Политичкото поентирање е работа на партиите, не на новинарите

[Рецензија: Битолските социјалдемократи гневни на партијата: Со ваква листа ли ќе барате победа?]

Во овој напис на читателите не им се презентира точна информација, туку само манипулации и невистини. Во насловот се најавува дека битолските социјалдемократи биле гневни на партијата, а во текстот тој нaводен гнев никаде го нема.

Линк до оригиналниот напис: Битолските социјалдемократи гневни на партијата: Со ваква листа ли ќе барате победа?

Датум и време на објавување: 10.3.2020

Датум на рецензирање: 14.3.2020

Рецензент: Ана Анастасовска

Текстот е манипулативен и не нуди никакви факти и докази за искажаното.

Уште на самиот почеток, во првата реченица од текстот е содржана невистина, а со тоа е прекршено и основното новинарско правило дека новинарот не смее да не ја почитува вистината и да пренесува лажни вести.

Зад затворени врати СДСМ вчера одлучи, Радмила Шекеринска, да биде носител во ИЕ 5.

Целосна невистина е дека СДСМ зад затворени врати одлучил Радмила Шекеринска да биде носител во петтата изборна единица. Имено, решенијата за изборните листи, партијата ги усвои на Конгрес, кој се одржа на 9.3.2020 г. во скопскиот хотел „Александар палас“. Конгресот на партијата е највисокиот партиски орган и, според тоа, не може да се каже дека партијата одлучувала зад затворени врати. Листите ги изгласаа делегатите на Конгресот.

Понатаму текстот ги посочува и имињата на следните двајца на листата во петтата изборната единица и вели:

Но оттука натаму започнуваат разочарувањата на битолските социјалдемократи, бидејќо ако се змеат во предвид минатите избори, СДСМ бара 20.000 гласови во Битола.

Членстото на СДСМ во Битола, ваквиот потег од централата во Скопје го сфаќа како потценувачки и омаловажувачки, но Шекеринска се надева на силна поддшка и убедлива победа во Битола.

И написот тука завршува. Тврдењата дека битолските социјалдемократи се гневни и разочарани од одлуката на партијата Радмила Шекеринска да биде носител во петката, не се поткрепени со ништо. Никаде нема изјава од општинскиот комитет на СДСМ во Битола, никаде нема изјава од ниту еден „гневен“ член на партијата од овој град. Па, поради тоа се добива впечаток дека наводните гневни битолски социјалдемократи се измислени.

Задача на новинарот не е да шири лажни вести и да манипулира со читателите со цел политички да поентира. Политичкото поентирање е работа на политичките партии. Новинарите имаат задача да пренесуваат вести и информации кои се од јавен интерес и притоа, таквите информации мора да бидат проверени од што е можно повеќе страни за да бидат релевантни.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција