Понатамошното почитување на мерките за заштита, не значи дека вакцината е безвредна

Фото: СЗО/скриншот

Тврдењето изнесено во постот дека вакцините не заштитуваат од вирусот не е вистинито. Вистинито е дека допрва истражувања ќе се прават во иднина кои треба да покажат дали лицата кои се вакцинирани воопшто нема да бидат инфицирани и дали се или не се пренесувачи на болеста. Но, три вакцини веќе се покажаа ефективни кога станува збор за превенирање оние што ќе ги примат да бидат сериозно болни од ковид-19

 

Еден од главните научници на Светската здравствена организација доктор, Соумја Сваминатан, изјави дека оваа организација уште нема утврдено дали вакцината против ковид-19 спречува луѓето да се заразат со вирусот и да го пренесат на другите.

Оваа изјава, Сваминатан ја даде како одговор на прашањето дали вакцинираните луѓе треба да одат во карантин кога патуваат во земји со пониски стапки на трансмисија.

Во моментот не верувам дека имаме докази за било која од вакцините, за да бидеме уверени дека ќе ги спречи луѓето да ја добијат инфекцијата и да ја пренесат на другите.

Мислам дека додека да дознаеме повеќе, треба да претпоставиме дека вакцинираните луѓе, исто така, треба да ги преземаат истите мерки на претпазливост додека да се создаде колективен имунитет, рече таа.

Меѓутоа, во постот и во написот што ги рецензираме, испуштен е контекстот во кој што е дадена изјавата. Тврдењето изнесено во постот дека вакцините не заштитуваат од вирусот не е вистинито. Вистинито е дека допрва истражувања ќе се прават во иднина кои треба да покажат дали лицата кои се вакцинирани воопшто нема да бидат инфицирани и дали се или не се пренесувачи на болеста. Но, три вакцини веќе се покажаа ефективни кога станува збор за превенирање оние што ќе ги примат да бидат сериозно болни од ковид-19.

Написот за ова ништо не говори и од него се добива впчаток како примањето на вакцините да е бесцелно, како од нив да нема никаков бенефит, како небаре вакцинирањето да е за бадијала. Написот, исто така, ваквата изјава на д-р Сваминатан се толкува со зборовите „научниците признаваат дека и вакцините всушност не заштитуваат од вирус“ и се додава дека „во лагата се кратки нозете“ со што јасно се кажува како напорите за креирање вакцини против ковид-19 и процесот на вакцинирање да се некаква измама, некаква глобална теорија на заговор на некакви си „глобалфашисти“, со спомнување на „чипирања“ и слично, тврдења кои Вистиномер ги има раскринкано во повеќе наврати:

…останува само една и страшна причина зад манијакалните психопатолошки напори на глобалофашистите и Гејтс, жигосување на човештвото и претворање во безволно тупо поробено стадо стока со зомбирачка чипирана вакцина!  

Истражувачите на вакцините во САД се обидуваат да дознаат дали вакцините ќе го спречат вирусот да се шири, или се ефективни само да превенираат симптоматски случаи на ковид-19. Одговорот на ова прашање е значаен, зашто вакцината која ја превенира асимптоматската трансмисија ќе помогне да се заштитат повеќе луѓе, а не само оние што ја примиле вакцината.

На прес-конференцијата, исто така, е истакнато дека вакцината примарно ќе има за цел да ја спречи смртноста, да ги заштити здравствените работници, најранливите групи во општествата. Посочено е, исто така, дека вакцината цели да ги спречи последиците што болеста ги има врз човековите животи и дека тоа ќе претставува голем чекор кон доведувањето на светот кон некоја нормала. Дури во втората фаза ќе се испитува како оваа вакцина против ковид-19 ќе влијае врз трансмисијата. СЗО во видеото вели дека не се знае дали ќе се спречи трансмисијата, но се смета оти со вакцината ќе се добие контрола врз вирусот. Да се искорени вирусот бара многу повисоко ниво на ефективност на вакцинската програма. Најверојатното сценарио е дека вирусот ќе остане меѓу нас како ендемски вирус, кој ќе претставува многу мала закана. Дури и постоењето на високоефективна вакцина не е гаранција за искоренување на инфективна болест, се вели во видеото.

Фундаменталната логика зад студиите спроведени за денешните вакцини против ковид-19 е развиена пред еден век! На една група луѓе им се дава вакцината, а на другата група плацебо. Потоа се чека да се види кои учесници во студијата ќе се разболат и се гледа колку од разболените се од вакцинираната, а колку од плацебо групата.

Неточно е тврдењето во постот кој го рецензираме дека Фајзер и Модерна не тестирале дали вакцините навистина го спречуваат заразувањето со вирусот и неговото пренесување.

На пример, во случајот на Фајзер, компанијата собра 43.661 волонтери. Од нив 170 развија симптоми на ковид-19 и добија позитивен тест. Од овие 170 луѓе, 162 примиле плацебо, а само 8 ја примиле вистинската вакцина.

Од овие бројки, истражувачите на Фајзер ја пресметале фракцијата на волонтери од секоја група кои се разболеле. Двете фракции биле мали, но фракцијата на невакцинирани волонтери кои се разболеле била многу поголема од онаа на вакцинираните. Оваа разлика се вика ефикасност! Ако не постои разлика меѓу вакцинираната и плацебо групата, тогаш ефикасноста на вакцината е нула.

Така што, 95 процентна ефикасност е дефинитивно доказ дека вакцините функционираат. Но, тој број не кажува колкави се шансите да се разболите од ковид-19 ако се вакцинирате. Клиничките студии од Фајзер и другите компании имаа за цел да покажат дали вакцините ги штитат луѓето од тоа да се заразат со ковид-19. Ако волонтерите развијат симптоми како кашлица или температура, тогаш се тестираат за коронавирусот.

Меѓутоа, има голем број докази дека луѓето можат да се инфицираат со коронавирусот без да пројават никакви симптоми. Така, всушност, во клиничките студии спроведени од компаниите што произведоа вакцини, можно е одреден број што ја примиле вакцината, да се заразиле без симптоми и без да знаат. Ако има такви случаи, тие не се рефлектирани во стапката на ефикасност од 95 проценти.

Луѓето кои се асимптоматски може да го шират вирусот на другите. Некои студии сугерираат дека асимптоматските носители имаат помало количество вирус во себе, што ги прави помалку опасни преносители од инфицираните со симптоми. Но, ако луѓето се вакцинираат и потоа престанат да носат маски и да ги почитуваат другите рестриктивни мерки, тогаш шансите да го прошират вирусот на другите расте. 

Токму во оваа смисла е дадена изјавата на доктор Соумја Сваминатан од СЗО, која потоа е извадена од контекст со тврдење дека вакцините не штитат. Изјавата, всушност, се однесува на тоа дека и покрај тоа што ќе се вакцинираат, луѓето треба да ги почитуваат мерките на заштита кои беа спроведувани досега. Но, на написот, вака како што е напишан, му недостасува контекст и со тоа тој го наведува читателот да помисли дека вакцините воопшто не пружаат никаква заштита. Ова е дезинформација. Таа, пак, доведува до вакцинско двоумење во јавноста и опасност помал број граѓани да се одлучат да се вакцинираат.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција