Повторно извештај или секое чудо за (медиумите трае) три дена

Европската четврт во Брисел. Фото: William Murphy, 2010
Европската четврт во Брисел. Фото: William Murphy, 2010

 

Еден од главните проблеми е краткиот век на медиумскиот интерес за ваков вид документи. Еднаш пласирани како вест, тие не се искористуваат понатаму за споредување со активностите кои ги спроведува власта, за потсетување на власта за поставените/преземените обврски и контрола на активностите на власта низ призмата на поставените цели и вредности во извештајот.

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевскаексперт за човекови права

 

Европската комисија повторно подготви извештај за одвивањето на процесот на асоцијација на Република Македонија кон ЕУ (“Стратегијата за проширување и главните предизвици 2014-2015“). Медиумите го ставија документот на насловните страни.

Читањето, презентирањето, анализирањето и искористувањето на овој вид меѓународни документи е исклучително значајно, а за медиумите претставува како огромен предизвик, така и појдовна точка за натамошно истражувачко известување. Дел од можностите кои ги отвораат меѓународните документи за медиумите беа спомнати во неколку претходни анализи (на пример: Без анализа на меѓународните документи и медиумите стануваат дел од манипулацијата, Меѓународните документи се анализираат и се користат).

Во оваа анализа ќе се задржиме на четири елементи кои можат да бидат од интерес за медиумите.

 

  1. БАЛАНСИРАНОТО ИЗВЕСТУВАЊЕ

Како и за многу други прашања кои се однесуваат на функционирањето на државата, така и за пренесувањето на пораките дадени во извештајот може да се исцрта многу јасна линија на поделба меѓу медиумите.

Според дел од медиумите (на пример: 24Вести, А1он) клучна порака на извештајот е назадувањето во неколку области и неуспехот на Владата да испорача доволно околу голем дел прашања, односно, „Македонија е тргната по опасен пат“. Овие медиуми ги истакнуваат/потенцираат критиките, назадувањето и неисполнетите реформски зафати, со мал или никаков осврт на напредокот или остварените реформски зафати:

Недостаток на доверба во општеството, нејасна линија на поделба меѓу државата и партиите на власт, непочитување на слободата на изразувањето и на медиумите, недоволен квалитет на судството, прегломазна и исполитизирана јавна администрација, слаба фискална дисциплина и нетранспарентност на владата. (Либертас)

Друг дел од медиумите го потенцира фактот дека Македонија и по шести пат добива препорака за започнување на преговорите (на пример: Сител, Вест, Максим). Овие медиуми го концентрираат вниманието на самото добивање на препораката, со минимално спомнување на проблемите и застојот во реформите. На иста линија се и:

Заклучокот е јасен: со или без црни понеделници и опозициски бојкот Македонија добиваше, добива и ќе добива нови препораки, ама со идентични пораки: преговорите со ЕУ треба да започнат. (Дневник)

 

Во извештајот се вели дека, севкупно, земјата продолжува доволно да ги исполнува политичките критериуми, го заврши најголемиот дел од реформите во однос на правосудниот систем и на јавната администрација и има направено прогрес откако стана земја-кандидат во 2005 година. (Вечер)

 

…Извештајот е многу искрен и носи препораки до власта, опозицијата како и до членките на ЕУ. (Телеграф)

Интересна анализа на медиумското претставување на извештајот нуди Радио Слободна Европа, под наслов: „Извештајот на ЕУ – главна тема во сите медиуми“.

Дел од медиумите прават навидум балансирани извештаи, меѓутоа со видливи контрадикторности. На пример, во Дневник, под наслов „За Македонија шеста препорака за преговори и критики за политичкиот дијалог“, се вели:

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе на вчерашната прес-конференција по објавувањето на извештајот за напредокот на земјите-кандидати и аспиранти за членство во ЕУ оцени дека евроинтегративниот процес на Македонија е во ќор-сокак и дека е потребна акција за подобрување на состојбата со слободата на изразување, медиумите и независноста на судството.

За неколку редови подолу да се утврди дека:

Позитивни оценки се изнесени за реформите на правосудството, полицијата, јавната администрација и економските политики, а Kомисијата најавува дека ќе побара и преглед на Рамковниот договор, со цел да се комплетира неговото спроведување.

Еден од ретките медиуми во кои е направена анализа на генералните пораки дадени во извештајот е Утрински Весник, во написот под наслов „Извештај на ЕК – Македонија ни напред ни назад“, а пообемна анализа има направено и во рамките на интернет порталот MK News.

Во ниту еден медиум не е направена квантитативна анализа на оценките дадени во извештајот. На пример, колку пати во извештајот се употребува изразот „лимитиран (ограничен) напредок“, колку, изразот „одреден напредок“, „мал напредок“, изразот „не е во согласност со поставените барања“, или пак, „добар напредок“, …. Табеларното прикажување на различните изрази кои се употребуваат во извештајот, може да даде многу јасна слика за генералната оцена која произлегува од него.

 

  1. КОНТИНУИТЕТ

Медиумите многу малку внимание посветуваат на отсликување на развојната (временска) линија на поднесените извештаи. Презентирањето на временската линија на генералните или посебните оценки може да даде многу пластична слика за случувањата во Република Македонија.

Еден од главните проблеми е краткиот век на медиумскиот интерес за ваков вид документи. Еднаш пласирани како вест, тие не се искористуваат понатаму за споредување со активностите кои ги спроведува власта, за потсетување на власта за поставените/преземените обврски и контрола на активностите на власта низ призмата на поставените цели и вредности во извештајот.

Како и после секој извештај, медиумите ги пренесуваат изјавите на претставниците на власта:

Откако извештајот ќе биде анализиран, тој најави дека ќе се почне со активности за подготовка на Акцискиот план, а истовремено Секторот за европски прашања ќе организира заедно со другите владини и други државни институции носители на одредени области серија консултации, средби и дебати со НВО, академската заедница, со приватниот сектор и сите други чинители кои можат да придонесат Република Македонија во иднина да покаже поголем прогрес. (Максим)

 

Сите заедно, посветено и одговорно, да работиме за остварување на нашите стратешки цели. Без оглед на забелешките нотирани во извештајот, нашата примарна цел секогаш треба да биде напредокот на Република Македонија, рече претседателот Иванов. (Вечер)

 

Без оглед на таквите изјави кои може да имаат политичка конотација, нагласи Бесими, за нас останува да работиме на содржината, а тоа се судството слободата на изразување, добрите меѓуетнички односи, политичкиот дијалог и добрите соседски односи, односно  надминување на отворените прашања со соседите. (Lider)

Меѓутоа, во текот на годината не се навраќаат на овие изјави, не ги потсетуваат политичарите, не ги искористуваат за поставување новинарски прашања.

 

  1. ТЕМАТСКИ ЦЕЛИНИ

Во обидот да ја отсликаат генералната оцена на извештајот, медиумите не се зафаќаат со одделни области. Отсуствува специфичен и специјализиран интерес на медиумите за конкретни области, што би овозможило како попродлабочена анализа така и искористување на експертското и стручно знаење.

Анализата на одделни тематски целини, на одделни подрачја со кои се бави извештајот, всушност треба да го привлече долгорочниот интерес на медиумите. На пример, глават 19 од извештајот – социјална политика и вработување. Забелешката дека „Немало подобрување во капацитетот за спроведување инспекции кои се однесуваат на здравјето и сигурноста на работа“, може да се поврзи со конкретните ситуации во погоните, со големиот број смртни случаи на градежните објекти, со непочитувањето на забраните за работа во периодите кога е прогласена вонредна состојба заради високите температури…

 

  1. КВАЛИТЕТ НА САМИОТ ИЗВЕШТАЈ

Извештајот на ЕК смее и треба да се анализира и од аспект на неговата внатрешна (не)противречност, односно конзистентноста со претходните извештаи и развојот на препораките.

Извештајот мора да се коментира не само од аспект на анализите и препораките упатени кон Република Македонија, туку и од аспект на квалитетот на самиот извештај, соодветноста на податоците врз кои се базира и доследноста во поставените вредности и цели.

Интересен аспект на една продлабочена анализа би било поставување на извештајот во контекстот на актуелната политичка ситуација во која дејствува ЕК во конкретната извештајна година. Токму врз основа на доминантните параметри содржани во извештајот, можат да се изведат паралели и заклучоци како за односот на ЕУ кон Република Македонија, така и за приоритетите кои испливуваат на површина во различни години (само како пример, во извештаите од 2012 година натаму, во насловот на главата 27, покрај животната средина се појавува и промената на климата, што го нема во претходните извештаи).

Позитивен исчекор во претставувањето на извештајот е тоа што во повеќе медиуми се дадени врски (линкови) со целосниот текст (на пример Press24, Либертас, …). Меѓутоа, медиумите не даваат врска (линк) со текстовите на претходните извештаи на македонски јазик, што би им помогнало на граѓаните во добивањето соодветна информација.

Во секој случај, извештајот не може да биде за медиумите само еднократна вест. Тој претставува документ кој ја дава рамката на политичкиот, економскиот и општественикот развој во државата и како таков треба да биде предмет на постојана употреба од страна на медиумите.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција