Повторно се шират теории на заговор за ковид вакцините
Во објавата се повторуваат некои од најпроминентните и најопстојувачките елементи на дезинформации кои се ширеа за вакцините во текот на вакцинацијата против ковид-19.
Во објавата се повторуваат некои од најпроминентните и најопстојувачките елементи на дезинформации кои се ширеа за вакцините во текот на вакцинацијата против ковид-19
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која е објавено видео и пишува:
Вакцинација – една од најголемите гревови и злостори вршени над човештвото! Под итно стопирање на кемтрејлс (запрашување на небото) воздухот особено од авиони со разновидни бојни отрови, особено со сарин, рицин, графен оксид, метали и хемиски средства, труење на храната (ГМО храната) и водата, уништување на сите наводни „вакцини“ против наводниот ковид 19 како и на сета поставена 5Г мрежа во светот!!!
Во склоп на објавата се споделува видеоматеријал во кој доктор Фајез Кирстен (кој во текот на ковид-19 пандемијата го негираше нејзиното постоење) тврди дека пандемијата со ковид не била „вистинска пандемија“. Tој вели дека ги истражувал сите достапни податоци за вакцините и заклучил дека тоа „не се вакцини туку биолошко оружје за масовно уништување“, развиено „за да убие многу луѓе“, за „следење и контролирање“. Тој додава дека побарал стопирање на вакцинацијата во Јужноафриканската Република. Се изјаснува дека „видел дека многу луѓе ќе бидат болни и дека здравствената криза ќе расте“. Во видеото тврди дека „видел многу мртви луѓе зашто знаел што доаѓа“. Кирстен додава дека кога почнал да зборува за „оружје со насочено дејство“ му оневозможиле да гостува на радио, дека планирал на радио да зборува за депопулацијата, дека бил „гаѓан“ (цело време бил целно зрачен). Вели дека 20 години ја истражува „глобалистичката агенда за депопулација“, но дека луѓето му зборувале оти се работи за теорија на заговор. Вели дека контролата на умот преку медиумите е неверојатна, а вакцината е „дел од контролата на умот“.
Во луѓето инјектираа нано технологија, графен, со што сега ги контролираат мислите, емоциите и однесувањето на луѓето, вели тој во видеото (5 минута и 15 секунда во материјалот) и додава дека сега „сите информации од телата на луѓето се праќаат екстерно на надворешни сервери за вештачка интелигенција“. Додава дека ковид вакцините и 5Г „работат заеднички“ и луѓето се масовно „озрачени до смрт“.
Целата објава е теорија на заговор и полна со дезинформации. Елементите на оваа теорија на заговор се дека „пандемијата со ковид-19 била испланирана за да се вакцинираат луѓето со генетски модифицирани вакцини, кои имаат за цел да ги чипираат луѓето и потоа да ги контролираат преку 5Г мрежата“ – но таа не е ништо ново и Вистиномер на оваа тема има пишувано многу пати.
Вакцините не се ниту грев, ниту злосторство. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година. Придобивките од вакцинацијата се многубројни и вакцините се најголемото достигнување на медицината. Ковид-19 не е „план за депопулација“ туку вистинска пандемија која го погоди светот и тоа го покажува фактот што светското население од ден на ден сè повеќе расте и се зголемува бројот на луѓе кои живеат на планетата Земја. На следниот линк може да се видат бројките за светското население во 2019 и во 2023 година и да се види дека бројот само продолжува да расте.
Не постои прскање на луѓето од авиони (кемтрејлс), туку се работи за белите траги коишто авионите ги создаваат за време на летовите. Според истражувачите од Универзитетот Харвард од САД, кои проучувале вакви заговорнички теории, не е најден „ниту еден веродостоен доказ дека кемтрејлс постојат“.
Студија на Форбс покажа дека панел од 76 хемичари и научници од Универзитетот Ирвин, Калифорнија, изјавиле дека никогаш не дошле до докази оти постојат големи програми за хемиско прскање од авиони, со цел да се наштети на здравјето на граѓаните и со цел да се влијае на атмосферата.
5Г мрежата која се спомнува во објавата нема никаква врска со вакцините. Теоријата на заговор дека 5Г мрежата и некакви непостоечки микрочипови во вакцините се комбиниран напор да се контролира населението – каде се движи, што прави, што купува, па дури и идеите дека со непостоечките чипови ќе се контролира мисловниот процес на индивидуата која е вакцинирана – е само смешна теорија на заговор, непоткрепена со никакви факти, невтемелена во реалноста. 5Г технологијата во комуникациите и вакцинацијата во здравството не се поврзани.
Ковид пандемијата, наспроти изнесеното беше вистинска пандемија. Коронавируост за прв пат се појави во Кина на крајот на декември 2019 година.
Професорот по инженеринг и радиологија на Њујорк Универзитетот, Теодор (Тед) Рапапорт, во интервју за Ју Ес Еј Тудеј изјави дека луѓето треба да се позагрижени да ставаат крем со заштитен фактор против сончеви УВ зраци, отколку за 5Г мрежата и нивните мобилни телефони.
Само во Северна Македонија болниците и дневните статистики на Министерството за здравство во екот на пандемијата покажуваа слика на дури 40 починати од ковид во еден ден.
Вирусот е докажан и изолиран.
Вакцините не се „биооружје за масовно уништување развиено да убие многу луѓе“ и да ги следи. Напротив, со нив се спасени милиони животи.
Вакцините спречија 19,8 милиони од потенцијалните 31,4 милиони смртни случаи во текот на првата година, откако првпат беа воведени во декември 2020 година до декември 2021 година, се вели во студија објавена од Форбс.
Тврдењата дека ковид вакцините, кои беа изработени со мРНК технологијата, содржат ГМО и нанотехнологија се лажни. Во вакцините против ковид-19, нема мРНК модифицирачка трансхуманистичка нанотехнологија. Тие не се поврзани со 5Г мрежата и не може да станат „оружје со насочено дејство“.
Вакцините против ковид не го контролираат умот, не се поврзани со никакви надворешни 5Г мрежи.
Преку вакцините во луѓето не се инјектира нанотехнологија, ниту графен оксид.
Не е точно ни дека „сите информации од телата на луѓето се праќаат екстерно на надворешни сервери за вештачка интелигенција“. Ова едноставно не е можно и вакцините не се „преносници“ на информации кон надворешниот свет ниту кога ќе се вакцинираат се „озрачени до смрт“.
Речиси сите релевантни институции излегоа со извештаи дека нема докази дека 5Г мрежата има влијание на имунолошкиот систем и дека е штетна по човечкото здравје, а таа секако не е поврзана со вакцините. Мобилната 5Г мрежа никако не влијае ниту на вируси, ниту на бактерии, и не може да шири болести. Состојките на ковид вакцините се јавно достапни и во нив нема нешто што може да биде активирано од 5Г мрежа и да предизвика болести во телото на вакцинираните.
Ваквиот наратив е подготвен со цел креирање паника кај вакцинираните и отпор кон примање на вакцините. Се работи за објава што претставува комплетна теорија на заговор.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар