Повторно дезинформации за одбрана од корона со инхалации

Фото: Pixabay

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Босанско-херцеговскиот сервис за борба против дезинформациите raskrinkavanje.ba внимателно го анализирал ширењето по Балканот на една дезинформација која произлегува од пензиониран оториноларинголог од Дубровник, кој тврди дека со инхалации со вода со морска сол и со две билки, може да се спречи новиот корона вирус да навлезе во дишните патишта на човекот или да го убие, ако е навлезен во нив.

Овие тврдења се објавени во огромен број на социјалните мрежи – во групи, на страници, но и во голем број портали. Raskrinkavanje.ba расчленувајќи го распространувањето на оваа дезинформација, открива дека еден од првите онлајн-медиуми кој пишува за „рецептот“ на пензионираниот оториноларинголог Јуре Буриќ, е „Slobodna Dalmacija“, уште на 26 март.

Во статијата се изнесуваат неговите тврдења дека обичната пареа, ако е со температура од 40 до 50 Целзусови степени, сама по себе го убива корона вирусот, но може во водата за инхалација да се додаде и морска сол.

Буриќ му испратил и писмо на хрватскиот министер за здравство Вили Берош, во кое вели дека најдобро е три пати на ден инхалации со вода со грст морска сол и една билка и масло од друга билка. Но последните две не се толку битни, рекол пензионираниот оториноларинголог.

Токму за последните две билки потоа почнале да пишуваат и други портали од земјите на поранешна Југославија, нарекувајќи го рецептот на Буриќ „чудесен лек“ и „уништувач“ на корона вирусот.

Сите тие тврдења не само што се неточни, туку може да бидат и опасни по здравјето, пишува raskrinkavanje.ba, изнесувајќи и свои претходни текстови за неоснованоста на верувањето дека инхалацијата е чудесно решение, но и текстови од други сервиси за проверка на фактите кои ја раскринкуваат дезинформацијата дека инхалацијата помага, како AFP Fact Check, Ројтерс, БиБиСи, Factcrescendo во кои се изнесуваат тврдења на професори на медицински факултети дека инхалацијата може да помогне понекогаш при бронхитис, но ако се врши правилно, а дека никако не може да го уништи вирусот. Дополнително, со инхалација човек може да си нанесе сериозни повреди од врелата пареа, не само на дишните патишта, туку и на очите и лицето.

Според тоа, станува збор за псевдонаучна дезинформација, заклучува raskrinkavanje.ba.

извор: Meta.mk

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција