Последната делница од булеварот „Борис Трајковски“ се гради, рокот до крајот на годинава тече

Градежни активности на „Борис Трајковски“ Фото: Мета.мк

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски во неговата најава од почетокот на годинава за финиширање на булеварот „Борис Трајковски“ до крајот на 2026 г.,  наведува дека „оние 850 метри голгота, од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево – заминуваат во минатото“. Проблемот со трасата и експропријацијата е поместен од мртва точка. Изградбата на најавената делница е во тек

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски во неговата најава од почетокот на годинава за финиширање на булеварот „Борис Трајковски“ до крајот на 2026 г.,  наведува дека „оние 850 метри голгота, од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево – заминуваат во минатото“. Проблемот со трасата и експропријацијата е поместен од мртва точка. Изградбата на најавената делница е во тек

 

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски во предизборната програма за локалните избори што се одржаа на 19.10.2025, меѓу приоритетите од неговата програма насловена „Прво човек, потоа градоначалник!“ го наведе и конечното завршување на булеварот „Борис Трајковски“. Во делот од програмата насловен „Столб 3. Комунална Обнова на Скопје“ (стр. 52) под „Доизградба на започнати булевари, мостови и клучки“ за булеварот „Борис Трајковски“ е наведено:

Булевар „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“ По пет години застој, забрзаната доизградба на булеварот „Борис Трајковски“ од Пинтија до кружниот тек кај Маркова Река, конечно ќе овозможи безбеден, брз и функционален пристап за десетици илјади жители од Драчево, Студеничани и Зелениково. Со проширување на коловозот, изградба на пешачки и велосипедски патеки, нова канализација и осветлување, проектот не само што го деблокира сообраќајниот метеж, туку отвора простор за економски развој, подобра поврзаност мобилност и иднината на градот.

[Извор: Предизборна програма; Датум: 19.07.2025]

Образложение:

И во поширокото претставување на 40 капитални проекти од предизборното ветување на Ѓорѓиевски исто е наведено продолжувањето на булеварот „Борис Трајковски до Драчево. Но, исто како и во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, чиј кандидат беше Ѓорѓиевски, не е наведен рокот за реализација на доизградбата на булеварот „Борис Трајковски“, ниту пак е наведен буџетот.

На 17.02.2026 Ѓорѓиевски објави дека е постигнат договор со сопствениците на објектите долж трасата и дека експропријацијата ќе се забрза. Тогаш тој најави дека патната делница од Пинтија до кружниот тек во Драчево во должина од 850 метри – која ја опиша како еден од неговите најзначајни приоритети, покрај останатите капитални инфраструктурни зафати во градот – ќе биде завршена до крајот на 2026 година. Како што може да види од динамиката на градежните работи на оваа делница, реализацијата на ветувањето е во тек.

Предолго беше заглавен од моите претходници, претворен во вистинска голгота за илјадници граѓани. Тоа време завршува. Во најскоро време ќе биде објавена јавната набавка, а проекциите се дека изградбата ќе биде комплетирана до крајот на оваа календарска година, порача тогаш скопскиот градоначалник.

Како тече реализацијата на доизградбата на булеварот „Борис Трајковски“?

На 03.03.2026 г. е објавена јавната набавка, со најава дека работите ќе започнат по законската процедура за околу 40 дена и дека рокот за изведба е до крајот на годината.

Работите на трасата започнале во април, а во мај било објавено дека трасата е пробиена околу 90%, по што треба да следат асфалтирање и финализација. Повторен е рокот за конечна реализација – до крајот на годината.

На 14.07.2026 г. Ѓорѓиевски преку видеообраќање на неговиот Фејсбук профил насловено 30 години голгота – конечно решение за булевар „Борис Трајковски“, сè уште зборува за „завршни работи“, односно реализацијата на проектот е сè уште во тек.

На 15.08.2026 Ѓорѓиевски повторно со видеообраќање на неговиот Фејсбук профил – кое го пренесоа многу медиуми – во кое го најавува почетокот на асфалтирањето на булеварот: Она што мојот народ го чекаше 30 години – денес станува реалност! Започна асфалтирањето на булеварот „Борис Трајковски“! Се сеќавам уште како дете, довршувањето на овој булевар беше ветување кое се повторуваше со години.

Но, завршните работи на булеварот ќе потраат. Иако најавува Ѓорѓиевски дека „…ова е крај на едно триесетгодишно чекање“, реализацијата на проектот сè уште трае, бидејќи во истата објава стои и најавата дека „…по завршувањето на оваа страна, сообраќајот ќе биде пренасочен, а ќе започне реконструкцијата и на другиот дел од трасата, кој исто така ќе добие целосно нов асфалт“.

 

Што затекнал Ѓорѓиевски на трасата на булеварот „Борис Трајковски“?

Градот Скопје уште во 2021 година, за време на мандатот на Петре Шилегов, го започнал проектот за делницата Пинтија–мост Маркова Река, долга 2.325 метри, со четири ленти, пешачки и велосипедски патеки, кружен тек и канализација. За таа фаза биле предвидени 212 милиони денари без ДДВ, со рок од 24 месеци.

Овој булевар е една од артериите во нашиот град, кон него гравитираат педесетина илјади жители и поради тоа сметам дека со изработката на оваа делница и тоа како ќе го олесниме и осовремениме животот во овој дел од градот. Дополнително, на булеварот Борис Трајковски, на делот што сега го работиме, ќе биде поставена нова канализациска мрежа – и атмосферска и фекална. Изградбата планираме да трае неполни две години, бидејќи овде имаме и експропријација и отстранување на оградите. Градежните работи ќе чинат 212 милиони денари без ДДВ, средства кои се предвидени во Буџетот на Градот Скопје, рече градоначалникот Петре Шилегов, на почетокот на градежните работи на овој значаен булевар.

Ѓорѓиевски во негата најава од почетокот на годинава за финиширање на булеварот до крајот на 2026 наведува дека „оние 850 метри голгота, од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево – заминуваат во минатото“. Кога ќе се споредат со должината на трасата започната во 2021, испаѓа сегашниот градежен зафат изнесува околу 1/3 (една третина) од вкупниот обем на булеварот „Борис Трајковски“. Не се само „850-те метри голгота“, ниту пак дека цели 3 децении пред доаѓањето на Ѓорѓиевски на чело на Град Скопје ништо не се работело. Односно, постојаното повторување на овие бројки е недоследност.

Ако сега ги сумираме активностите на Ѓорѓиевски во врска со ветувањето за финалната реализација на булеварот „Борис Трајковски“, работите изгледаат вака:

Проблемот со трасата и експропријацијата е поместен од мртва точка. Изградбата на најавената делница е во тек, а булеварот досега не е целосно завршен и пуштен во планираната форма.

Обезбедени се 130 милиони денари за експропријација со цел забрзување на реализацијата на булеварските решенија, како и дополнителни средства за тековно одржување, сообраќајна сигнализација, безбедност во сообраќајот и подготовка на нови сообраќајни проекти во соработка со УНДП, стои во Фејсбук објавата на Ѓорѓиевски од 25.12.2025 кога едногласно е донесен буџетот на Град Скопје.

Рокот дека ќе биде готов „до крајот на 2026“ тече. Досега се завршени тампонирањето и подготовката, како и атмосферската канализација, започнато е асфалтирањето, а следат реализацијата на тротоарите, велосипедската инфраструктура, осветлувањето, сообраќајната сигнализација и завршните работи…

Според досегашната преземена иницијатива и нејзина реализација, оценката за исполнувањето на ова ветување на градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, е – во тек.

Извори:

 

Оценил: Стојан Синадинов

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција