Позитивната листа на лекови сè уште не е проширена

Фото: Pixabay

 

Во предизборната програма на СДСМ се наведува дека ќe биде проширена или редефинирана позитивната листа на лекови, т.е. лековите што одат на товар на ФЗО, нешто што сè уште не е исполнето:

Ќе ја прошируваме позитивната листа на лекови барем еднаш годишно

 

[Извор: СДСМ – План за живот во Македонија, стр.226 – датум, декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Владејачката партија СДСМ во предизборната програма „План за живот во Македонија“ на неколку места има ветено ревидирање и проширување на позитивната листа на лекови, т.е. оние кои спаѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и тоа најмалку еднаш годишно. Финалното ветување е ставено на стр. 226 од Програмата, во рамките на „Планот 180 – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 6 месеци“. Што значи, според рокот за реализација наведен во Програмата,  позитивната листа на лекови требаше да биде редефинирана до крајот на ноември 2017 година (имајќи предвид дека Владата предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 г.). Сепак, тоа досега (октомври 2019 г.) не се случи, па ветувањето го сметаме за неисполнето.

Потврда дека не е исполнето може да се најде на повеќе места и од повеќе извори, но главни се два. Првиот извор е веб-сајтот на ФЗО, каде може да се види дека последната апдејтувана листа на лекови кои се наменети за примарна или болничка здравствена заштита е променета во 2015 година, преку одлука на Управниот одбор на Фондот, објавена во Служен весник.

Вториот релевантен извор е токму првиот човек на Фондот, директорот Ден Дончев, кој гостувајќи на дебатна емисија на ТВ Телма, на забелешка од неговиот соговорник д-р Игор Николов, во својство на претставник на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, потврди дека тоа е точно, но дека наскоро листата ќе била променета зашто измената на соодветниот закон била во Собранието на РСМ:

Шест до девет месеци бевме во консултација со Светска банка и Светската здравствена организација(СЗО). Го договоривме во принцип патот кон оваа крупна реформа, така што работиме на тоа…Позитивната листа веќе е во фаза на промена, е во собраниска процедура, очекуваме дека наскоро ќе помине, ќе стапи во сила и ќе се поедностави цела процедура, од 14 комисии на една комисија од 9 членови и апсолутно следи темелна реформа во позитивната листа…(од 9.40 до 10.25 мин. од видеото)

Дека овој закон е ставен во собраниска процедура уште во јули ѝ било потврдено на редакцијата на порталот НОВА, кога ја обработувале оваа тема за позитивната листа и за промените кои министерот Венко Филипче ги најавуваше уште на почетокот на годинава.

Нашето пребарување покажа дека измени или предлог за измени на споменатиот закон поминал како 140 точка на седница на Влада уште јули 2018 г., откако  е објавен на ЕНЕР лани во мај.  Законскиот предлог влегол во Собранието на РСМ во август 2018 г. и оттогаш стои таму на второ читање, т.е. по комисиите или во матичната комисија.

Патем овој Закон кој е донесен уште во 2000-та година, за 19 години претрпел 40-тина измени и дополнувања.

По сите овие ветувања давани од надлежните (министерот за здравство Филипче и директорот Дончев) во изминатиов период, може само да се констатира дека изборното ветување на СДСМ од 2016 година сè уште не е исполнето. Навистина, постојат сигнали (Дончев и Филипче) дека би можело да се очекува процесот на измена на Законот и формирање на новата Комисија да заврши до крајот на годинава, но факт е дека досега, позитивната листа не е променета.

 

ИЗВОРИ:

Оценил: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција