Помалку луѓе се иселиле не затоа што дојде живот во С. Македонија, туку поради пандемијата

Фото: ФБ профил на Николовски - принтскрин

Вицепремиерот Николовски споредува податоци кои не се споредуваат. Речиси година и половина светот живее во услови на ковид пандемија и нема простор за  величење на Владата дека нејзините политики резултирале со намалување на бројот на отселени лица од Северна Македонија. Реалноста е дека тоа се должи на корона кризата и затворените граници, а не оти „државата стана подобро место за живеење“. Сѐ друго е спин, вклучително и овој хвалоспев на Николовски

Вицепремиерот Николовски споредува податоци кои не се споредуваат. Речиси година и половина светот живее во услови на ковид пандемија и нема простор за величење на Владата дека нејзините политики резултирале со намалување на бројот на отселени лица од Северна Македонија. Реалноста е дека тоа се должи на корона кризата и затворените граници, а не оти „државата стана подобро место за живеење“. Сѐ друго е спин, вклучително и овој хвалоспев на Николовски

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, објавувајќи податоци од анкета на јавното мислење, го искажа слединиот спин во којшто намаленото иселување во текот на оваа година  го претстави како успех на Владата:

 

Спин: Целта е државата да стане подобро место за живеење, а намалување на иселувањето е навистина важно во процесот.

Продолжуваме да работиме за што помалку спакувани куфери, изгубени другари, напуштени домови и изгасени светилки!

[Извор: Официјлен Фејсбук профил на вицепремиерот Љупчо Николовски;  датум: 23.06.2021]

 

 

Контраспин: Оваа објава на вицепремиерот Љупчо Николовски е прилично проблемтична, во најмала рака несмасна. Во неа Николовски фактички се фали дека Влдата е заслужна за намаленото иселување од Македонија. Тој наменски ги претставува  резултатите од анкетата и ја прикажува ситуацијата како Владата да допринела да се променат иселеничките трендови во општетсвото, дека  е подобрен животот, што, пак, резултирало помалку луѓе да заминат од државата.

На овој начин Николовски ја спинува вистината и креира погрешна слика во јавноста. А, еве зошто.

Вицепремиерот споредува нешта – ситуации кои не се споредуваат. Речиси година и половина светот живее во услови на корона пандемија, карантин и затворени граници. Период во кој амбасадите од сите атрактивни земји во кои луѓето најчесто заминуваат во потрага по подобар живот, како што се САД, Канада и европските држави (Германија, Италија , Шведка), не издаваа визи, дури ни за туристички патувања. Од државата можеше да се замине само поради есенцијални прочини, лекување и слично.

За рестриктивните услови за влез во замјите на ЕУ минатата година, на пример, говори и оваа објава на веб-страницата на германската амбасада во Скопје, насловена „Нови правила на таканаречената „Регулатива за Западен Балкан” од 01.01.2021. Во неа, меѓу другото, е наведено дека:

За време на пандемијата поради ковид-19, влез со цел вработување согласно чл. 26 став 2 од Правилникот за вработување не беше можен поради ограничувањата за влез во ЕУ предизвикани од пандемијата.

Во истата информација се посочува и тоа дека:

Сојузната влада ги укина сите ограничувања за влез за лица резиденти во Северна Македонија, со важност од 20.06.2021. Со тоа е можно повторно да се обработат барањата за визи согласно чл. 26 став 2 од Регулативата за Западен Балкан

А, на социјалните мрежи, поточно на страниците – групите на Македонци во странство, може да се прочитаат постови за тоа каков е интересот кај нашите граѓани за термини за визи во европските држави.

Инаку,  и сега, кога се намалија случаите на ковид-19 и полека почнаа да се олабавуваат рестрикциите за движење, влезот во повеќето држави е значително тежок дури и за вакцинираните, зашто во земјите на Европската Унија се признаваат само вакцините одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА) – „АстраЗенека“, „Фајзер“, „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“.

За тоа колку малку луѓе воопшто патувале минатата година говорат и податоците за превезени патници на скопскиот  и охридскиот  аеродром, кои беа затворени за сообраќај три и пол месеци –  од средината на март 2020 година до 1 јули 2020 година. Поради ковид кризата, двата аеродрома лани имале 782.876 патници, односно 1,9 милиони  помалку, што е 71% во однос на 2019 година кога биле превезени  2.675.945 лица. Ваков пад на бројот на  превезени патници од двата македонски аеродрома не е забележан од 2010 година, што може да се види на инфографикот подолу којшто го изработи новинската агенција „Мета“

 

Извор: Мета

Така што, тука нема простор за величење на Владата дека нејзините политики резултирале со намалување на бројот на отселени лица од Македонија. Реалноста е дека тоа се должи на корона кризата и затворените граници, а не оти „државата стана подобро место за живеење“. Сѐ друго е спин, вклучително и овој хвалоспев на министерот Николовски.

Впрочем, за тоа говорат и бројните критики под самата објава на вицепремиерот.

 

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција