Последните шест автобуси се донација од ЕУ, а во време на Шилегов беа купени 33 нови
Како што пошироката јавност беше добро и опширно известена, последните набавени автобуси не се 5, туку шест, и не се купени, туку се донација од Европската унија. Тоа се случи во ноември 2024 година, а беа пуштени во употреба на почетокот на 2025 г. Додека 33-те еколошки автобуси од марката МАН во целост пристигнаа во Град Скопје на самиот крај од мандатот на поранешниот градоначалник Петре Шилегов, во август 2021 година (мандат 2017-2021). Тие беа набавени со задолжување од 10 милиони евра преку ЕБОР
Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски во телевизиско интервју поврзано со првите 100 дена од раководењето со градот, во врска со функционирањето на јавниот транспорт од страна на ЈСП даде изјава која во еден дел може да се оцени како невистина:
…Јас немам магично стапче. Последните набавени автобуси, четири или пет, се од Петре Шилегов. Ние имаме гап од десетина години со пет автобуси. Е сега ќе стигнат 100 автобуси. Дополнително, кога сме кај јавниот транспорт…Владата ја започна одлуката. Тоа значи дека, верувам, до средината на оваа година…согласно она што ете е пракса од страна на Владата да го испорачува и да помага изминатиов период – дека до половина на оваа година би стигнале дел од автобусите, а после тоа согласно договорот би стигнале и другите. Тоа е она што недостасува да го нормализираме јавниот транспорт, односно да ја обновиме флотата…
[Извор: Телма/Топ тема – О. Ѓорѓиевски/интервју (од 24.47 мин. – 26.00 мин.) – датум, 18.02.2026]
Образложение:
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, кој ја презеде функцијата од неговата претходничка Данела Арсовска на 06.11.2025 г., во пошироко тв интервју кажа дека градското јавно претпријатие ЈСП во изминатите десетина години добило само четири или пет нови автобуси, што може да се оцени како невистина.
Тој дел започнува во 24.47 минута од интервјуто, а поширокиот контекст на кажаното од Ѓорѓиевски за јавниот транспорт, вклучувајќи и за проектот БРТ може да се погледне од 23.00 – 32.00 мин. во интервјуто.
Како што пошироката јавност беше добро и опширно известена, последните набавени автобуси не се 5, туку шест и не се купени, туку се донација од Европската Унија. Тоа се случи во ноември 2024 година, но имаше проблем со нивното пуштање во употреба околу два месеци поради административни работи, па тие беа пуштени на крајот од јануари или февруари 2025 г., за што известуваше и Мета.мк, што може да се погледне тука и тука.
Донираните еко-автобуси се произведени во Турција. За нив има гаранција две години, а одговорните тврдат дека кај нас има фирма во која би се вршел сервис и која би обезбедила резервни делови ако за тоа има потреба. Автобусите возат на метан и имаат автоматски менувач. Од ЈСП велат дека на возачите нема да им биде потребна обука околу управувањето со нив“ – се наведува во последниот текст на Мета.мк од јануари 2025 г.
Што се однесува до тоа кога и во кој период се набавени нови автобуси, јавноста исто така беше опширно известена токму на денот на интервјуто со градоначалникот (18.02), преку соопштение за истражувањето на Центарот за граѓански комуникации од Скопје:
…Двете „подмладувања“ на автобусите во последните 10 години се направени во 2020 година, кога се набавени 33 автобуси од марката МАН и во 2021 година, кога се отпишани постарите автобуси од марката Санос. Најстари, по 30 години, се десетте автобуси од марката САНОС, набавени уште во минатиот век, а по 13 години старост веќе имаат и кинеските и украинските автобуси. „Најмлади“, од 2025 година, се шесте еколошки автобуси од турската марка „БМЦ“, донација од Европската Унија… – се наведува во Истражувањето (види на стр.3 од документот).
Ова значи дека 33-те еколошки автобуси од марката МАН во целост пристигнаа во Град Скопје на самиот крај од мандатот на поранешниот градоначалник Петре Шилегов, во август 2021 година (мандат 2017-2021). Тие беа набавени со задолжување од 10 милиони евра преку ЕБОР, за што Советот на Град Скопје донесе одлука уште во 2018 г, а во септември 2019 г. беше потпишан договорот (повеќе тука и тука).
Според погоре наведените аргументи овој дел од изјавата на градоначалникот Ѓорѓиевски би можел да се оцени како невистина.
Извори:
- (18.02.2026) Телма/Топ тема – О. Ѓорѓиевски/интервју (од 24.47 мин. – 26.00 мин.) – [Проверено на 19.02.2026]
- (18.02.2026) ЦГК – Истражување – [Проверено на 19.02.2026]
- (25.09.2019) Тајм.мк – агрегирани вести за Ман автобусите – [Проверено на 19.02.2026]
- (20.07.2020) Град Скопје – Соопштение/веб – [Проверено на 19.02.2026]
Оценил: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар