Повторно се шири теорија на заговор дека Западот поттикнувал протести во Украина, а сега во Грузија

Протести во Грузија | Jelger Groeneveld, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Западот не се состои од „хегемони“, ниту пак ги поттикнувал Евромајдан протестите. Наспроти тврдењата во објавата дека протестите во Грузија биле инсталирани од „западните хегемони со свои инсталирани луѓе“ фактите се поинакви – самите Грузијци протестираат. о објавата се релативизира фактот што Башар ал Асад во Сирија владеел диктаторски, па на ироничен начин се наведува дека „сè што не е ЕУ мириса на диктаторство и заостанатост“.

Западот не се состои од „хегемони“, ниту пак ги поттикнувал Евромајдан протестите. Наспроти тврдењата во објавата дека протестите во Грузија биле инсталирани од „западните хегемони со свои инсталирани луѓе“ фактите се поинакви – самите Грузијци протестираат. Во објавата се релативизира фактот што Башар ал Асад во Сирија владеел диктаторски, па на ироничен начин се наведува дека „сè што не е ЕУ мириса на диктаторство и заостанатост“

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Западњачките хегемони пак не мируваат и поттикнуваат нереди преку свои инсталирани „револуционери”, Грузија по сценариото на Украина и Евромајданот кој однесе мноштво жртви во име на „вредностите” еуропски. Но антихристовите претечи ја превидоа моќта, истрајноста и посветеноста на Русија, па она со Украина нема да испадне по нивните замисли (а мислам дека ни Грузија нема да бидне). Тоа се тие ЕУ вредности, и тој ЕУ сон кој мириса на “слободарие” и “демократие”. Во право е Сергеј Лавров кога вели “се чини дека човековите права се „знамето“ на западната дипломатија, било да е тоа НАТО, Европската Унија или САД.” САД кој е инволвиран и во она што во Сирија се случува спонзорирајќи ги терористите. Оти сето отаде ЕУ (имено чедо на САД) наративот и “воук” културата мириса на “диктаторство” и “заостанатост”. Вавилонската блудница пак се впрегна во војна со Бога. А исходот на тој кој против Бога војува веќе од старт е познат. ПС има ли македонски политички лик од позицијата или опозицијата кој има смелост да ја разобличи ЕУ блудницава и зошто не? (реторичко ми е прашањево).
Не е точно изнесеното во објавата што ја рецензираме дека „западните хегемони“ се тие што ги поттикнале протестите во Грузија (што се случуваат во моментот), во Украина (Евромајдан, бран демонстрации со почеток во 2013 година). Протестите од 2013 година познати како Евромајдан во Украина се спонтани протести кои ги започна украинскиот народ откако тогашната украинска влада ги суспендираше подготовките за потпишувањето на Договорот за асоцијација и Договорот за слободна трговија со Европската Унија.
На протестите Евромајдан потоа се приклучија студентите, а демонстрациите се засилија поради насилството што беше применето за нивно гушење. Бројни невладини организации, светски медиуми и организации ги претставуваат настаните на Евромајдан како најголемиот проевропски бунт во историјата на Украина.
Во објавата што ја рецензираме се прави обид тој протест и тие демонстрации да се претстават како „нарачка од западни хегемони“. Вистината е дека и таму и во Грузија, каде што во моментот има протести, самите граѓани на суверените држави се тие што се незадоволни од некои антиевропски трендови во земјата. Не се работи за револуционери кои се „пуштени да создаваат нереди“, како што тоа се вели во објавата што ја рецензираме, туку за домашни протестни движења во кои се инволвирани граѓани на државата кои се лично засегнати од политиките против кои протестираат. EU vs Disinfo пишува дека протестите Евромајдан не се оркестрирани, ниту, пак, организирани од Западот, но дека ова е проруска дезинформација.
Демонстрациите кои почнаа во Киев во ноември 2013 година наречени „Евромајдан“ беа резултат на незадоволството на украинскиот народ со поранешниот претседател Јанукович. После седумгодишни преговори, тој одби да го потпише договорот меѓу ЕУ и Украина и го успори напредокот на Украина да се доближи до ЕУ, поради руски притисок. Демонстрантите бараа уставни измени, посилна улога на Парламентот, формирање влада на национално единство, крај за корупцијата, крај на насилството и предвремени претседателски избори, пишува EU vs Disinfo.

Западот не се состои од „хегемони“, ниту, пак, ги поттикнуваше Евромајдан протестите. Наспроти тврдењата во објавата дека протестите во Грузија биле инсталирани од „западните хегемони со свои инсталирани луѓе“, фактите се поинакви – самите Грузијци протестираат. Во Грузија и во минатото кога имаше протести повторно тоа беше злоупотребено за истата реторика која ја има и во оваа објава – дека се оркестрирани од Западот.

Но, фактите се дека граѓаните на Грузија во моментов одржуваат антивладини демонстрации, велејќи дека не се борат само за нивната европска иднина, туку и против руското влијание. Деноноќните протести во главниот град Тбилиси и ширум земјата се одвиваат и покрај полициската бруталност како обид на власта да ги спречи граѓаните на Грузија да демонстрираат против владината одлука да ги одложи преговорите за пристапување кон Европската Унија до 2028 година.

Барањата на протестите, како што пренесе „Дојче Веле,“ се нови избори и враќање на земјата на европскиот пат, којшто е втемелен и во нејзиниот Устав.

Најголемиот број од демонстрантите веруваат дека Русија, соседот на Грузија од северна страна – ги влече конците позади сцената, пишува „Дојче Веле“. 

Демонстрантите се млади луѓе, универзитетски професори, граѓани на Грузија, а не странци. Во последно време зачестуваат неоснованите обвинувања дека странскиот фактор се обидува да внесе немири во Грузија, но факт е дека протестите започнаа кога партијата Грузиски сон реши да ги одложи пристапните преговори и да ги одбие европските средства неопходни за реформи и прогрес до 2028 година. Тоа за граѓаните е неприфатливо.

Се обидуваме да влеземе во ЕУ од нашето осамостојување. Нема да признаат дека се руски кукли, како Белорусија. Но, гледаме дека ја сопираат нашата европска иднина. Не е само суспензија, ова е ставање крај, вели универзитетски професор дел од демонстрантите за „Дојче Веле“. 

Секоја држава во Европа има власт, но и граѓани што имаат право да бидат незадоволни затоа што нивната држава се оддалечува од европскиот пат. Правото на протести е граѓанско право, некоординирано од надвор. Излишно е да се тврди дека еден центар би можел да собере илјадници демонстранти со различна возраст, социјален бекграунд и да ги изнесе на протести и во Украина и во Грузија. Обидот да се портретира дека странски западен фактор стои зад демонстрациите во различни држави, ги поткопува и ги потценува желбите, политичките права и одговорности, решенијата што самите граѓани суверено ги носат, а кои се однесуваат токму на нивните земји.

Евромајдан протестот во Украина не однесе жртви во име на европските вредности туку поради полицискиот одговор. Вкупно 108 цивили и 13 полицајци беа убиени во „Мајдан револуцијата“. Смртните случаи беа во јануари и февруари 2014 година, најголемиот дел на 20 февруари кога полициските снајпери пукаа кон антивладини активисти во Киев. Тие се познати како „небесна стотка“. До јуни 2016 година, 55 луѓе, вклучително 29 поранешни членови на специјалната полициска единица „Беркут“, беа обвинети за смртта на демонстрантите.

Во објавата се иронизираат вредностите на ЕУ – „слобода“ и „демократија“ – меѓутоа луѓето кои загинаа во Евромајдан протестите се бореа токму за слобода и демократија, независно од извртената теза.

Од март 2011 година владата на САД почна да воведува санкции за да го ослабне режимот во Сирија за да не прекине со насилството и да го притисне режимот на Асад да дозволи демократска транзиција како што бараше сирискиот народ.

САД не финансира терористи во Сирија.

Сирискиот народ издржа 14 години брутална граѓанска војна и 24 години под диктатурата на Башар ал Асад, кој остана на власт со мачење и убивање, вклучително и со хемиско оружје, на било кого од неговиот народ кој ќе се осмелеше да му се спротистави. Со руска и иранска воена поддршка на ужасниот режим на Асад беа убиени повеќе од 600 илјади луѓе од почетокот на граѓанската војна, половина од популацијата беше раселена и генерација Сиријци знаат само за војна а не и за мирен период. Луѓето на Сирија заслужуваат можност да ја испишат својата иднина и после 50 години авторитарно владеење од семејството на Асад. Критично е сите страни во конфликтот да се воздржат од идно насилство, особено против цивили, и да работат на создавање слободна и стабилна Сирија. Ги забележавме изјавите на лидерот на бунтовниците за осигурување на граѓаните, особено малцинствата и тие што живеат во области што биле окупирани од режимот, но како што преземаат голема одговорност, мора да преземат и значајна акција за да ги заштитат институциите, човековите права на сите Сиријци и да се придржуваат кон интернационалното право, напишаа од УСАИД Сирија на 8 декември годинава.

САД долго време е водечки донатор на хуманитарна помош на сирискиот народ, обезбедувајќи храна, медицински помагала и засолниште за милиони луѓе ширум Сирија и поддржувајќи ги локалните организации да ја зајакнат сириската економија, владеење на правото и есенцијалните услуги во областите што не беа под режимот на Асад.

Во објавата се релативизира фактот што Башар ал Асад во Сирија владеел диктаторски и иронично се наведува дека „сè што не е ЕУ мириса на диктаторство и заостанатост“. Фактите се дека неговиот режим е обвинет за злоупотреби на човековите права против цивили, користење на изгладување како „оружје“ во војна, предизвикувал исчезнувања и убиства, како и намерно бомбардирање на цивилни згради, вклучувајќи училишта и болници.

За САД е важно Сирија да не стане база за тероризам и да не биде закана за безбедноста на соседните земји.

САД целосно ја поддржуваат политичката транзиција предводена од Сирија и во сопственост на Сирија, која води до кредибилно, инклузивно и несекташко владеење. Нова влада, почитување на правата на малцинствата, олеснување на хуманитарната помош. Заштита на Сирија да не биде користена како база за тероризам или да претставува закана за своите соседи, обезбедување и безбедно уништување на залихите на хемиско оружје, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција