Полска како лакмус за механизмите на ЕУ при заштита на владеење на правото!
Европската унија за прв пат по донесувањето на Рамката за владеењето на правото, го активираше механизмот кој е уште и познат како „пред активирање на член 7„ во однос на најновите законски измени кои беа донесени во Полска, а го загрозуваат владеењето на правото во Полска.
Европската унија за прв пат по донесувањето на Рамката за владеењето на правото, го активираше механизмот кој е уште и познат како „пред активирање на член 7„ во однос на најновите законски измени кои беа донесени во Полска, а го загрозуваат владеењето на правото во Полска.
Пишува: Диана Жупаноска
Целта на оваа Нова рамка[1] е да ја опреми Европската комисија (ЕК или Комисијата) со инструмент кој ќе најде решение на кој било проблем што ќе се појави во некоја држава-членка за да спречи системска закана за владеењето на правото во таа држава-членка, која може да се развие во „јасен ризик за сериозна повреда“ во смисла на членот 7 од Договорот за Европската унија (ДЕУ), кој ги уредува процедурите за воведување санкции кон државите-членки кај кои ќе биде утврден системски и постојан тренд на повреда на принципот на владеење на правото. Идејата за ваквиот механизам потекна од постојаното назадување на демократијата и владеењето на правото во Унгарија и немоќта на ЕУ и Европската комисија да се справи со не демократските процеси внатре во Унијата кои потекнуваат од самите држави членки. Новата рамка на ЕУ за зајакнување на владеењето на правото се заснова врз четири основни принципи кои се проткајуваат низ процесот што го води ЕК, а кој започнува со индикации за системска закана за владеењето на правото во некоја држава-членка. Тие принципи се:
- Решението за идентификуваниот проблем се бара преку структурен дијалог со засегнатата држава-членка;
- Процесот се раководи од објективна и темелна оцена на ситуацијата;
- Во текот на постапката се применува принципот за еднаков третман на сите држави-членки на ЕУ, без разлика на која било нивна посебност;
- Во решавањето на системскиот проблем ќе се користат брзи и конкретни акции кои ќе го избегнат користењето на членот 7 од ДЕУ како последен и најстрог инструмент.
Полска донесе закони со кои се дозволува извршната власт да ги избира менаџерите и членовите на јавните радиодифузери, по што и веднаш ги отпушти сегашните менаџери на јавните телевизии и радио станици. Вториот спорен закон се однесува на уставниот суд на Полска со кој се намалуваат ингеренциите на Уставниот суд да поништува закони, а се зголемува политичката контрола на Уставниот суд.
Уште пред донесувањето на спорните закони од страна на Полска, ЕК предупредуваше на негативните последици врз демократијата во Полска и во ЕУ. По донесените закон и направената првична проценка на ЕК за сериозноста на новиот закон, ЕК донесе одлука за започнување на структуриран дијалог со Полска во однос на загрозувањето на слободата на медиумите и принципот на независно судство.
Рамка за владеењето на правото или „пред активирање на член 7“ е процес кој е раководен од ЕК и ги вклучува следните три фази:
- Оцена на Комисијата ;
- Препорака на Комисијата и
- Следење на спроведувањето на препораката на Комисијата.
Колеџот на Комесари на 13 јануари и официјално ја започна процедурата „пред активирање на член 7“ со отворање на првата фаза или фаза на оцена на состојбите од страна на ЕК. Притоа Колеџот го овласти потпретседателот Тимерманс да испрати писмо до полската Влада, започнувајќи структуриран дијалог[2]. Структуриран дијалог значи дека како резултат на прелиминарната оценка, Комисијата е на мислење дека навистина постои ситуација на системска закана за владеењето на правото и ќе иницира дијалог со засегнатата држава -членка, со испраќање на “мислење за владеењето на правото”, давајќи и можност да се изјасни на засегнатата држава- членка. Мислењето може да биде резултат на размената на писма и на состаноци со релевантните органи и, кога е соодветно, да следи на натамошна размена на коресподенција.[3]
Во последната трета фаза од овој механизам, во случај да не се применат препораките на ЕК, се предвидува дека „Советот со квалификувано мнозинство може да одлучи привремено да прекине одредени права на соодветната земја-членка што произлегуваат од примената на Договорот, вклучително и гласачките права на претставникот на владата на таа земја-членка во Советот“[4].
Ова е прва шанса на Комисијата да докаже дека е чувар на владеењето на правото во ЕУ, по пропустот кој е направен во однос на Унгарија и нејзините политиките на назадување на демократија на Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, истовремено да зададе удар на растечкиот тренд на недемократски владеења во Европа.
Детална анализа на овој инструмент и други релевантни прашања можете да најдете во студијата на МЦЕО „Темелни права- Сместување во европска рамка“ на следниот ЛИНК.
[1] Целиот текст на предлогот на Новата рамка е достапен на http://ec.europa.eu/justice/effective-justice/files/com_2014_158_en.pdf
[2] http://ec.europa.eu/news/2016/01/20160113_en.htm
[3] http://eur-lex.europa.eu/legal-content/EN/TXT/?uri=CELEX%3A52014DC0158
[4] http://www.sep.gov.mk/data/file/Publikacii/Dogovor%20od%20Lisabon(1).pdf член 7 став 3 од ДЕУ
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар