Поради руско влијание поништени резултатите од првиот круг претседателски избори во Романија

Букурешт, Романија | Фото: Madalin Pentelie, CC0, Викимедија комонс

Според извештаите на разузнавачки служби, Романија била цел на сајбер напади, а се тврди и дека Русија водела обемна кампања преку илјадници профили на социјалните мрежи за да го промовира Калин Георгеску на платформи како ТикТок и Телеграм

 

Уставниот суд во Романија ги поништи резултатите од првиот круг на претседателските избори неколку дена откако беа декласифицирани извештаи кои тврдат дека Русија водела координирана онлајн кампања за промовирање на екстремно десничарскиот кандидат, пишува Асошиејтед Прес. 

Ќе биде одреден нов датум за повторување на првиот круг од претседателските избори.

По декласифицирањето на документите, до Уставниот суд на Романија беа поднесени повеќе жалби со кои се бараше да се поништат резултатите од првиот круг поради странско мешање во изборите.

Според извештаите на разузнавачките служби, Романија била цел на сајбер напади, а се тврди и дека Русија водела обемна кампања преку илјадници профили на социјалните мрежи за да го промовира Калин Георгеску на платформи како ТикТок и Телеграм.

Финансирањето на кампањата на Калин Георгеску достигнало над 50 милиони евра, со повеќе од 3 милиони евра дневно во одредени периоди, велат експертите.

Сепак, Георгеску не пријавил никакви трошоци за неговата претседателска кампања.

 

(Мета.мк)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција