Потенцијални опасности за С. Македонија во 2027 г.: Дезинформации, хибридни закани и вештачка интелигенција
Индиректното руско малициозно влијание и прокси-делување, се очекува да продолжи со ист интензитет преку медиуми, социјални мрежи, регионални посредници и домашни поединци или групи. Особено внимание заслужуваат координираните кампањи во кои дезинформациите се комбинираат со сајбер-активности, прикриено финансирање и користење локални посредници, пишува во најновиот јавен документ на Агенцијата за национална безбедност за информирање на граѓаните за безбедносниот контекст, состојбите и предизвиците
Индиректното руско малициозно влијание и прокси-делување се очекува да продолжи со ист интензитет преку медиуми, социјални мрежи, регионални посредници и домашни поединци или групи. Особено внимание заслужуваат координираните кампањи во кои дезинформациите се комбинираат со сајбер-активности, прикриено финансирање и користење локални посредници, пишува во најновиот јавен документ на Агенцијата за национална безбедност за информирање на граѓаните за безбедносниот контекст, состојбите и предизвиците. Исто така, се проценува дека НР Кина суптилно навлегува во клучните сегменти на општеството преку инвестициски, технолошки и инфраструктурни проекти, како и културни, образовни, академски проекти и програми наменети за медиумите
Пишува: Мирослава Симоновска
Лажни фотографии, фабрикувани видеа, клонирани гласови и дезинформации создадени со помош на вештачка интелигенција во 2027 година може да станат ново оружје за поткопување на довербата во институциите и продлабочување на општествените поделби, произлегува меѓу другото од најновиот јавен документ на Агенцијата за национална безбедност за информирање на граѓаните за безбедносниот контекст, состојбите и предизвиците. Безбедносната проценка за 2027 година ги мапира и околностите поврзани со Руската Федерација и Кина.
Се проценува дека ризикот од директно руско влијание врз официјалните политички процеси во Република Северна Македонија ќе остане низок, со оглед на постоечкиот национален консензус за дефинирање на стратешките перспективи на државата. Сепак, индиректното руско малициозно влијание и прокси-делување, се очекува да продолжи со ист интензитет преку медиуми, социјални мрежи, регионални посредници и домашни поединци или групи. Особено внимание заслужуваат координираните кампањи во кои дезинформациите се комбинираат со сајбер-активности, прикриено финансирање и користење локални посредници, пишува во документот.
Проценката на безбедносната служба е дека со оглед на тоа што Руската Федерација ја прогласи Република Северна Македонија за непријателска држава по нејзиното приклучување кон меѓународните санкции поради воената агресија врз Украина – до целосното интегрирање на земјата во ЕУ, Русија ќе продолжи суптилно да ги стимулира билатералните спорови заради забавување на европските перспективи.
Безбедносен интерес на Агенцијата претставуваат активности што се насочувани или поддржувани од државни структури и што вклучуваат прикриено влијание, манипулација, корупција, сајбер-дејствување или други постапки со кои можат да бидат загрозени националните интереси, без да навлегува во руската културна, законска, дипломатска и друга соработка меѓу двете земји, се вели во документот.
С. Македонија, како членка на НАТО и земја со стратешка определба за членство во Европската Унија, останува изложена на ризик од хибридни закани, кои не се ограничуваат само на интернет-просторот, туку се испреплетуваат со политички, економски, сајбер и разузнавачки активности.
Според АНБ активностите на Руската Федерација претставуваат значаен безбедносен ризик поради нивниот начин на хибридно и прикриено делување во Европа и Западен Балкан.
Со ваквиот начин на нивно делување се прави обид кон создавање внатрешен раздор, одржување на „смрзнати конфликти“ и уривање на довербата во институциите, ерозија на европските вредности на Република Северна Македонија, кои се стратешки и правно втемелени во акти на државата уште од 1991 година, наведува АНБ.
Инаку, „смрзнати конфликти“ (frozen conflicts) се конфликти кои не се активно војување во моментот, но не се ниту вистински решени. Најчесто станува збор за ситуација во која има прекин на вооружените судири или долготрајно примирје, но спорот околу територијата, политичкиот статус или власта останува нерешен, постојат паралелни институции, непризнаени власти итн. Најпознатиот пример е оној со Приднестровје во Молдавија.
АНБ посочува неколку начини на дејствување на Руската Федерација: пропагандно-дезинформациски кампањи преку интернет-портали, социјални мрежи, посредници и координирани профили, злоупотреба на историски, идентитетски, етнички, верски и политички прашања за создавање недоверба и поделби, понатаму сајбер-шпионажа, попречување на информациски системи и неовластено прибирање или објавување чувствителни информации како и користење прокси-актери, односно домашни и регионални посредници, маргинални групи и влијателни поединци за остварување на нивни цели и интереси.
Не е непознат ниту начинот на употреба на економски, енергетски и финансиски инструменти за создавање зависност или притисок како и создавањето впечаток дека демократските институции се неефикасни, корумпирани или без доверба и легитимитет, наведуваат оттаму.
Активности на Народна Република Кина
Активностите на Народна Република Кина опфаќаат легитимна билатерална соработка во повеќе сфери. Присуството на кинески компании, инвестиции или институции во С. Македонија, како што наведува АНБ, само по себе не претставува безбедносен ризик, освен ако одредена економска или технолошка соработка создава прекумерна зависност, овозможува пристап до сензитивни податоци и системи или може да влијае врз донесувањето важни државни одлуки.
Фокус на интерес на Агенцијата е употребата на телекомуникациска, дигитална и надзорна технологија преку која се обработуваат големи количини податоци, инвестиции, кредити и договори поврзани со критичната инфраструктура и стратешки сектори, јавни набавки и долгорочни договори што создаваат зависност од еден снабдувач, академска и истражувачка соработка во области што можат да имаат цивилна и безбедносна примена, можен пристап до деловни, лични, институционални и технички информации, и влијание преку економски, дипломатски, медиумски, културни и академски канали.
Проценка за 2027 година
Се проценува дека Народна Република Кина суптилно навлегува во клучните сегменти на општеството преку инвестициски, технолошки и инфраструктурни проекти, како и културни, образовни, академски проекти и програми наменети за медиумите и се обидува да создаде влијателни структури на европскиот континент и меѓу членките на НАТО алијансата.
Непосредниот безбедносен ризик поврзан со Народна Република Кина се проценува како низок со тенденција на раст во одделни стратешки сектори, особено кога постои долгорочна зависност од странска технологија, финансии или снабдувачи. Генералниот ризик произлегува од можноста за економска, технолошка или информациска зависност, со цел ограничено самостојно одлучување на државата. Овој ризик се зголемува, имајќи ја предвид и кинеската регулатива која им наложува на приватните и на државните кинески компании да им овозможат на кинеските безбедносни служби пристап до податоците на корисниците ширум светот, пишува во проценката.
Глобално и регионално безбедносно опкружување
Во поширок контекст, државите, разузнавачките служби, организациите и другите влијателни групи сè почесто ги остваруваат своите цели преку комбинација од дипломатски, економски, информативни, сајбер и разузнавачки активности.
АНБ посочува дека Западниот Балкан останува чувствителен на политички тензии, етно-националистички наративи, странско влијание, организиран криминал и миграциски притисоци.
Настаните во една држава можат брзо да предизвикаат политички, економски, информативни или безбедносни последици и во соседните земји.
Република Северна Македонија ја задржува својата геостратешка важност како транзитен коридор и членка на државни и недржавни субјекти за влијание врз домашните процеси.
Во ваквата сложена глобална безбедносна средина во насока на слабеење и поткопување на единството во Алијансата, тероризмот, како и Руската Федерација остануваат главни закани по безбедноста, а Народна Република Кина претставува системски предизвик. Хибридните закани претставуваат координирана употреба на повеќе различни средства, како што се дезинформации, сајбер-напади, економски притисоци, корупција, прикриено финансирање, дејствување преку локални посредници и злоупотреба на културни, историски или идентитетски прашања, се наведува во описот за поширокиот контекст.
Во 2027 година се очекува и зголемување на ризикот од употреба на вештачка интелигенција за создавање уверливи синтетички содржини кои можат да се користат за дезинформирање и дискредитација односно нарушување на довербата во институциите.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар