Повторно изникна теоријата на заговор за „запрашување од авиони“
Станува збор за повеќе пати прокламирана теорија на заговор чии приврзаници дезинформираат дека постои тајна организација од влада во сенка, која што ја прска земјата, односно ја „запрашува“ со отрови, со хемиски супстанци итн, со цел да предизвика депопулација. Но, таа е многупати дебанкирана. Во земјава, наспроти изнесеното во објавата постојат луѓе кои се болни од различни дијагнози, а и според Институтот за јавно здравје, грипот е во екот на сезоната. Точно е дека воздухот е загаден, но тоа не е од труење од авиони.
Во објавата што ја рецензираме станува збор за повеќе пати прокламирана теорија на заговор чии приврзаници дезинформираат дека постои тајна организација од влада во сенка, којашто ја прска земјата, односно ја „запрашува“ со отрови, со хемиски супстанци итн, со цел да предизвика депопулација. Но, таа е многупати дебанкирана. Во земјава, наспроти изнесеното во објавата, постојат луѓе кои се болни од различни дијагнози, а и според Институтот за јавно здравје, грипот е во екот на сезоната. Точно е дека воздухот е загаден, но тоа не е од труење со користење на авиони
Рецензираме објава на социјалната мрежа „Фејсбук“ во која пишува:
Луѓе, не сте болни затруени сте! (Очекувам после оваа објава повторно фб да ме блокира)
Во склоп на објавата има фотографија креирана со вештачка интелигенција од авион кој прска поседи, површини на земјата.
Станува збор за повеќе пати прокламирана теорија на заговор чии приврзаници дезинформираат дека постои тајна организација од влада во сенка, која што ја прска земјата, односно ја „запрашува“ со отрови, со хемиски супстанци итн, со цел да предизвика депопулација. Приврзаниците на оваа теорија на заговор, во текот на ковид пандемијата особено ги ширеа ваквите измислици, кога сугерираа и дека „симптомите на ковид се од запрашувањето а не од вирусот“.
Уште пред 9 години (ноември 2016) група од 77 научници објави извештај за наводите дека „некои авиони нè прскаат со хемиски супстанци“. Од тие 77 научници, 76 изјавија дека не нашле докази за „тајна атмосферска програма од големи размери“. Со други зборови, доказите укажуваат на тоа дека патеките од авионите се очекуваниот резултат на авионите што летаат во воздухот.
Теоријата на заговор за хемиско прскање од авиони, честопати се доведува во корелација со контрејлс – трагите од авионите (водена пареа) што остануваат зад нив како резултат на кондензација, но се видоизменува во „кемтрејлс“ за да се сугерира дека хемиски сме труени од воздухот преку различни програми. Ова е измислица. Професорот Дејвид Кит од Универзитетот Калгари, се сретна со луѓе загрижени дека постои прскање од авиони, односно кемтрејлс. Видеото од неговата посета, која што била снимена, може да се најде на следниот линк .
Тој им се обраќа на лицата што имаат сомнежи дека постои „хемиско прскање со авиони“ да се запрашаат како може да се толку сигурни дека навистина има некоја голема теорија на заговор и да станат отворени и кон рационални образложенија. На пример, кога би имало програма за пуштање токсини од авиони од големи размери, тогаш, би морало да има и програма за производство на овие материјали, која мора да биде огромна. Ако таква програма постоела, би вклучувала илјадници или десетици илјади луѓе. Би било многу тешко да се држи таква програма во тајност зашто би протекле документи, фотографии или некои информации. Дополнително, вели тој, кога таква програма би била со цел да му се наштети на здравјето на луѓето, тогаш луѓето кои се вработени во програмата, би имале многу силни лични мотивации да ѝ го откријат тоа на јавноста. Со други зборови – би имало и укажувачи („свиркачи“) што ќе ја издадат.
Кит вели:
Ако верувате во кемтрејлс, запрашајте се како може да сте толку сигурни дека има навистина некаква голема теорија на заговор. Имајте предвид алтернативни, едноставни објаснувања. Запомнете дека интернетот е исполнет со луѓе кои се апсолутно сигурни за работи кои не се вистина. Запомнете дека владите може да чуваат тајни коишто вклучуваат само неколку луѓе, но многу се невешти кога треба да чуваат голема програмска тајна. Ако мислите дека контрејлс од авионите изгледаат различно или се чудни, имајте предвид дека авионските кондензациски траги некогаш траат подолго време и начинот на кој изгледат може ненадејно да се промени бидејќи авионите летат низ различни температури и влажност. Ова е многу добро разбрано и демонстрирано од опсервации и научни докази спроведени од илјадници луѓе низ многу децении.
Што се однесува до „кемтрејлс“ теориите на заговор, истите досега се повеќепати разоткриени од проверувачите на факти, меѓу кои, чешкиот сервис за проверка на факти, Manipulatori.cz., српскиот сервис Istinomer.rs , како и во повеќе рецензии на „Вистиномер“.
Во објавата се тврди „луѓе не сте болни, затруени сте“. Точно е дека воздухот во земјава е загаден, но тоа не значи дека тоа е поради авиони од кои се врши запрашување. Имено, Јавното обвинителство Скопје нареди вонредни инспекциски надзори на загадувачите на воздухот во главниот град.
Дејствијата се преземаат во рамките на предмет поврзан со загадувањето на воздухот во Скопје, а сите надлежни институции се задолжени да изготват соодветни извештаи од извршените контроли и да ги достават до обвинителството.
Во земјава, наспроти изнесеното во објавата постојат луѓе кои се болни од различни дијагнози, а и според Институтот за јавно здравје, грипот е во екот на сезоната.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар