Постот ги вергла познатите теории на заговор за ковид-19 и вакцините

Фото: Laxman DeepPixabay

Тврдењата дека мРНК вакцините против ковид-19 содржат ГМО и нанотехнологија се лажни. Во ковид вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“, мРНК се наоѓа во „липидна капсула” која е опишана како наночестичка. Префиксот „нано” само значи дека е мала, а не дека е нанотехнологија. Вакцините немаат чипови. Нивниот волумен е толку мал, што нема ниту теориска шанса да се вметне чип во вакцината, дури и кога би сакал некој да се впушта во таква скапа неразумна интервенција. Иако за новиот светски поредок се врзуваат десетина теории на заговор,  ниту една не е докажана ни потврдена, а на следниот линк на Метабанк може да се видат повеќето разобличувања на теориите на заговор за „новиот светски поредок“, објавувани редоследно и хронолошки

Тврдењата дека мРНК вакцините против ковид-19 содржат ГМО и нанотехнологија се лажни. Во ковид вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“, мРНК се наоѓа во „липидна капсула” која е опишана како наночестичка. Префиксот „нано” само значи дека е мала, а не дека е нанотехнологија. Вакцините немаат чипови. Нивниот волумен е толку мал, што нема ниту теориска шанса да се вметне чип во вакцината, дури и кога би сакал некој да се впушта во таква скапа неразумна интервенција. Иако за новиот светски поредок се врзуваат десетина теории на заговор,  ниту една не е докажана ни потврдена, а на следниот линк на Метабанк може да се видат повеќето разобличувања на теориите на заговор за „новиот светски поредок“, објавувани редоследно и хронолошки

 

Пост на Фејсбук изнесува низа теории на заговор во контекст на наводен нов светски поредок и ропство. И во центарот на сето тоа се спомнува пандемијата со ковид-19.

НИШТО НЕ Е СЛУЧАЈНО
Планирани болести и умирачки, преку таканаречени вакцини со патентирани вируси и соеви, следење преку нано технологија и 5Г, генетски инженеринг и mRNK во таканаречени вакцини, депопулација, економски колапс, војни, револуции, прекројување држави уништување нации, народ…Нов Светски Предок и ропство.
WEF има интересен преглед на планот Covid 19! Не се негира дека тоа било планирано со децении.

Теоријата на заговор дека пандемијата со ковид-19 била однапред испланирана за да се вакцинираат луѓето со генетски модифицираани вакцини кои имаат за цел да ги чипираат и потоа да ги контролираат преку 5Г мрежата, со цел воспоставување на некаков нов светски поредок, не е ништо ново и Вистиномер на оваа тема има пишувано многу текстови.

Тврдењата дека мРНК вакцините против ковид-19 содржат ГМО и нанотехнологија се лажни.

Во вакцините против ковид-19, нема мРНК модифицирачка трансхуманистичка нанотехнологија.

мРНК, рибонуклеинската киселина, е молекула слична на ДНК која ги носи кодираните генетски информации до клетката. „Фајзер“ и „Модерна“ вакцините користат мРНК за да се однесат генетски информации за коронавирусот до клетката на телото, за да се научи имуниот систем да ги идентификува и да се бори против ковид-19 инфекцијата. 

мРНК технологијата потекнува од 1990, иако сега за првпат се користи во широко употребувани вакцини. Во вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“, мРНК се наоѓа во „липидна капсула” или попрецизно, во обвивка од масти, која е опишана како наночестичка. Префиксот „нано” само значи дека е мала, а не дека е нанотехнологија.

Иако терминот нано се користи за да се наметне дека нанотехнологија се користи за да ја модифицира вашата РНК, тоа е комплетно лажно. мРНК во вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ нема никаков ефект на ДНК или РНК на човекот и не станува составен и траен дел од клетката, вели Синди Принс, професорка по епидемиологија на Универзитетот во Флорида

Во вакцините нема чипови. Нивниот волумен е толку мал, што нема ниту теориска шанса да се вметне чип во вакцината, дури и кога би сакал некој да се впушта во таква скапа неразумна интервенција.

Дозата на вакцината е помала од еден милилитар! Стандардната доза на „Фајзер“ содржи 0.3 милилитри. Тоа не е доволен волумен во кој би можел да се вметне микрочип, дури и кога некој би посакал да направи такво нешто. Ова го потврдиле и проверувачи на факти од Австралија кои се занимавале со ова прашање.

Интерната димензија на иглата е 0.3 милимери. Чипот би морал да е фракција од ова, за да се спречи да се заглави. Мислам дека не е можно, а особено зашто би морало да биде вграден и трансмитер. За микрочипот да може да помине низ оваа игла со која се врши вакцинацијата, би морал да биде помал од десет илјадинки од милиметар, пишуваат проверувачи на факти од Австралија.

5Г мрежата нема никаква врска со вакцините. Теоријата на заговор дека 5Г мрежата и некакви непостоечки микрочипови во вакцините се комбиниран напор да се контролира населението – каде се движи, што прави, што купува, па дури и идеите дека со непостоечките чипови ќе се контролира мисловниот процес на индивидуата која е вакцинирана, е само смешна теорија на заговор, непоткрепена со никакви факти, невтемелена во реалноста. 5Г технологијата во комуникациите и вакцинацијата во здравството не се поврзани.

Не постои никаков план за „нов светски поредок“. Фразата „нов светски поредок“ е термин кој редовно се користи за да се опише времето на промени. Иако терминот „нов светски поредок“ децении наназад го користеле политичарите, меѓу кои и поранешниот американски претседател Џорџ Х. Буш, поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер и поранешниот британски премиер Тони Блер, тој, исто така, е предмет на голема теорија на заговор, според која зад сцената се врши формирање угнетувачка светска влада, која ќе ја ограничи слободата на граѓаните управувана од сили како илуминатите или масоните. Теоријата често носи анти-семитски поттонови.

„Нов светски поредок“ е прилично широк поим и истиот има длабоки корени во историјата, но, во 20-тиот век започнува со употребата на такви термини од страна на антинацистичките и антифашистичките политичари од типот на Винстон Черчил, па има друга конотација и употреба за време на блоковската поделба на светот, па трета во пост-комунизмот, четврта денес, итн.

Иако за новиот светски поредок се врзуваат десетина теории на заговор, основното е дека, до денес, ниту една не е докажана ни потврдена, а на следниот линк на Метабанк може да се видат повеќето разобличувања на теориите на заговор за „новиот светски поредок“, објавувани редоследно и хронолошки.

Би-Би Си, во една опширна анализа за теориите на заговор за Новиот светски поредок, појаснува дека тие се секогаш силни кога властите од која било причина не даваат повеќе информации, што резултира со масовна недоверба, што значи поврзани се и со транспарентноста при владеењето. А, колку се опасни овие теории на заговор, зборува и фактот што Европската унија има посебна страна посветена на теориите на заговор, каде што може да се види како тие да се препознаат и како да се спречи нивното ширење, како дел од општата борба против дезинформациите.

Од сето ова можеме да заклучиме дека постот кој го рецензираме е невистинит и шири бројни теории на заговор.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција