Повторно избори со многу кандидати, претежно мажи

Фото: Фото: илустрација на Канва од Фисник Џелили/Portalb.mk. Фото во позадина: Еуген Тамас

На кандидатските листи за градоначалници едвај над 10 отсто, а вкупно на кандидатските листи за советници околу 45 отсто, но треба да се има предвид и на кое место на листите се распоредени жените. Веројатно без построги норми и квоти во Изборниот законик овој проблем ќе опстојува и натаму а промените ќе бидат со „брзина на полжав“.

На овие локални избори има голем број кандидати за градоначалници и советници, но и покрај сите заложби за рамноправна застапеност и за еднаквост на мажите и жените, жените сè уште се скромно застапени. На кандидатските листи за градоначалници едвај над 10 отсто, а вкупно на кандидатските листи за советници околу 45 отсто, но треба да се има предвид и на кое место на листите се распоредени жените. Веројатно без построги норми и квоти во Изборниот законик овој проблем ќе опстојува и натаму, а промените ќе бидат со „брзина на полжав“. Што би било штета за земја во која жената добила право на глас уште во далечната 1946 година

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Локалните избори 2025 година во земјава, иако ќе бидат 8-ми по ред од независноста во 1991 година, не носат промена на процентот на застапеноста на жените во локалната власт. Според статистичките податоци на Државната изборна комисија (ДИК), само 10 отсто од 309-те кандидати за градоначалници во 81 општина и Град Скопје се жени, но тие, како што веќе објави РСЕ, се кандидирани во само 24 општини, а процентуално гледано состојбата била занемарливо подобро од изборите во 2021 година, кога само 8.4 отсто од кандидатите биле жени. Сепак е видливо подобра од локалните избори во 2017 година, кога помалку од 6 отсто од кандидатите биле жени. Имено, од 260 кандидати тогаш само 15 биле жени, според анализата на Дојче Веле.

Нешто подобра е статистиката во однос на листите на кандидати за советници, каде што од 10.499 кандидати, 4.736 се жени, што е околу 45 отсто. Но, овој податок ништо не значи доколку нема прецизна анализа на кои места од кандидатските листи се поставени жените.

Ова упатува на првичен заклучок дека бројот на жени што се кандидирани од политичките партии или како независни кандидатки генерално расте многу бавно, а на локалните избори со брзина „на полжав“.

Потребни се законски измени за поправична застапеност

Бидејќи состојбите бавно се менуваат, имајќи и предвид дека требаше да минат 33 години од независноста за С. Македонија да ја добие првата жена претседател на држава во ликот на Гордана Сиљановска Давкова, веројатно е потребен законски поттик на политичките партии од кои главно зависи правичната застапеност.

Во сегашната законска регулатива тоа е решено со Изборниот законик кој во членот 64 регулира што треба да содржи листата што се поднесува за кои било избори, при што е наложено дека 40 отсто од кандидатите, било за парламентарни или локални избори треба да бидат жени, односно употребениот термин е „помалку застапениот пол“. Со овој член е регулирано и местото на листите. Па така во ставот пет од чл. 64 се наведува:

Во поднесената листа на кандидати за пратеници од ставот (2) на овој член и за членови на совет на општината и градот Скопје од ставот (3) на овој член, најмалку 40% од кандидатите му припаѓаат на помалку застапениот пол и тоа на секои три места најмалку едно место му припаѓа на помалку застапениот пол и дополнително уште најмалку по едно место на секои десет места.

Ова практично значи дека дури партијата да е најконзервативна во поглед на жените во политиката, не може да ја избегне обврската на кандидатската листа било за пратеници, било за советници првата кандидатка да биде на редно место 3, но втората веќе би била на 6-то место, третата на 9-то, итн.

Промените се забележаа по 2002 година

Законската обврска откако за првпат беше воведена во 2002 година и тоа тогаш со квота од 30 отсто од кандидатите на листите е таа што помогна составот на Собранието и на советите на општините да биде барем малку поизмешан и да стигне од над 30 отсто од пратеничките,  а сегашното законско решение за распоредот на листите е од 2006 година. Во 2015 година е направена уште една измена каде што квотата се зголемува од 30 на 40 отсто. Овој краток приказ може да се види во графичката објава подготвена од Институтот за демократија Социетас цивилис до Скопје. Но и покрај сите заложби на пример бројот на жени во Собранието не надмина во процент 36 отсто колку што изнесува во сегашниот пратенички состав.

Во Студијата за учество на жените во политичките процеси во Северна Македонија, именувана како „Мешана слика за родовата еднаквост во контекст на локалните избори во 2021 година“, како најзначајни фактори за промена на застапеноста на жената во политиката, 78 отсто од граѓаните сметаат дека тоа зависи од промена на свеста, а дури 70 отсто сметаат дека се потребни суштински промени во партиите да вклучат повеќе жени (стр. 3 од Студијата).

Во заклучоците и препораките на стр. 6, меѓу другото пишува:

Има докази дека постои значителна јавна поддршка за политичка застапеност на жените, особено како градоначалници. Сепак, политичките партии не одговорија задоволително на оваа поддршка и барање. Овој факт поткрепен со докази треба да се истакне како повод за предлагање измени во изборниот систем, вклучително и внатрепартиските демократски процеси, со цел да се зголеми бројот на жени избрани на градоначалнички места.

А за кандидатските листи за советници како главен проблем се наведуваат и затворените листи.

Потребно е да се воведат одредби во Изборниот законик за да се обезбеди рамномерна родова застапеност кај носителите на кандидатските листи. Потребно е да се воведе т.н. „патент систем“ на вертикален паритет, во кој партиите наизменично поставуваат жени и мажи на нивните кандидатски листи, притоа постигнувајќи поправедна и побалансирана застапеност.

Во студијата изработена во рамките на проектот „Поддршка на изборни реформи” на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) има и серија други препораки, но се чини дека без промена на Изборниот законик во овој дел, резултатите и натаму ќе бидат незадоволителни. Што би било штета за земја во која жената добила право на глас уште во далечната 1946 година.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција