Пост невистинито ги обвинува вакцините за катастрофални последици по здравјето и животот на луѓето

Фото: Принтскрин видео

Постот што го рецензираме е невистинит. Не може да се користи системот ВАЕРС за да се инсинуира каузална врска меѓу вакцинацијата и несаканите ефекти. Системот ВАЕРС не е создаден за преку него да се утврдува смртност и повреди од кој било лек или медицинско средство, вклучително ни за вакцините против ковид-19. Ниту пак, од пријавите може да се извлекуваат заклучоци за каузалност, односно за причинско последична врска меѓу вакцините и одреден несакан ефект или смрт. Исто така, нема ниту докази и за тоа дека вакцините се катастрофален експеримент и дека го ослабуваат имунитетот

Постот што го рецензираме е невистинит. Не може да се користи системот ВАЕРС за да се инсинуира каузална врска меѓу вакцинацијата и несаканите ефекти. Системот ВАЕРС не е создаден за преку него да се утврдува смртност и повреди од кој било лек или медицинско средство, вклучително ни за вакцините против ковид-19. Ниту пак, од пријавите може да се извлекуваат заклучоци за каузалност, односно за причинско- последична врска меѓу вакцините и одреден несакан ефект или смрт. Исто така, нема ниту докази и за тоа дека вакцините се катастрофален експеримент и дека го ослабуваат имунитетот

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во којшто се вели дека „никогаш досега во историјата ниту еден медицински третман не убил и осакатил толку многу луѓе“, како вакцината против ковид-19 и дека таа е „катастрофално неуспешен експеримент и дека со бустерот всушност се повредуваат луѓето во Канада и се осакатуваат“. Во постот вакцините се поистоветуваат со масакр, смрт и беда и се споделува говор на доктор Чарлс Хофе:

Она кое го видовме изминатите 18 месеци од почетокот на вакцинацијата е најголемата катастрофа во медицинската историја. Никогаш претходно во медицинската историја ниту еден друг медицински третман не убил и не повредил толку многу луѓе. Од недела во недела доказите се наталожуваат. Само треба да ги погледнете отворените податоци од ВАЕРС системот во САД. Триесет илјади луѓе се мртви, 55 илјади се трајно осакатени, 50 илјади случаи на миокардитис и 1.3 милиони повреди од вакцини, вели говорникот од 33 секунда до 1 минута и 4 секунда во видеото.
Понатаму од 2 минута и 40 секунда говорникот додава дека „вакцината предизвикала трајна штета на имуниот систем на луѓето“ и дека „луѓето мора да знаат дека овие вакцини нема да ве држат сигурни“.
Доктор Чарлс Хофе и порано изнесувал непроверени и невистинити тврдења, како на пример, тоа дека вкацините предизвикуваат згрутчување на крвта затоа што наводно предизвикуваат крвните садови да бидат обложени со спајк протеин.

 

Но, и мРНК вакцините и вакцините со вирален вектор функционираат на начин што им даваат инструкции на клетките во телото да направат безопасни копии од спајк протеинот на Сарс Ков 2, кои предизвикуваат телото да создаде антитела за да се бори против вирусот кој предизвикува ковид-19.

Вакцините на „Џонсон“ и на „АстраЗенека“ се со вирален вектор и се поврзани со многу низок ризик за ретко згрутчување на крвта.

Центарот за контрола и превенција на болести на САД, вели дека после администрирањето на повеќе од осум милиони дози на „Џонсон“ во САД имало 15 случаи каде реципиентите развиле тробоза со синдром на тромбоцитопенија. Сите случаи се кај жени на возраст меѓу 18 и 59 години.

Европската агенција за лекови ја прегледа инциденцата на згрутчување на крвта меѓу тие што се вакцинирани со мРНК вакцина и најдоа дека „нивната честина е пониска отколку онаа што се случува кај невакцинираните“, како и дека „доказите не сугерираат каузална врска“.

Центарот за контрола и превенција на болести, исто така, соопшти дека згрутчувањето на крвта не е поврзано со мРНК вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“, откако биле администрирани повеќе од 210 милиони дози.

Што се однесува пак, до изнесеното во постот, односно говорот на доктор Чарлс Хофе, не е вистина дека има триесет илјади смртни случаи, 55 илјади трајно осакатени, 50 илјади случаи на миокардитис и 1.3 милиони повреди од вакцини во САД. Докторот се повикува на системот ВАЕРС кој експлицитно не смее да се користи за инсинуирање каузална врска меѓу вакцината и несаканите ефекти. Барем не на начинот на којшто докторот тоа го прави во својот говор. Имено, портпаролката на Американската агенција за храна и лекови, Алисон Хант, за проверувачи на факти  во САД изјавила:

Пријавените случаи на ВАЕРС се неверификувани извештаи. Тоа што некој ќе пријави несакан ефект на ВАЕРС не е документација дека вакцината го предизвикала ефектот. Кога би имало зголемен број на смртни случаи тоа би го задржало вниманието на властите. Сите извештаи за несакани ефекти од вакцинацијата ги земаме серионзно, а во случајот на ковид-19 вакцините, Центарот за контрола и превенција на болести активно е ангажиран да ја следи безбедноста на овие вакцини. Секоја пријава за смрт по администрирањето на вакцината брзо и ригорозно се истражува заедно со Агенцијата за храна и лекови и Центарот за контрола и превенција на болести. Се прави опсервација на секој клинички случај. Дополнително имаме и голем број начини на кои ја мониторираме самата безбедност на вакцините, вели таа додавајќи дека досега нема зголемување на смртноста поради вакцините.

Како што „Вистиномер“ и претходно пишуваше, системот за следење несакани настани од вакцини во САД, ВАЕРС, не е создаден за преку него да се утврдува смртност и повреди од кој било лек или медицинско средство, вклучително ни за вакцините против ковид-19. Ниту пак, од пријавите може да се извлекуваат заклучоци за каузалност, односно за причинско последична врска меѓу вакцините и одреден несакан ефект или смрт.

Самиот ВАЕРС систем наведува дека индивидуалните случаи кои се пријавени, не се потврдени. Системот не наведува дали и во кои случаи е потврдено дека смртта е резултат на самата вакцина, односно дека има причинско-последична врска меѓу вакцината и смртта. Лекарите во САД со закон се обврзани да ги пријавуваат сите несакани ефекти кои се појавуваат одреден период по вакцинацијата. Како што е наведено овде, секој може да поднесе извештај на ВАЕРС.

ВАЕРС системот користи метод на широк дијапазон на информации, научен пристап со кој огромен број на груби и дури и недоверливи информации се спојуваат, за да се најдaт врските меѓу нив. Индивидуалните пријави и сите детали во нив не се потврдени и верифицирани, станува збор за случаи каде со самопријавување се даваат информации и тие не се поентата на пристапот на ВАЕРС, односно нивната цел! Се работи за ран систем на предупредување, а не точен инструмент за мерење! Самиот центар за контрола и превенција на болести во САД има тринаесетминутно видео во кое во детали е објаснето како да се пристапи во системот ВАЕРС, а кое е објавено од 2015 година.

На официјалната страница на Канада за вакцинација пишува дека произведувачите ригорозно ги тестираат вакцините против ковид-19, а регулаторното медицинско тело на Канада прави строги проверки.

Вакцините во Канада се единствено одобрени доколку тестовите ги задоволат строгите стандарди за безбедност, ефективност и квалитет на Хелт Канада. Здравствените авторитети продолжуваат да ги мониторираат вакцините против ковид-19 и откако се одобрени за да се осигура нивната безбедна употреба. Вакцинацијата е еден од најефективните начини за да го заштитите вашето здравје. Доказите покажуваат дека вакцините против ковид-19 кои се користат во Канада се ефективни во превенцијата на сериозна болест, хоспитализација и смрт. Важно е да се вакцинирате навремено вклучително со бустер дозите. Со време протекцијата од вакцините ќе се намали. Бустерот го потсетува вашиот имун систем како да се заштити и помага да се подобри вакциналната ефективност против сериозна болест, пишува на официјалната страница за вакцинација на Канада.

„Вистиномер“ и порно пишуваше за ризикот од миокардитис, но дека тој е помал од ризиците од ковид-19 па затоа Центарот за контрола и превенција на болести ја препорачува вакцината. Вакцината не предизвикува трајни последици по имунитетот на луѓето спротивно на тоа што се наведува во постот што го рецензираме. Пребарувањето во легитимната биомедицинска литература не пронаоѓа термин „вакцинален имунодефицитарен синдром”.

Лекарот Питер Нордсторм од одделот за општествена медицина во Шведска, тврди дека е дезинформација оти вакцината против ковид-19 значително го ослабува имунитетот кај која било возрасна група.

Исто така, лажно е кој било да тврди дека вакцинацијата резултира во ерозија на имунитетот или стекната имунодефициенција, ако воопшто нешто такво и постои, вели Питер Нордсторм.

Пабло Пеналоза МакМастер, професор по микробиологија и имунологија на Универзитетот Нортвестерн се согласува со ова.

Вакцините против ковид-19 не предизвикуваат имуносупресија. Ова е дезинформација слична на тоа дека земјата е рамна плоча. Овие вакцини веќе се администрирани на милиони луѓе во светот и податоците покажуваат дека се екстремно ефективни и безбедни дури и кај луѓе со претходни состојби на ослабен имунолошки систем, вели професорот Пабло Пеналоза МакМастер.

Истражувањето од Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) покажува дека вакцините против ковид-19 го засилуваат имуниот одговор. мРНК вакцините работат на тој начин што го тренираат имунолошкиот систем да го препознае спајк протеинот на површината на вирусот што предизвикува ковид-19, овозможувајќи му да генерира имунолошки одговор, велат експертите.

Нашиот имунолошкиот систем е толку сеопфатен што без проблем може да се бори на повеќе фронтови, дури и веднаш по вакцинацијата, објаснува имунологот Кристине Фалк.

Во нашето тело имаме армија на Т-клетки и Б-клетки, од кои еве да речеме десетина се борат со спајк протеинот, но останатиот дел е подготвен да се справи со било која друга ‘закана’ што доаѓа, објаснува Фалк.

Тоа значи дека воопшто не треба да размислувате дали имате помала имунолошка заштита по вакцинацијата, категорична е таа.

Поради сите горенаведени факти постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.  Не може да се користи системот ВАЕРС за да се инсинуира каузална врска меѓу вакцинацијата и несаканите ефекти, а исто така нема докази и за тоа дека вакцините се катастрофален експеримент и дека го ослабуваат имунитетот.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција