Повторно се шири теоријата на заговор за „двојниците на Хилари Клинтон и Џо Бајден“

Фото: Принтскрин ФБ пост

Станува збор за теорија на заговор на „Кју Анон“, според која политичарите од „длабоката држава“ се „заменети од нивни двојници кои носат маски“. Оваа теорија на заговор е распространета најмногу во САД, но и во Северна Македонија има свои приврзаници кои шират вакви непоткрепени тврдења

Станува збор за теорија на заговор на „Кју Анон“, според која политичарите од „длабоката држава“ се „заменети од нивни двојници кои носат маски“. Оваа теорија на заговор е распространета најмногу во САД, но и во Северна Македонија има свои приврзаници кои шират вакви непоткрепени тврдења

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделуваат фотографии од Џо Бајден и Хилари Клинтон, заедно со теоријата на заговор „Кју Анон“, според која тие политичари „се заменети од двојници“.

Уау! Дали уште има глупи и шланкати кои веруваат дека овие се Бајдо и монструмката? (орден ѝ дал). Нормално, за овие што седеа и сега седат во фотелјите? Гледате филм деца, после 20 јануари 2025 година, маските паѓаат. Македонија вечна, пишува во објавата.

Во склоп на објавата има три фотографии, една од Бајден и Хилари Клинтон, втората е споредбена фотографија од Бајден од различни временски периоди, а на третата има споредбена фотографија од Хилари и Бил Клинтон.

Наспроти изнесеното во објавата, на првата фотографија се наоѓаат Бајден и Хилари Клинтон и тоа неодамна, кога претседателот во заминување Џо Бајден меѓу другите и на Хилари Клинтон ѝ ја врачи највисоката цивилна награда во САД – претседателски медал на слободата. Меѓу наградените со престижниот медал беа и други лица а настанот беше широко опфатен од страна на врвни медиуми и кредибилни светски агенции. Има и видеоматеријали од настанот за кој нема никаков сомнеж дека се случил, а уште помалку пак, има сомнеж дека на фотографиите и видеата се наоѓаат вистинските Џо Бајден и Хилари Клинтон.

Впрочем станува збор за теорија на заговор на „Кју Анон“ според која политичарите од „длабоката држава“ се „заменети од нивни двојници кои носат маски“. Оваа теорија на заговор е распространета најмногу во САД, но и во Северна Македонија има свои приврзаници кои шират вакви непоткрепени тврдења.

Ист е случајот и со втората фотографија споделена во објавата, каде се наоѓа Бајден во различни временски периоди. Како што Вистиномер и претходно има пишувано, во смисла на дебанкирање на оваа теорија на заговор, различните агли на фотографирање, различната опрема и светло, може да придонесат за различен изглед на фотографиите, но тоа не значи дека „некој носи маска со ликот на Бајден и го заменува“ како што невистинито се сугерира во објавата што ја рецензираме. И во минатото слично се манипулираше и се ширеа невистини за „двојникот на Бајден“ или дека „тој не е Бајден туку некој носи маска со неговиот лик“, меѓутоа „Вистиномер“ покажа дека се работи за видео со висок контраст. Теоријата на заговор се шири и на странски блогови.

Ваквите тврдења за наводен двојник на американскиот претседател не се втемелени во реалноста и во фактите, туку се производ на бујна фантазија испреплетена со заговорнички приказни на Кју движењето за наводна контрола и доминација на светот од страна на длабоката држава, а Доналд Трамп пак, се претставува како спасител на светот од злите глобалисти, трговци со деца итн… Па така и во објавата како ден кога „маските ќе паднат“ се наведува 20 јануари, денот на инаугурацијата на избраниот американски претседател Доналд Трамп.

Во врска со последната фотографија од објавата што ја рецензираме, каде се објавени две фотографии од сопружниците Клинтон, со невистината дека Хилари Клинтон е со различна висина на нив, проверувачите на факти од Шпанија, од Малдита, веќе ги имаат дебанкирано. Тие пишуваат дека станува збор за теорија на заговор дека „Хилари Клинтон била уапсена судена во Гвантанамо и егзекутирана“ а потоа во јавноста се појавува нејзина двојничка. Таква теорија на заговор дебанкираше и Вистиномер.

Вашингтон пост има објавено анализа со наслов „Дали Хилари Клинтон станува повисока или интернетот станува поглупав?“. На фотографиите од Хилари и Бил Клинтон евидентно е дека визуелната разлика во висината е резултат на тоа како се позиционирани при фотографирањето.

Наспроти објавеното Хилари и Бил Клинтон на почетокот на 2025 година ја честитаа новата година на граѓаните, а потоа Хилари Клинтон се појави на доделувањето на орденот од страна на Бајден за што има долго видео од церемонијата во живо.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција