Помошта за Украина не ја прави земјата „несуверена“ или „сопственост на Светска Банка“
Самото тоа што меѓународните партнери со помошта за Украина не се насочени само на нејзината одржливост во војната туку и за иднината и нејзината стабилност, укажува на тоа дека немаат намера да ја окупираат, туку само ја помагаат во нејзиното право на самоодбрана на територијалниот интегритет по целосната воена инвазија од страна на Русија.
Самото тоа што меѓународните партнери со помошта за Украина не се насочени само на нејзината одржливост во војната, туку и за иднината и нејзината стабилност, укажува на тоа дека немаат намера да ја окупираат, туку само ја помагаат во нејзиното право на самоодбрана на територијалниот интегритет по целосната воена инвазија од страна на Русија
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува графикон и пишува:
Кога тврдите дека сте суверена нација, но во реалноста: Во 2024 година, меѓународните партнери и платија на Украина 41,7 милијарди долари директна буџетска поддршка (без воената помош), изјави шефот на Комитетот за финансии на Рада, Данило Хетманцев. Најмногу пари за буџетски потреби дала ЕУ, а потоа Американците. Двете заедно сочинуваат две третини од целата финансиска помош. Во исто време, Велика Британија, која активно ја поддржува Украина, даде помалку од три проценти од финансиската помош. ЕУ – 44,79 (38,9 проценти од целото финансирање). САД – 31,24 (27,1%). ММФ – 12,45 (10,8%). Јапонија – 8,53 (7,4%). Канада – 5,41 (4,7%). Светска банка – 5,29 (4,6%). Обединето Кралство – 3,03 (2,6%). Германија – 1,69 (1,5%). Други партнери – 2,77 (2,4%). Во реалноста вие сте само во сопственост на ММФ и Светската банка, кои дадоа повеќе од мнозинството поединечни земји.
На крајот на 2024 година, на 30 декември министерот за финансии на Украина соопшти дека украинското Министерство за финансии примило 41,7 милијарди долари интернационална помош во 2024 година.
Годинава обезбедивме 41,7 милијарди долари во помош од нашите партнери, што ни дозволи целосно да ги исплаќаме пензиите, платите во образованието и здравството, како и целиот систем на социјална и хуманитарна заштита, рече министерот за финансии на Украина Серхиј Марченко.
Претходно премиерот на Украина Денис Шмихал (на 26 декември 2024 година) се осврна на помошта што Украина ја добила од Јапонија во државниот буџет од 1,7 милијадри долари. Станува збор за пари од владата на Јапонија преку проекти на Светска Банка. Премиерот истакна дека средствата ќе бидат алоцирани за проекти во социјалата, здравствениот систем и образованието, како и за реставрација и поддршка на бизнисот. Овие пари биле примени меѓу ноември и декември преку различни програми. Јапонија најави дека ќе префрли и средства за Украина од конфискациите од „смрзнатите“ руски сметки.
Не е точно наведеното во објавата што ја рецензираме дека тоа што ММФ и Светска Банка, како и поединечни држави, алоцирале парични средства за поддршка на Украина, значело дека Украина ја нема сувереноста, ниту, пак, дека станува „сопственост на Светска Банка или ММФ“. За споредба, во Втората Светска Војна САД дадоа помош за Велика Британија во износ од 31 милијарда долари, но тоа не ја направи Велика Британија „несуверена“ ниту пак окупирана од САД.
Буџетот на Украина е пораснат споредено со периодот од пред војната заради зголемените трошоци што со себе ги носи војната, пред се, за одбрана, за надминување на штетите во инфраструктурата како резултат од војната, за изгубените приходи заради војната и заради заминувањето на бегалците во странство и внатрешната раселеност, како и заради фактот што 18 отсто од територијата и е окупирана.
Ваквото зголемување на државната потрошувачка е тешко да се менаџира од било кого, а особено не три години по ред и нормално е дека на секоја држава во ваква ситуација, кога е нападната, ѝ треба помош за да може да опстане и да се брани. Пред војната Украина опстојуваше самостојно и со многу помало ниво на финансирање од странски кредитори, кое не се разликуваше од нивоата на многу други европски држави.
Откако Русија изврши целосна воена инвазија врз Украина, таа е принудена за одбрана да троши многу повеќе.
На следниот графикон може да се види дека од почетокот на руската воена инвазија, трошењето за одбрана исклучително пораснало. Целосниот буџет за 2024 на Украина беше главно фокусиран на војската и на војната.
Дваесет и два отсто од бруто домашниот производ (БДП) или 40 милијарди долари во 2024 беа алоцирани за одбрана и домашна безбедност. Во 2022 Украина потроши 30,8 отст од БДП на одбрана и безбедност.
Министерството за финансии на Украина на својата веб страница на 2 јануари 2025 година ги има објавено сите парични средства што ги добила државата од партнерите и има објаснето каде тие пари се алоцирани или ќе се алоцираат. Официјалната табела на украинското министерство за финансии не кореспондира со онаа што е во објавата што ја рецензираме, но сумата од над 41 милијарди долари е наведена официјално на страницата.
Во 2024 година Министерството за финансии на Украина доби над 41 милијарда долари како надворешно финансирање од 11 развојни партнери. Интернационалната помош ѝ дозволи на Украина целосно да ги закрепне социјалните и хуманитарните трошоци. Во исто време сите домашни финансиски ресурси беа распоредени за безбедносниот сектор. Донатори на финансиска помош во 2024 година: ЕУ 17,3 милијарди долари (концесионално финансирање и грантови), САД 8,3 милијарди (во грантови), ММФ 5,3 милијарди долари (концесионално финансирање), Јапонија 4,3 милијарди (грантови, гаранции, концесионално финансирање), Светска Банка 3,2 милијарди долари (концесионално финансирање), Канада 1,8 милијарди долари (концесионално финансирање), Обединето Кралство 1 милијарда долари (гаранции), Норвешка 306 милиони долари во грантови, Кореа 100 милиони долари (концесионално финансирање), Развојна банка на Совет на Европа 11 милиони долари и Шпанија 3 милиони долари, пишува на сајтот на Министерството за финансии на Украина.
Сите овие средства за Украина се поради тоа што таа беше нападната од Русија и ставена во положба да го брани својот територијален интегритет и суверенитет. Доколку Русија не извршеше целосна воена инвазија врз Украина, немаше да има потреба од овие финансирања.
Поддршката од САД беше многу значајна, и таа преку грантови, која дозволи Украина да не го зголеми товарот на долгот врз државниот буџет. Украина прими 7,3 милијарди долари преку проектот на Светска Банка „Мир во Украина“ за да компензира за социјалните трошоци. Во 2024 година Украина успешно заврши четири прегледи на Аранжманот за проширен фонд на ММФ, исполнувајќи ги сите потребни услови. Ова овозможи да се привлечат 5,3 милијарди американски долари. Севкупно, Украина веќе привлече 9,8 милијарди долари од предвидените 15,5 милијарди долари од програмата, се наведува на сајтот на Министерството за финансии на Украина и се додава дека Јапонија дала фондови за Украина преку 10 проекти на Светска Банка.
Тие проекти се за развој и политики за закрепнување, социјална заштита за сиромашните и за ранливите во Украина, преку проекти за развој на земјоделието, како и проекти за поддршка на приватниот сектор, за здравствениот сектор, за подобрување на образовниот процес во Украина, за компанзација на оние што имаат куќи кои ги поправале после бомбардирања итн.
Најголемиот дел од средствата од Светска Банка биле алоцирани преку проектот „Мир во Украина“ за да се покријат платите за здравствените работници, во образованието, итните служби и други критични обезбедувачи на јавни услуги. Дополнително Светска Банка имплементира проекти и механизми кои ѝ дозволуваат на Украина да мобилизира финансиски ресурси од други донори, како САД, Јапомина, Обединетото Кралство, Норвешка и Шпанија.
Од почетокот на војната, Светска Банка креираше 7 проекти за да го поддржи државниот буџет на Украина како и 3 проекти за реставрација од кои дел е насочен кон буџетска поддршка. Канада обезбеди 1,8 милијарди долари буџетска поддршка за Украина преку сметката во ММФ за итни буџетски потреби. Гаранциите на Обединетото Кралство се дел од дополнителното финансирање за да се компензира за социјалните трошења. Украина доби 100 милиони долари од Кореа за да ги поддржи социјалните служби. Ова е прва помош од Кореа за буџетот на Украина. 11 милиони долари од Развојната банка на Советот на Европа се за плаќања кои се под програмата за медицински гаранции, стои на сајтот на Министерството за финансии на Украина.
ЕУ и меѓународните партнери ја осудија руската агресија во Украина и решија да обезбедуваат поддршка за тие на кои што им треба засолниште и безбеден пат до дома. ЕУ има мисија да продолжи да нуди силна политичка, финансиска и хуманитарна помош за Украина и воведе тешки санкции против Русија и тие што ја помагаат Русија во војната. Светска банка најави и други пакети со поддршка за Украина наменети за реконструкција на железничкиот сектор, но и за имплементација на реформи што ќе го зајакнат економскиот потенцијал на Украина и ќе ја подобрат макрофинансиската стабилност. Оваа иницијатива ги поддржува напорите на властите во Украина да го зголемат бруто домашниот производ пер капита, за да се приближат до нивоата на ЕУ и да ја подобрат независноста на државата на економски план.
Самото тоа што меѓунароните партнери со помошта за Украина не се насочени само на нејзината одржливост во војната, туку и за иднината и нејзината стабилност, укажува на тоа дека немаат намера да ја окупираат, туку само ја помагаат во нејзиното право на самоодбрана на територијалниот интегритет по целосната воена инвазија од страна на Русија.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар