„Политикин Забавник“ се спротиставува на теориите на заговор за 5Г со едукативни написи

Изданијата на „Политикин забавник“ од 15.05. и 24.04.2020 г. Фото: Мета.мк

Европскиот концепт на медиуми подразбира тие да имаат информативна, забавна и едукативна компонента. Подложноста на жителите на Балканот на поплавата од дезинформации често се поврзува со ниското образовно ниво, за што улога има и слабиот квалитет или непостоењето едукативни програми во медиумските сфери во регионот.

Еден редок пример на приватен медиум кој едукативниот аспект го има вградено во својата работа е белградскиот „Политикин Забавник“, чии написи за популаризација на науката во последно време се насочени и кон темите поврзани со разни теории на заговори, меѓу кои и оние за „5G“ технологијата.

Една форма на директна едукација применета од ова списание едукација е преку одговарање на писма од читатели. Така, во бројот од 24 април, Петар Станиќ, претседател на Здружението за безбедност и здравје при работа на општината Житиште, поставил прашање: „Дали 5Г-мрежата ќе има влијание на растителниот и животинскиот свет и на заштитата на природата, а особено на пчелите?“

Одговорот на редакцијата е дека „за разлика од малата хидроцентрала која е изградена во вашата општина, базните станици за 5Г, кога еден ден ќе бидат поставени, нема да имаат никакво (ни добро, ни лошо) влијание на животот, здравјето, пчелите, глуварчињата…“

Во бројот од 15 мај „5G“ е насловна тема, обработена преку едукативен напис на 4 страници со кој се објаснети одликите на таа технологија како и нејзините ограничувања, како и користењето на различни фреквенции од електромагнетиот спектар за различни намени во мобилната телефонија.

„Политикин Забавник“ е основан 1939 година како забавно списание за целото семејство, кое во магазински формат поврзува класични забавни содржини со вести од областа на науката, културата, занимливости… Интегрален дел од списанието се стриповите, литературата преку кратки раскази, како и енигматиката. Едукативните содржини се предаваат во лесно читлив „енциклопедиски“ формат. По 1969 година, кога неговиот формат беше модернизиран, уживаше огромна популарност и култен статус во бившата СФРЈ, со тиражи од неколку стотици илјади примероци по број.

Популарноста на „Политикин Забавник“ вон границите на Србија опадна по 1990 година, поради фокусот на написите за историја на тесно национални теми и повремен ревизионизам.

Последните години, под мотото „за сите од 7 до 107 години“ овој неделник се дистрибуира во скоро сите држави на бивша Југославија, меѓу кои и Република Северна Македонија, а во летниот период и во туристичките места во Република Грција.

извор: Meta.mk

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција