Пост на Фејсбук шири дезинформации за да ја оспори ефикасноста на вакцината против ковид-19

Постот содржи низа дезинформации и непоткрепени информации кои имаат за цел да ја доведат во прашање ефикасноста од вакцината против ковид-19 и на тој начин да ги поттикне луѓето да не се вакцинираат. Ваквите дезинформации можат во голема мера да му наштетат на општото јавно здравје и на процесот на имунизација, кој во нашата земја се очекува да стратува во февруари

Пост на Фејсбук шири низа дезинформации поврзани со вакцинацијата против ковид-19 која започна во некои земји. Објавата во моментот на нашата анализа има околу 95 интеракции.

Навивам што повеќе од припадниците на нашава фашистичка власт да се вакцинираат. Што поскоро, тоа подобро. Од САД доаѓаат слики на луѓе на кои по вакцината им се шлогира лицето. Во Франција и Германија медицинскиот персонал масовно одбива вакцинирање. Во Израел, од 1.000 вакцинирани, 250 после вакцинацијата се разболеле од Ковид19. Во Ј. Кореа умреле 48 луѓе после примањето вакцина. Во Сингапур е стопирано вакцинирањето…, се вели во постот.

Објавата содржи неколку дезинформации. Нагласува дека во Јужна Кореја починале 48 лица откако ја примиле вакцината, алудирајќи на вакцината против ковид-19. Но, како е можно 48 Јужнокорејци да починале од оваа вакцина, кога вакцинацијата во земјата сè уште не е започната? Како што најавија тамошните власти, имунизацијата против ковид 19 ќе почне во февруари.

Јужна Кореја на 11 јануари 2021 објави дека ќе започне со вакцинирање против ковид-19 од февруари, бидејќи земјата очекува да ги прими првите серии вакцини во следните недели, јавуваат локалните медиуми. Претседателот Мун Џае-ин рече дека сите граѓани ќе бидат вакцинирани бесплатно, пренесе агенцијата Анадолија.

На 26.10.2020, како што објави Ројтерс, Сингапур привремено ја запре употребата на две вакцини против грип како претпазливост откако починаа некои луѓе кои ги примија овие вакцини во Јужна Кореја. Јужна Кореја објави дека 48 лица починале откако примиле вакцини против грип, но властите нагласија дека ќе продолжат со државната програма за вакцинација, бидејќи не откриле директна врска помеѓу смртните случаи и вакцините.

Значи, станува збор за 48 лица починати по примена вакцина против ГРИП, а не против коронавирус, како што се сака да се наметне во објавата која ја рецензираме.

Понатаму, се наведува дека во Израел од 1.000 вакцинирани лица, 250 после вакцинацијата се разболеле од ковид-19, доведувајќи ја на овој начин во прашање ефикасноста на вакцината. Но, и ова нема никаква врска.

Како што објави ТајмсофИзраел на 01.01.2021 година, меѓу речиси 1 милион (не 1 илјада како што се посочува во постот) лица вакцинирани во Израел, околу 240 Израелци биле дијагностицирани со вирусот ковид 19, еден ден откако ја примиле вакцината.

Како што досега многупати беше нагласено од медицински експерти, по примањето на вакцината на Фајзер, која се употребува во Израел, лицата мора да се штитат себеси недели потоа, бидејќи на телото му треба време да развие ефикасни антитела против вирусот САРС-КоВ-2, што предизвикува ковид-19.

Вакцината на Фајзер не е направена со самиот коронавирус, што значи дека нема шанси некој да го фати од боцкањето. Наместо тоа, вакцината содржи парче генетски код што го обучува имунолошкиот систем да го препознае шилестиот протеин на површината на вирусот и да создаде антитела за напад доколку наиде на него.

Но, овој процес трае, а досегашните студии за вакцината покажаа дека имунитетот кон вирусот се зголемува само 8-10 дена по првото вбризгување. Според британски експерти, вакцината за коронавирус на Фајзер, која е официјално регистрирана за употреба и во Велика Британија, обезбедува имунитет на ковид-19 седум дена по втората доза.

Професорот Сер Мунир Пиромохамед на прес-конференција рече дека се потребни две дози од вакцината Фајзер, со разлика од 21 ден, а делумниот имунитет се создава по првата доза. Сепак, најсилниот имунитет се стекнува само седум дена по втората доза на вакцината.

Во постот, исто така, се нагласува дека „од САД доаѓаат слики на луѓе на кои по вакцината им се шлогира лицето“, иако таквите слики ги нема како поткрепа на тврдењето.

На 20.12.2020 година, американските власти соопштија дека меѓу повеќе од 250.000 вакцинирани против коронавирус имало шест сериозни случаи на алергиска реакција, вклучително и кај лица со историја на реакција на вакцина.

Според зборовите на здравствените експерти во САД, сите случаи на алергиска реакција се појавиле во препорачаното време за опсервација и итно се третирани. Помалку сериозни пропратни ефекти се ретки. Меѓу првите 215.000 луѓе кои се вакцинирани во САД, помалку од 1,5 отсто имале проблеми поради кои им била потреба медицинска нега или не биле способни да ги извршуваат секојдневните активности. Многу вакцини може да предизвикаат привремени непријатности, како што се болка во раката, или симптоми слични на грип.

Постот содржи низа дезинформации и непоткрепени информации кои имаат за цел да ја доведат во прашање ефикасноста од вакцината против ковид-19 и на тој начин да ги поттикне луѓето да не се вакцинираат. Ваквите дезинформации можат во голема мера да му наштетат на општото јавно здравје и на процесот на имунизација, кој во нашата земја се очекува да стратува во февруари.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција