, не само да се оди кон поединци од ВМРО-ДПМНЕ, и тоа поединци во смисла на најмалку половина раководство, ако може и цело раководство, туку да ја нападне и партијата Да се заплени нејзиниот имот, да се блокира сметката, да се блокираат средствата на партијата, да не може да функционира, за да може да се истера оваа агенда. (Груевски )

Досега партијата ВМРО-ДПМНЕ, како и бројните аналитичари што излегуваат по медиумите а кои имаатт идентичен став како партијата, не понудија ниту еден издржан аргумент дека СЈО ги застапува интересите на СДСМ и со тоа е необјективна и селективна јавно-обвинителска институција. Но, настрана од тоа, таа сè уште е производ од „Договорот од Пржино“ и СЈО е изгласано со гласовите на речиси целиот претходен парламентарен состав, вклучувајќи ги и гласовите на тогашните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.

Четвртата невистина е, дека ова што се случува е „политичко силување“ на државата и на народот и неговата волја.

Со ваквиот став, кој нема врска со вистината и реалноста, се испревртува целата работа „на глава на место на нозе“. Македонија е по своето уредување во Уставот парламентарна демократија. Во парламентарните демократии мноизнствата формираат влади. Груевски и ВМРО-ДПМНЕ имаа мандат да состават влада со „победникот кај албанскиот блок“, но не успеаја ни по 20 дена. Претседателот Ѓорѓе Иванов, кој побара доказ дека друго парламентарно мнозинство има над 61 пратеник во Собранието, за да го додели мандатот тој доказ го доби написмено. Мандатот, сепак, не го даде, со аргументација која од најголем дел од уставните и правни експерти беше оценета како злоупотреба, а од политичарите што обезбедија мнозинство и како „државен удар“.

Оттука, „политичко силување“ е токму недоделувањето на мандатот и спротивставувањето на ВМРО-ДПМНЕ да се оформи новата влада и новите тела во Собранието на РМ.

Поради сè погоре образложеното, цениме дека делот од соопштението/изјавата на ВМРО-ДПМНЕ кој го анализиравме е невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција