Повици од локалната изборна сцена: „Враќање на државниот суверенитет и славјански бум“
Кандидати од Родина, Македонска ера трета, Единствена Македонија и МААК ја претвораат локалната кампања во платформа за одбрана на суверенитетот, идентитетот, традицијата, промовирајќи визија за „славјански бум“ и економски раст базиран на блиски односи со Русија и Кина. Во фокусот на дел од кандидатите не се улици и инфраструктура, туку геополитика, духовност и враќање кон „македонскиот корен“. Помалите партии ги претвораат општините во идеолошки фронт против западните вредности и либералните агенди
Кандидати од Родина, Македонска ера трета, Единствена Македонија и МААК ја претвораат локалната кампања во платформа за одбрана на суверенитетот, идентитетот, традицијата, промовирајќи визија за „славјански бум“ и економски раст базиран на блиски односи со Русија и Кина. Во фокусот на дел од кандидатите не се улици и инфраструктура, туку геополитика, духовност и враќање кон „македонскиот корен“. Помалите партии ги претвораат општините во идеолошки фронт против западните вредности и либералните агенди
Пишува: Ана Анастасовска
Во предизборната атмосфера за локалните избори, на македонската политичка сцена сè погласно се слушаат пораки за одбрана на суверенитетот кои ја прошируваат дебатата далеку над локалните прашања. Наместо класични теми како инфраструктура, јавни услуги или урбан развој, дел од кандидатите ја насочуваат кампањата кон прашања на национален идентитет, геополитичка ориентација и духовна обнова, промовирајќи проруски и антизападни ставови.
Партии како Родина Македонија, Македонска ера трета, Единствена Македонија и МААК градат порака на отфрлање на „наметнатите“ системи и глобални центри на моќ, повикувајќи на враќање кон „вистинската Македонија“, традицијата и самостојноста.
Нивните кандидати не се претставуваат само како локални претставници, туку како бранители на државниот суверенитет и противници на она што го нарекуваат „ново нормално“ – западен либерализам, глобализам и културен релативизам.
Збратимување и зближување со Русија и Кина
Зоран Јовановски, кандидат за градоначалник на Град Скопје од партијата Единствена Македонија, во својата кампања го насочува фокусот кон блиски односи со Русија, Белорусија и Кина, промовирајќи визија за „славјански бум“ и економски раст базиран на источни инвестиции и туристички врски. Неговиот настап е пример за геополитичка ориентација спротивна на евроатлантската интеграција, потпирајќи се на културно и религиозно сродство со источнословенските народи.
Јовановски во изјава за порталот Национално.мк, ветува донесување на најмалку 15 бизнисмени од Русија и најмалку 3 бизнисмени од Белорусија, кои ќе инвестираат во Скопје, развој на македонско-источно славјанското пријателство.
Скопје ќе биде град кој ќе биде преполн со туристи од Русија, Белорусија, и утрешна про-славјанска Украина, развојот и на сеславјанското (пред сè) православно пријателство, и ќе ги разгледуваме сите можности за секаква соработка со градовите, стопанствениците и тур-операторите од овие земји, вели тој.
Исто така, тој ветува и соработка со Кина преку ангажирање на кинески компании за инфраструктурни проекти во Скопје, „затоа што овие компании се трипати поевтини и подобри од западните“, привлекување на кинескиот капитал да влегува, и да се оплодува во земјава, субвенционирање на туризмот од Народна Република Кина и нивните тур-оператори, и со тоа мотивирајќи ги да носат туристи од Кина кај нас во Скопје, но и низ државата.
Антисистемски став и критика на постојниот политички модел
Во фокусот на овие партии се и „странските центри“ кои управуваат со Македонија. Лидерот на Единствена Македонија, партијата која на овие локални избори ќе настапи со 29 кандидатски листи, Јанко Бачев, образложувајќи зошто ја бараат довербата на народот, меѓу другото во едно видео истакнува:
Гледате вие 30 години со Македонија владеат марионетски власти, инсталирани од странски центар и сега сите вие ќе се запрашате што има врска со локалните избори. Има многу врска. Ние мора да си ја вратиме државата назад, ама ајде да почнеме од општините.
Стефан Ацковски, носител на советничката листа за Град Скопје од партијата Родина Македонија, тврди дека Македонија веќе три децении е под власт на „марионетски влади“ инсталирани од странски центри. Неговата порака повикува на „враќање на државата“ преку локалните избори, сугерирајќи дека токму општините се темелот на вистинската промена. Ацковски го користи и симболот „вирусот Северна“ како метафора за наметнат политички идентитет што, според него, ја труе државата и општеството.
Нашиот систем е имплементиран и разработен од странски центри. Да се вратиме кон македонскиот корен и ќе го почувствуваме и Скопје и сите други градови. Скопје тоне, имаме некаков вирус имплементиран, а вирусот е директно Северна. Северна е вирусот во македонскиот систем којшто мора да биде уништен, прво почнувајќи на локално ниво, а потоа на централно ниво. Сè додека Северна постои во македонското општество ќе гледаме ѓубре, ќе гледаме загадување, порачува Ацковски.
Повици за нова идеолошка ера и промена на геополитичката ориентација
Зоран Јованчев, исто така од Родина Македонија, ги предупредува граѓаните да внимаваат при изборот, бидејќи, според него, поддршката за „комедијанти“ (Володимир Зеленски) или „зелени агенди“ води кон национални трагедии. Неговиот став ја отфрла западната либерална ориентација, претставувајќи ја како извор на политички и економски неуспеси, слично како во Украина или Германија.
Изборите кои ги правиме лично, но и колективно ги одредуваат нашите патеки на движење. Ако следите комедијант, на терен ќе ви се случуваат национални трагедии, види Украина. Ако следите зелени агенди, на терен ќе ви се случуваат зелени, види Германија. Ако 35 години бирате системи, каде во тие 35 години резултатот им е тој, еден ист, тогаш и во 36 година при истиот избор, резултатот ќе биде ист, вели Јованчев.
Суверенистички визии и отпор кон „новото нормално“
Од Битола, Горан Тасковски од движењето Македонска ера трета, која на овие избори настапува со листа на советници за Битола, ја претставува својата визија за влез на градот и државата во „новиот суверенистички свет“, кој, според него, ќе го преобликува глобалниот поредок и ќе ја зајакне националната независност.
Да ја внесеме Битола во новиот суверенистички свет кој почна да се спроведува. Ние сме дел од тој нов суверенистички свет ќе има големи промени во светот, на Балканот во Битола и во цела Македонија. Ние сакаме први да бидеме во тој нов суверенистички свет, а не последни како досега, вели Тасковски.
Страшо Ангеловски од МААК, носител на советничка листа за Град Скопје, оди уште подалеку, обвинувајќи ја „европската радикална левица“ за уништување на традиционалните вредности, верата, семејството и националниот идентитет. Тој предупредува на опасноста од „новото нормално“, кое преку локалните совети, според него, може да навлезе и во македонското општество.
Во колумна за порталот Курир, Ангеловски пишува:
Со трите најголеми европски држави, со Франција, Велика Британија и Германија, во моментов владеат “демократи“ кои имаат поддршка од едвај петнаесеттина проценти од сопствените граѓани. Владеат со репресија, со монтирани судски процеси против политичките противници, владеат со идеологија со која огромното мнозинство од нивните граѓани не се согласува. Владеат со “идеологија“ која треба да ги уништи децата, традиционалните семејства, верата и националните идентитети. Владеат со најкарактеристични тоталитарни методи во обидот да го воспостават “новото нормално“. Зошто го пишувам ова? Го пишувам затоа што и во Македонија европската радикална и тоталитарна левица има свои претставници кои со гордост се претставуваат како “новата македонска нормалност“. Се претставуваат како политичка сила која ќе ги уништува нашите деца, нашите традиционални семејства, нашата црква и божјите храмови, нашиот национален идентитет промовирајќи “интернационализам“ што е синоним за глобализмот преку кој тој промил најбогати луѓе на светот се обидуваат да завладеат со сите нас. Радикална левица која сака да ни ја уништи традицијата, да ни ја уништи духовноста, лажно, како волци во јагнешка кожа, промовирајќи социјална правда и рамноправност, а притоа самите, тонејќи во хедонизмот како ненаситност од материјални богатства, од скапи џипови, часовници, брендирани облеки, мобилни телефони…
Иако станува збор за локални избори, овие кандидати ја преминуваат рамката на локалната проблематика, позиционирајќи се како дел од глобалниот суверенистички бран што се спротивставува на либералниот поредок, глобализмот и евроинтеграциите.
Нивниот заеднички именител е повикот кон враќање на „македонскиот идентитет“, духовноста и традицијата, како и одбивањето на „надворешното влијание“ – било тоа од Брисел, Вашингтон или меѓународни институции.
Овие пораки претставуваат нов слој на политичка комуникација на локалната сцена, каде што општинските избори се претставуваат како бојно поле за национална сувереност и културна самоодбрана.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар