Последните зборови на Стив Џобс не биле критика за богатството, туку воодушевување од семејството

Споделената објава на Фејсбук е лажна. Не постои никаков доказ дека Стив Џобс ги искористил последните моменти од својот живот за да држи говор против материјалното богатство

Споделената објава на Фејсбук е лажна. Не постои никаков доказ дека Стив Џобс ги искористил последните моменти од својот живот за да држи говор против материјалното богатство

 

Пост на Фејсбук од 2019 година деновиве повторно стана актуелен и почна да се споделува на оваа социјална мрежа. Објавата наводно ги пренесува последните искажани зборови на основачот на „Епл“, Стив Џобс според кои ја изразил разочараноста од своето богатство. Објавата е полна со емоции и на тој начин предизвикува симпатии и чувства на восхит кај јавноста. Постот во моментот на оваа рецензија има 10 илјади реакции, 457 коментари и 6 илјади споделувања.

Во очите на сите останати, мојот живот е рецепт за успех, меѓутоа на страна од работата, јас приватно уживам многу малку среќа. На самиот крај, богатството е само факт во мојот живот на кој сум навикнат, рекол Џобс, се тврди во објавата.

Понатаму продолжува:

Во овој момент, лежејќи на креветот болен и беспомошен, присеќавајќи се на сите работи од мојот живот, сфаќам дека целото мое богатство и моќ, се комплетно безначајни на прагот од смртта.
– Со пари, можеш да најмиш некој да ја вози твојата кола наместо тебе, да прави пари наместо тебе, но не можеш да платиш никој да ја носи твојата болест наместо тебе. Секој еден што трага, може да најде материјални работи. Но постои една работа што откако ќе биде изгубена, никогаш повторно не може да биде најдена, a тоа е животот. – Постапувајте кон себе добро и почитувајте ги другите. Како што стануваме постари, стануваме и помудри, па полека сфаќаме дека и двата саати, и оној од 30, и другиот од 300 долари, покажуваат исто време.

Во постот се продолжува да се зборува за важноста од барањето среќа, здравје и љубов во животот и дека нашата внатрешна вистинска среќа, не доаѓа од материјалните работи со кои располагаме.

Овие наводни последни зборови на Стив Џобс кружат на интернет уште од 2015 година, а се објавувани и на македонски портали ТУКА, ТУКА, ТУКА, ТУКА И ТУКА.

Што кажал Стив Џобс на смртната постела?

Кога Џобс почина во 2011 година од рак на панкреасот, неговата сестра Мона Симпсон, во својот говор на погребот зборуваше за својот брат и, меѓу другото, ги кажа неговите последни зборови.

Последните зборови на Џобс, беа едносложни, повторени трипати, рече Симпсон.

Пред да почине, тој ќе ја погледнеше својата сестра Пети, па долго време ги гледаше своите деца, потоа партнерката на неговиот живот Лорен, а потоа преку нивните рамења, продолжи таа. Последните зборови на Стив беа:„Ох вау. Ох вау. Ох вау“ (Oh wow. Oh wow. Oh wow.).

Никој кој бил близок со Џобс никогаш не рекол дека често цитираниот есеј е напишан или кажан од Џобс, се вели во проверката на фактите на американскиот сервис за проверка на факти „Сноупс“. „Сноупс“ откри дека говорот започнал да циркулира дури во 2015 година, четири години по неговата смрт.

Може да се заклучи дека споделениот пост на Фејсбук е лажен. Не постои никаков доказ дека Стив Џобс ги искористил последните моменти од својот живот за да држи говор против материјалното богатство. Ваквите измислени статуси кои содржат доста емотивни зборови, предизвикуваат лажни емоции и реакции кај јавноста.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција