Пост на Фејсбук го злоупотребува системот ВАЕРС за да шири дезинфромации

Фото: VAERS, промотивни материјали

Вакцината на „Фајзер“ против ковид-19 е безбедна за децата и досега не се регистрирани смртни случаи кај деца или тинејџери како последица на примена вакцина. Објавата која ја рецензираме дезинформира поради тоа што ја манипулира јавноста со извештаи од системот ВАЕРС. На објавата и недостига контекстот, т.е. важната информација од Упатството како да се толкуваат бројките од официјалниот редовен извештај на ВАЕРС

 

Вакцината на „Фајзер“ против ковид-19 е безбедна за децата и досега не се регистрирани смртни случаи кај деца или тинејџери како последица на примена вакцина. Објавата која ја рецензираме дезинформира поради тоа што ја манипулира јавноста со извештаи од системот ВАЕРС. На објавата и недостига контекстот, т.е. важната информација од Упатството како да се толкуваат бројките од официјалниот редовен извештај на ВАЕРС

 

Пост на Фејсбук ја манипулира јавноста дека во САД во периодот по 26 ноември, 34 деца починале како последица на примена вакцина од производителот „Фајзер“. Постот се повикува на податоци од извештаи доставени во системот ВАЕРС. Информациите изнесени во постот се неточни.

Ова ли се безбедните и ефикасните течности со кои се штитат децата❓❗

Споделувајте!!!

Ова мора да се прекине!

❗ Линкови до 34 од 46 извештаи на VA ERS за деца кои починале по примањето на в@к-цината Фај3ер (податоци од 26 ноември 2021 година).

Антиваксерите често ги злоупотребуваат податоците од системот ВАЕРС со цел да наштетат на процесот на имунизација против ковид-19. Прво, нема официјални податоци за починати деца и тинејџери од вакцината Фајзер и второ, вакцината Фајзер е одобрена од американските здравствени власти како безбедна за употреба и аплицирање кај деца.

 

Што претставува ВАЕРС?

ВАЕРС е дел од националниот систем за следење на безбедноста на вакцините во САД, кој е раководен од CDC и FDA, односно од Ценатарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) и Администрацијата за храна и лекови (ФДА), кои се грижат на федерално ниво за сите прашања поврзани со спроведување и контрола на здравствените политики и состојби во САД.

Извештаите што може да се видат од линковите ставени во објавата, се вистинити и точни. На таа страница навистина може да се најдат сите податоци за починати, за лица што побарале помош од лекар, за оние што се соочиле со специфично згрутчување на крв (тромбоцитопенија), за спонтани абортуси, за алергиски реакции и други категории.

Но, она што не е наведено во објавата што ја рецензираме, е податкот дека ВАЕРС има и Упатство за толкување на податоците што се објавуваат. Ова Упатство е јасно назначено на првата страница на ВАЕРС сајтот и во него уште на почетокот се наведува:

При проценка на податоците од ВАЕРС, важно е да се напомене дека за кој било пријавен настан, не е воспоставена никаква причина-последична врска. Извештаите за каква било врска помеѓу вакцините и несаканите дејства (можни несакани ефекти) се водат во ВАЕРС . Затоа, ВАЕРС собира податоци за каков било несакан настан по вакцинирањето, било да е тоа случајно или навистина предизвикано од вакцина. Извештајот за несакан настан до ВАЕРС не е документација дека вакцината го предизвикала настанот.

Во посебен дел од Упатството се предупредува да се внимава кога се толкуваат податоците на следните ограничености на системот:

Извештаите на ВАЕРС можат доброволно да ги достават сите, вклучително и давателите на здравствени услуги, пациентите или членовите на семејството. Извештаите се разликуваат по квалитет и комплетност. Тие честопати немаат детали, а понекогаш може да имаат информации што содржат грешки.

Нема докази дека 34 деца починале од вакцината на Фајзер

Тврдењето дека 34 деца од 26 ноември навака починале како последица на примена вакцина Фајзер, не се поткрепени со никакви докази, ниту пак некаде има официјални податоци за тоа.

Над 700 деца починаа поради ковид-19 во Соединетите Американски Држави. Немам информации за смртни случаи кај деца кои се припишуваат на вакцината против ковид-19“, изјавила за Ју-Ес-Еј Тудеј д-р Соња Расмусен, професор на одделот за педијатрија и епидемиологија на Универзитетот во Флорида.

На почетокот на ноември, ЦДЦ ја препорача вакцината на Фајзер против ковид-19 за деца на возраст од 5-11 години. Таа одлука беше заснована на голем број мали клинички испитувања – прегледани од Агенцијата за храна и лекови – кои не открија сериозни несакани ефекти поврзани со вакцината.

За децата, ризикот од смрт од ковид-19 е многу низок. Но, податоците за јавното здравје во САД покажуваат дека тие не биле целосно поштедени од вирусот.

Со вакцинирање на деца на возраст од 5 години и постари, можеме да помогнеме да ги заштитиме од добивање на ковид-19 и да ги заштитиме од тешка болест, хоспитализација или развој на долготрајни компликации на ковид-19“, изјавил за Ју-Ес-Еј Тудеј Скот Поли, портпарол на Центарот за контрола и превенција на болести.

Според ЦДЦ, придобивките од вакцината против ковид-19 за деца ги надминуваат нејзините познати и потенцијални ризици. Вакцината не предизвикува смрт.

Нема докази за поддршка на овие тврдења. ФДА, ЦДЦ и здравствените власти ширум светот ги прегледаа податоците за вакцината и препорачуваат нејзина употреба, рече Кит Лонгли, портпарол на Фајзер, пренесува Ју-Ес-Еј Тудеј.

Дополнително, не се пријавени смртни случаи во испитувањата на вакцината на „Фајзер“ за лица на возраст од 12 до 25 години.

Според тоа, може да се констатира дека вакцината на „Фајзер“ против ковид-19 е безбедна за децата и досега не се регистрирани смртни случаи кај деца или тинејџери како последица на примена вакцина. Објавата која ја рецензираме дезинформира поради тоа што ја манипулира јавноста со извештаи од системот ВАЕРС. На објавата и недостига контекстот, т.е. важната информација од Упатството како да се толкуваат бројките од официјалниот редовен извештај на ВАЕРС.

 

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција