„Порталб.мк“ ќе преземе мерки против порталите кои манипулираа со изборната анализа на Роберт Несими

Фото: Принтскрин

 

Повеќе портали на албански јазик од земјава ја злоупотребија во изборни цели, за време на изборен молк анализата која „Порталб.мк“ традиционално, секој изборен циклус ја објавува во соработка со експертот Роберт Несими, а се однесува на предвидување на резултатите на изборите.

Иако „Порталб.мк“ ја објави оваа анализа пред почетокот на молкот, целосно спротивно на новинарските стандарди, најмалку 12 портали објавија текст во кој резултатите се погрешно толкувани и извртени. Тоа е очигледен обид за злоупотреба и нарушување на кредибилитетот на овој медиум, изграден во текот на годините преку стриктно придржување до професионалните и етички новинарски стандарди.

Во објавените текстови за анализата, направена е намерна манипулација во интерес на неколку политички партии во земјата, кои се смета дека се блиски до порталите кои ја објавија дезинформацијата.

Освен што дезинформираат и ги извртуваат резултатите од анализата на Несими, засегнатите портали не го почитуваат ниту авторското право на „Порталб.мк“, што е јасно наведено на крајот на текстот.

Ниту еден од овие портали, кои во голема мерка се контролирани од анонимни лица, ниту имаат импресум, ниту побара дозвола за да ја објават целата анализа или дел од неа.

Како доследен поддржувач на принципите на саморегулација „Порталб.мк“ ќе преземе директни мерки против ваквите дезинформации, најпрво пријавувајќи ги сите прекршители до Комисијата за жалби на Советот за етика. Потоа, ќе бидат преземени и правни мерки кон сите оние кои без дозвола ја објавија. Вакви мерки ќе бидат преземени и против оние кои ја објавија, па ја избришаа анализата од нивните веб-страници со цел да ги прикријат доказите за злоупотребата.

Инаку, во предизборниот период во Северна Македонија се забележува зголемување на активноста на одредени портали кои редовно дезинформираат во интерес на разни политички партии, со цел да внесат забуна и страв кај читателите и гласачите.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција