„Поткупот“ за Фицо и паѓањето на азербејџанскиот Ембраер – предизвици за (дез)информации

Илустрација: Канва, фотографии од President Of Ukraine from Україна, CC0, via Wikimedia Commons и Andrej Klizan, CC0, via Wikimedia Commons

Два покрупни настани беа повод за бројни информации и дезинформации во медиумскиот простор во Северна Македонија на крајот од 2024 година. Првиот е наводното мито што на словачкиот премиер Роберт Фицо му го понудил украинскиот претседател Володимир Зеленски за овој да лобира за прием на Украина во ЕУ и НАТО. Вториот беше околу причините за уривањето на азербејџанскиот патнички авион на аеродром во Казахстан, на летот од Баку до Грозни, при што загинаа 38 патници и членови на екипажот. И за двата настана дел од медиумите во земјава некритички објавуваа информации. Или без да го наведат контекстот или без да ги земат предвид другите извори, користејќи ги само руските пропагандни медиуми

Два покрупни настани беа повод за бројни информации и дезинформации во медиумскиот простор во Северна Македонија на крајот од 2024 година. Првиот е наводното мито што на словачкиот премиер Роберт Фицо му го понудил украинскиот претседател Володимир Зеленски за овој да лобира за прием на Украина во ЕУ и НАТО. Вториот беше околу причините за уривањето на азербејџанскиот патнички авион на аеродром во Казахстан, на летот од Баку до Грозни, при што загинаа 38 патници и членови на екипажот. И за двата настана дел од медиумите во земјава некритички објавуваа информации. Или без да го наведат контекстот или без да ги земат предвид другите извори, користејќи ги само руските пропагандни медиуми

 

 

Се чини дека кавгата меѓу словачкиот премиер Роберт Фицо и украинскиот претседател Володимир Зеленски, која започна уште на почетокот на месецот со антизападните ставови на Фицо за можниот мир во Украина, ескалираа до тој степен што станаа плодно тло за манипулации и дезинформации што ги пласираат проруски извори, а зад кои стои пропагандната машинерија на Москва.

Да потсетиме, најнапред причина за зголемената нервоза беше изјавата на Фицо за слабите перспективи на Украина за праведен мир и тоа не поради нешто друго, туку поради „предавничката“ улога на Запад, која Фицо ја спореди со западната политика кон нацистичка Германија на почетокот на Втората Светска Војна. Станува збор за интервју на Фицо дадено за бразилски медиум при неговата официјална посета на таа земја, а кое во земјава беше пренесено од два медиуми на македонски јазик со различни акценти. Во првиот случај, еден од медиумите даде акцент на споредбата на политиките на Запад денес и во 1939 година:

Ќе дојде време кога Западот ќе каже: „Па, не успеавме (да ја победиме Русија), па ќе ја жртвуваме Украина“ – рече тој во интервју за бразилскиот весник Folha de S. Paulo за време на официјалната посета на Бразил. Тој рече дека во 1938 година Велика Британија, Германија, Италија и Франција го потпишале Минхенскиот договор, според кој Чехословачка ги предала своите погранични области на нацистичка Германија, додавајќи:

– Се плашам дека слична судбина би можела да ја чека Украинаизјави Фицо, пренесува еден од домашните медиуми.

Во вториот случај друг медиум акцент стави на изјавата на Фицо за загубите на украинската територија кои се неминовни:

Мислам дека Украина ќе изгуби една третина од својата територија, но ќе и бидат понудени безбедносни гаранции, како што е присуството на странски војници. Ако ова се смета за среќа за Украина за која сите зборуваат, верувам дека Украинците ќе бидат изневерени, рече тој во интервју за бразилскиот весник Folha de S.Paulo…Украина дозволи да биде вовлечена во ситуација која не може да заврши добро за земјата. Таа ќе изгуби територија и нема да биде поканета да се приклучи на НАТО, забележа Фицо, а објавува домашниот медиум во текст со наслов Украина ќе изгуби третина од територијата и нема да добие покана за НАТО“

Рускиот гас причина за отворено непријателство и дезинформации

Но, вистинската кавга и серијата вистински или лажни обвинувања уследија при крајот на месецот, откако стана јасно дека Украина нема намера да го продолжи договорот со Газпром за транзит на рускиот гас до Европа кој истече на 31.12.2024. Ова доведе и до официјална посета на Фицо на Москва и разговори со рускиот претседател Владимир Путин. Еве како информираа медиумите на македонски јазик.

Шефот на словачката влада беше во ненадејна посета на рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ и Роберт Фицо добива остри критики од неговата земја, која граничи со Украина, јавува Дојче Веле на македонски јазик. Опозициските политичари го обвинуваат за предавство на Словачка. Според двете страни, Фицо со Путин разговарале, меѓу другото, и за испораката на руски природен гас во земјата.

Друг дел од медиумите ставаат акцент на изјавата на Фицо по разговорите, дека Путин е подготвен да продолжи со испораката на рускиот гас на Запад по 1 јануари 2025 година, како и на неговата изјава дека ставот на Зеленски да не дозоволи транзит на гасот била причината за неговото патување во Кремљ.

Роберт Фицо. Фото: : MGlen, Викимедиа

Каде медиумите го видоа поткупот од 500 милиона евра?

Меѓутоа, информациски гледано најпроблематичен дел околу известувањето за овие настани беше изјавата на Фицо ден пред посетата, кога премиерот излезе со изјава дека Зеленски се обидел да го поткупи со 500 милиони евра што Украина би ги дала за Словачка само да се поткрепи украинското барање за членство во НАТО, за што јавија повеќе медиуми на македонски јазик.

Мал дел од медиумите го лоцираа едниот извор, а се чини дека тоа е онлајн медиумот Политико, со голем углед кога станува збор за известувањето за политиките на Европската унија и тековната војна во Украина.

Како што рече Фицо за време на самитот во четвртокот, Зеленски и понудил на Словачка 500 милиони евра замрзнати руски средства, кои Словачка се очекува да ги загуби откако Киев ќе го прекине трансферот на руски гас преку Украина од 1 јануари, гласеше веста на Политико.

Условот, според Фицо, бил словачка поддршка за пристапот на Украина во НАТО, а словачкиот премиер ја одбил понудата.

Зеленски ме праша дали би гласал за членство во НАТО ако ми даде 500 милиони евра руски имот, а јас, секако, реков „никогаш“, рекол Фицо.

Еден дел од медиумите на македонски јазик уште во насловите извлекоа поента од зборовите на Фицо пренесени пред новинари во Брисел, дека Зеленски се обидел да го подмити Фицо. Бидејќи овој дел од медиумите го наведуваат и изворот, српска Политика, која го користи рускиот државен медиум „Раша тудеј“, сосема е јасна квалификацијата за митото кај нив. Други медиуми повнимателно  со формулацијата во насловот пишуваат за „обвинување за мито“, додека трети во насловот го користат зборот „непристоен предлог“. Сепак, кога ќе се споредат вестите, факт е дека овие медиуми користеле ист извор, српска Политика или некој друг српски медиум, кој основната вест ја земал од веста на „Раша Тудеј“.

 

Украинската страна потенцираше на погрешниот контекст што го избрал Фицо

Украинската страна како што објавија дел од медиумите го негираше ова и тврди дека Фицо погрешно го разбрал или го претставил контекстот на разговорот со Зеленски. Но, дури по повеќе од 24 часа мораше да се огласи лично и Зеленски кој го појасни целиот контекст:

Му предложивме решенија во врска со потенцијалната компензација на Словаците, за загубите од транзитот на руски гас, како и алтернативи на тој транзит, кој било(друг) гас, а не руски, на барање на Европската комисија. Бевме подготвени да го направиме тоа. Фицо не сакаше обештетување за Словаците. Тој не сака да соработува со Европската комисија. Поради некоја причина, тој ја смета Москва за попрофитабилна, напиша Зеленски на социјалната мрежа „Икс“. Тој го обвини словачкиот премиер дека „се бори за пари“, следејќи лични интереси, пренесуваат дел од медиумите на македонски јазик.

Дел од медиумите јавија дека спорот избил уште на самитот на лидерите на ЕУ каде Фицо го покренал ова прашање, а по враќањето во Братислава рекол дека проблемот е до Зеленски.

„Јасно е дека се соочуваме со гасна криза благодарение на претседателот Зеленски“, рече Фицо вчера на прес-конференција во Братислава, без дополнително појаснување.

Претходна фотографија на азербејџанскиот Ембраер 190. Фото:Мехмет Мустафа Челик, Викимедиа

Кој и што го урна азербејџанскиот Ембраер и како известуваа домашните медиуми

Иако официјалните детали за несреќата со уривањето на патничкиот авион Ембраер 190 на азербејџанскиот национален превозник АЗАЛ (Azerbajan Airlines), во Казахстан се уште ќе се утврдуваат – црните кутии кои се пронајдени допрва ќе бидат испратени во Бразил – малку кој се сомнева во вистинската причина и тоа уште од крајот на вториот ден од несреќата, кога Ројтерс, повикувајќи се на официјални лица во азербејџанската влада вклучени во истрагата за несреќата објави дека тие потврдија дека авионот бил соборен од руски против – воздушен систем во околината на Грозни, главниот град на Чеченија во состав на Руската федерација.

Сомневањата станаа уште помали, откако и претседателот на Азербејџан Илхам Алиев, неколку дена по несреќата децидно изјави дека авионот е соборен од руското ПВО, пренесуваат масовно домашните медиуми.

Денес јасно можеме да кажеме дека авионот е соборен од Русија. Ова е факт, рече Алиев во телевизиско интервју, според транскриптот објавен на претседателската веб-страница на Азербејџан. Никој не може да го негира овој факт, продолжи Алиев. „Повторно, не велиме дека ова е направено намерно, туку е направено“, го цитираат медиумите Алиев.

Дополнително, сомнежот се чини отстранет и по извинувањето до Алиев и сочувството до семејствата на загинатите лично од рускиот претседател Владимир Путин. Но, не е само тоа, Путин и Алиев, како што јавуваат медиумите, разговорале дополнително уште еднаш по телефон за деталите од несреќата.

Во разговорот е забележано дека азербејџанскиот патнички авион, што извршувал јасно планиран лет, повеќепати се обидувал да слета на аеродромот во Грозни. Во исто време, Грозни, Моздок и Владикавказ беа нападнати од украински борбени беспилотни летала, а руската противвоздушна одбрана ги одби тие напади – се вели во соопштението на Кремљ, пренесуваат медиумите на македонски јазик по првиот разговор.

Аеродром Грозни. Фото: Викимедиа

Токму овој елемент – вмешувањето на Украина – беше и основниот мотив Русија на почетокот да се обиде да го сврти вниманието прво на лошо време и јато птици кои наводно удриле во авионот, а потоа дека за се е виновна Украина, која што извршувала воени дејства со дронови во околината на Грозни и регионот во моментот на инцидентот.

 

Некритичко известување од руските извори

На крајот од првиот и особено вториот ден од несреќата (25 и 26.12), некои од медиумите споделија и објава на мрежата X на која се гледаат сомнителни дупки на задниот дел на авионот кои личат како да се направени од куршуми. Други медиуми без да го стават видеото во линкот ги пренесуваат сомнежите дека авионот можеби бил соборен. Трети медиуми пак, пренесуваа српски медиуми (Блиц.рс), кои се фокусираат на официјалните извештаи на азербејџанската компанија и на казахстанските власти. Овие известувања беа коректни.

Остатоците од азебејџанскиот авион близу Актау, Казахстан. Фото: Скриншот

Сепак, факт е, дека првиот ден голема група медиуми ја пренесоа само веста од соопштението на Росавијација, со назнака во насловите дека „било откриено зошто паднал“ или дека „Росавијација ја објави причината“ зошто паднал азербејџанскиот авион, односно дека во леталото удрило јато птици, по што пилотот барал алтернативен аеродром. Во оваа вест што е идентична за целата група медиуми, внатре се цитира како извор московското биро на АПА, приватна медиумска групација од Азербејџан, но не наведуваат како дошле до веста, со оглед дека ниту еден од домашните медиуми не е претплатник на АПА.  Во овој контекст интересно е што дел од медиумите четири дена пред несреќата, исто така ја пренесоа веста од соопштението на Росавијација, дека се затворени неколку аеродроми југоисточно од Москва, пред се аеродромот во Казањ, кој е дури 800 км оддалечен источно од Москва поради напади на украински дронови.

Вистиномер временски ги лоцираше некритичките објави, најпрво од руските медиуми дека авионот не можел да слета во рускиот град Грозни поради напад на украински дрон, па затоа пилотот го пренасочил летот кон градот Махачкала во соседниот регион Дагестан, но густата магла го спречила да се приземји (тука, тука и тука), а потоа целата серија објави на соопштението на Росавијација, во кое се тврди дека причината на несреќата е судирот на авионот со јато птици, поради која пилотот решил да се пренасочи на алтернативен аеродром, избирајќи го Актау за дестинација, што значи дека авионот така оштетен морал да го прелета целото Касписко Езеро. Оваа вест повторно беше пренесена (тука, тука, тука и тука), при што медиумите се повикуваа на Росавијација или на руски медиуми, а некои од нив се повикуваа на српски портали“.

 

За наводната западна „обоена револуција“ во Србија дознаваме од Москва преку „Срна“

При крајот на месецот можеше да се регистрира во медиумскиот простор на македонски јазик уште едно некритичко, еднострано пренесување на информациите исклучиво од едната страна, руската, за настаните во Србија.

Фото: Марија Захарова (2017 г). Фото: Викимедиа

Имено, дел од македонските медиуми ја пренесоа изјавата на гласноговорничката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова, која појаснува што е тоа што се случува во Србија во контекст на едномесечните масовни протести поради уривањето на надворешниот дел од железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 15 луѓе, но и за настаните на Косово.

Западните земји прават планови за дестабилизација на ситуацијата во Србија, користејќи механизми на „обоени револуции“ и вршат притисок врз легитимните власти на земјата, додека Русија бара да престане мешањето во внатрешните работи на суверената држава, изјави портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

„Го следиме она што се случува во Србија во контекст на плановите на Западот да ја дестабилизира ситуацијата во земјата. Тие се обидуваат да го турнат неговото раководство до границата каде што ќе треба да избере: да ја продолжи политиката во корист на својот народ или да се сврти кон патот на договор“, вели Захарова, а пренесува агенцијата „Срна“, при што дел од медиумите го пренесоа ова толкување.

 



 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција