Повторно се сее страв околу центрите за процесирање мигранти во Албанија
Албанија нема да прими 36.000 мигранти годишно, бидејќи лицата што ќе поминат низ двата центра за процесирање во Шенѓин и Гајдер нема да можат да излезат од нив. Отворањето на центрите се одолговлекува уште од летоска, а тоа што првите мигранти беа испратени кон центрите за процесирање во истиот ден кога Албанија ги започна преговорите за ЕУ е коинциденција. Бројката од 36 илјади е максималниот капацитет на центрите, а не загарантирана бројка на мигранти што ќе бидат задржани во истите
Албанија нема да прими 36.000 мигранти годишно, бидејќи лицата што ќе поминат низ двата центра за процесирање во Шенѓин и Гајдер нема да можат да излезат од нив. Отворањето на центрите се одолговлекува уште од летоска, а тоа што првите мигранти беа испратени кон центрите за процесирање во истиот ден кога Албанија ги започна преговорите за ЕУ е коинциденција. Бројката од 36 илјади е максималниот капацитет на центрите, а не загарантирана бројка на мигранти што ќе бидат задржани во истите
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која е споделена фотографија од два наслова од новинарски написи и текст кој гласи:
Придобивките од ЕУ одма се гледаат.
Албанија ќе биде културно збогатена. Не се многу, 36000 годишно треба да примаат ама битно ќе преговараат
Во објавата е споделена следната фотографија од написите, односно се скриншот од две вести објавени на Алфа и Дојче Веле:

Но, објавата погрешно поврзува два настана кои немаат ама баш никаква врска еден со друг. Поточно, целта на објавата е да го уплаши народот небаре со самото отворање на преговорите, Албанија веднаш ќе добие 36 илјади мигранти како дел од евроинтеграцискиот процес. Доколку се отвори и прочита веста од Дојче Веле, може да се најде следниот параграф:
Според плановите на Мелони, мигрантите прво ќе бидат донесени во кампот во албанското пристаниште Шенѓин за првична проверка. Тие потоа ќе бидат префрлени во главниот камп во Ѓадер, каде Италија ќе ги испита нивните барања за азил надвор од италијанската јурисдикција. Оние кои ќе добијат азил потоа ќе можат да отпатуваат за Италија, додека оние чие барање ќе биде одбиено, ќе бидат депортирани од Албанија, пишува во написот на ДВ.
За појаснување, договорот за изградба на овие центри за процесирање на мигранти беше склучен уште во ноември минатата година. А, овој договор албанскиот парламент го ратификуваше во февруари оваа година. Центрите во Шенѓин и Гајдер требаше да се отворат уште летоска, но бидејќи нивното отворање беше одложувано неколку пати, мигрантските центри се отворија минатата недела. Тоа што Албанија ги отпочна преговорите за влез во ЕУ во истиот ден кога тргнаа мигрантите кон центрите во Шенѓин и Гајдер од Италија е чиста коинциденција.
Како што напоменавме, планот за отворање на овие центри е повеќе од една година стар, а повеќе од половина година е поминато од ратификацијата договорот. А, нема никакви индиции дека се координирало времето за отворање на центрите за коинцидира со започнување на преговорите, особено затоа што тргнувањето на мигрантите не претставува позначаен момент од наредниот ден кога истите мигранти пристигнаа на албанските брегови.
Второ, како што веќе пишуваше Вистиномер во претходен напис, двата центра во Шенѓин и Гајдер, ќе бидат само тоа – центри за процесирање. Лицата сместени таму нема да можат да излезат надвор од овие центри и слободно да се шетаат на територијата на нашиот западен сосед. Мигрантите ќе бидат сместени во овие центри сè додека не им се процесира и не им се одреди статусот на нивната апликација за азил. Оние што ќе бидат прифатени ќе бидат понатаму преместени во Италија, а оние апликанти што ќе бидат одбиени ќе останат во центрите сè додека не се обезбеди соодветен начин да бидат репатрирани.
Дополнително, бројката од 36 илјади што се споменува во објавата е сосема извадена од контекст. Во објавата стои:
Не се многу, 36000 годишно треба да примаат ама битно ќе преговараат
Оваа бројка погрешно се интерпретира и пласира како да е бројка на загарантирани мигранти што Албанија ќе мора да ги прими за да може да продолжат со преговорите за евроинтеграција. Всушност, како што пишува во неколку медиуми, според договорот ова е максималниот капацитет на мигранти што ќе може да бидат примени и процесирани во двата центра на годишно ниво, односно под 3.000 мигранти месечно:
Според договорот од 2023 година, Албанија се согласи да прима до 36.000 машки мигранти, пресретнати во меѓународни води секоја година, во два центра за процесирање на азил во северна Албанија, пишува во Политико.
Ова не значи дека секој месец тие ќе го достигнат максималниот капацитет на мигранти во овие центри.
Според Алџезира, центрите ќе работат според италијанскиот закон и ќе бидат составени од италијанско обезбедување и персонал, а судии од Рим ќе ги сослушуваат случаите преку видеоразговори. Начинот на функционирање на овие центри – држава членка на ЕУ да има јурисдикција на територија на држава што не е членка на ЕУ, е без преседан и повлече доста критики, но, сепак, останува на овие две држави да ги водат центрите според сите стандарди за заштита на човекови права.
И, на крај треба да споменене дека фразата „Албанија ќе биде културно збогатена“, не е случајно вметната во оваа објава. „Културно збогатување“ или „cultural enrichment“ е добро познат екстремно-десничарски „dog whistle“ (или свирче за куче) и претставува суптилно насочена политичка порака наменета за одредена група. Во овој случај, фразата се користи иронично и е насочена кон екстремната десница и антимигратските групи, кои интерпретираат каква било вест поврзана со мигранти како крајно заканувачка за суверенитетот на една држава и доминантната култура во неа.
Според горенаведените факти, сметаме дека оваа објава е манипулативна и има силни капацитети да ги наведе корисниците на социјалната мрежа да дојдат до сосема погрешни заклучоци во однос на намената, работата, капацитети и функционирањето на двата центри за процесирање на мигранти кои се отворија во Албанија. Нема никакви докази дека отворањето на мигрантските центри било услов за Албанија да ги отпочне преговорите за ЕУ и е чиста коинциденција тоа што датумот кога биле испратени мигрантите од Италија кон Албанија, се поклопил со денот кога Албанија ги започна преговорите за евроинтеграција. Со оглед на сето ова, оценуваме дека објавата манипулативна, односно дека ѝ недостига контекст.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар